СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 2
„Преобразете се така што ќе го обновите својот ум“
Преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено (РИМ. 12:2)
ПЕСНА 88 Научиме за твоите патеки
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1-2. Што мора да продолжиме да правиме и по крштавањето? Објасни.
КОЛКУ често го чистиш твојот дом? Пред да се вселиш во него можеби темелно си го исчистил. Но, што ќе се случи ако никогаш повторно не го исчистиш? Јасно е дека за кратко време ќе се насобере многу прашина и нечистотија. За твојот дом да биде чист и уреден, мора редовно да го чистиш.
2 На сличен начин, потребно е постојано да вложуваме труд за да го исправаме нашето размислување и да правиме промени во нашата личност. Се разбира, пред нашето крштавање сме вложиле голем труд за да ги направиме потребните промени во нашиот живот со цел „да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“ (2. Кор. 7:1). Сепак, треба да го следиме советот што го дал апостол Павле да се обновуваме, односно и понатаму да правиме промени (Еф. 4:23). Зошто е потребно постојано да вложуваме таков труд? Бидејќи прашината и нечистотијата од овој свет можат за кратко време да се насоберат во нас. За да не се случи тоа, и за Јехова и понатаму да биде задоволен со нас, мора постојано да ги преиспитуваме нашето размислување, нашата личност и нашите желби.
И ПОНАТАМУ ДА ГО ОБНОВУВАМЕ НАШИОТ УМ
3. Што значи да го обновиме нашиот ум? (Римјаните 12:2).
3 Што треба да правиме за да го обновиме нашиот ум, односно да си го смениме начинот на размислување? (Прочитај Римјаните 12:2.) Да го обновиме нашиот ум не значи да направиме само некои површни промени во нашата личност така што ќе направиме неколку добри дела во животот. Наместо тоа, мора да се преиспитаме какви сме вистински однатре и да ги направиме сите потребни промени за колку што е можно повеќе да живееме во склад со Јеховините мерила. Ова не треба да го направиме само еднаш, туку треба да го правиме постојано.
4. Што ќе ни помогне нашето размислување да не биде обликувано од овој свет?
4 Кога ќе станеме совршени, ќе го радуваме Јехова со сѐ што правиме. Во меѓувреме, треба многу да се напрегаме за да го радуваме Јехова. Забележи дека во Римјаните 12:2, Павле рекол дека треба да го обновиме нашиот ум за да утврдиме која е Божјата волја. За да не дозволиме овој свет да нѐ обликува, најпрво мора да се преиспитаме со цел да видиме во која мера Божјето размислување влијае врз нашите цели и одлуки.
5. Како може да се преиспитаме дали веруваме дека Јеховиниот ден е близу? (Види ја сликата.)
5 Да разгледаме еден пример. Јехова сака да го имаме на ум неговиот ден (2. Пет. 3:12). Прашај се: „Дали со начинот на којшто живеам покажувам дека сфаќам колку е блиску крајот на овој свет? Дали моите одлуки во врска со образованието и работата покажуваат дека најважно во животот ми е да му служам на Јехова? Дали имам вера дека Јехова ќе се грижи за мене и за моето семејство или, пак, постојано сум загрижен за материјалните работи?“ Јехова многу се радува кога гледа дека се трудиме да ја вршиме неговата волја во сѐ што правиме (Мат. 6:25-27, 33; Фил. 4:12, 13).
6. Што треба и понатаму да правиме?
6 Треба редовно да го преиспитуваме нашиот начин на размислување и да ги правиме потребните промени. Павле им кажал на христијаните во Коринт: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Кор. 13:5). Да бидеме „во верата“ вклучува повеќе отколку само да присуствуваме на состаноците и одвреме-навреме да одиме во служба на проповедање. Во тоа се вклучени и нашите мисли, желби и мотиви. Затоа треба да продолжиме да го обновуваме нашиот ум така што ќе ја читаме Божјата Реч, ќе учиме да размислуваме како Јехова и ќе направиме сѐ што е потребно за да постапуваме во склад со неговата волја (1. Кор. 2:14-16).
ДА ЈА ОБЛЕЧЕМЕ НОВАТА ЛИЧНОСТ
7. Според Ефешаните 4:31, 32, што друго треба да правиме и зошто ова може да ни биде тешко?
7 Прочитај Ефешаните 4:31, 32. Освен што треба да го менуваме нашиот начин на размислување, треба и да ја облечеме новата личност (Еф. 4:24). За тоа е потребно да вложиме голем труд. Меѓу другото, треба многу да се трудиме да ги отстраниме лошите карактерни црти како што се злобната горчина, лутината и гневот. Зошто тоа може да ни биде тешко? Бидејќи некои негативни особини се длабоко вкоренети во нас. На пример, Библијата вели дека некои луѓе се склони кон гнев (Изр. 29:22). За некој да може да ги контролира таквите длабоко вкоренети карактерни црти, веројатно ќе треба да вложува голем труд за да се менува дури и откако ќе се крсти.
8-9. Како примерот на Стивен покажува дека постојано треба да се трудиме да ја соблечеме старата личност?
8 На еден брат по име Стивен му било тешко да го контролира својот гнев. Тој вели: „Дури и откако станав Сведок, мораше постојано да вложувам труд за да го контролирам мојот гнев. На пример, еднаш додека бев во служба од куќа до куќа, видов како еден човек ми го краде радиото од колата и почнав да го бркам. Кога виде дека му се приближувам, тој го фрли радиото на земја и продолжи да бега. Додека им раскажував на некои браќа и сестри за оваа случка, еден старешина ме праша: ’Стивен, што ќе му направеше ако го фатеше?‘ Неговото прашање ме стави на мисла и ме поттикна уште повеќе да се трудам да постапувам мирољубиво“. b
9 Од примерот на Стивен гледаме дека негативните карактерни црти можат неочекувано да излезат на површина дури и кога мислиме дека веќе сме ги отстраниле. Ако тоа ти се случи и тебе, немој да се обесхрабриш и да заклучиш дека не си добар христијанин. Дури и апостол Павле признал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Рим. 7:21-23). Сите христијани се несовршени и имаат негативни карактерни црти кои одвреме-навреме се појавуваат слично како прашината и нечистотијата кои се насобираат во нашиот дом. Мора постојано да се напрегаме за да останеме чисти. Како можеме да го правиме тоа?
10. Како може да се бориме со лошите особини? (1. Јованово 5:14, 15).
10 Моли го Јехова за помош додека се бориш со некоја лоша особина и биди уверен дека тој ќе ги чуе твоите молитви и ќе ти помага. (Прочитај 1. Јованово 5:14, 15.) Иако нема со чудо да ти ја отстрани таа особина, Јехова може да ти дава сила за да не се откажеш (1. Пет. 5:10). Во меѓувреме, постапувај во склад со своите молитви така што нема да правиш работи кои би можеле да ти ги вратат особините од старата личност. На пример, внимавај да не гледаш филмови и програми и да не читаш работи кои ги прикажуваат во позитивно светло особините кои ти се трудиш да ги отстраниш. Освен тоа, немој да размислуваш за погрешни желби (Фил. 4:8; Кол. 3:2).
11. Што може да правиме за да продолжиме да ја облекуваме новата личност?
11 Иако сме ја соблекле старата личност, важно е и понатаму да се трудиме да ја облекуваме новата личност. Како можеме да го правиме тоа? Постави си за цел да го следиш примерот на Јехова додека учиш за неговите особини (Еф. 5:1, 2). На пример, додека читаш некој извештај од Библијата во кој се истакнува колку Јехова е спремен да прости, прашај се: „Дали јас им простувам на другите?“ Кога читаш за Јеховиното сочувство кон оние кои се сиромашни, прашај се: „Дали јас покажувам сочувство кон соверниците кои имаат потреба од материјална помош, и дали тоа се гледа од моите постапки?“ Продолжи да го обновуваш својот ум така што ќе ја облекуваш новата личност и биди стрплив со себе си додека го правиш тоа.
12. Како Стивен на своја кожа почувствувал дека Библијата има огромна моќ да ги менува луѓето од корен?
12 Стивен, кој го спомнавме претходно, сфатил дека постепено може да ја облече новата личност. Тој вели: „Откако станав Јеховин сведок се соочив со многу ситуации во кои можев да избувнам. За да не се случи тоа, се трудев да се тргнам настрана од луѓето кои сакаа да ме испровоцираат или да ја смирам ситуацијата на некој друг начин. Жена ми и многу други ме пофалуваа кога гледаа дека постапувам исправно во таквите ситуации. Дури и јас бев изненаден од самиот себе! Сепак, свесен сум дека промените што ги направив не се моја заслуга. Напротив, тие се доказ дека Библијата има огромна моќ да ги менува луѓето од корен“.
ПРОДОЛЖИ ДА СЕ БОРИШ СО ПОГРЕШНИТЕ ЖЕЛБИ
13. Што ќе ни помогне да развиваме исправни желби? (Галатите 5:16).
13 Прочитај Галатите 5:16. За да ни помогне да победиме во борбата да го правиме она што е исправно, Јехова великодушно ни го дава својот свет дух. Кога ја проучуваме Божјата Реч, ние дозволуваме Божјиот дух да влијае врз нас. Свет дух добиваме и кога присуствуваме на нашите состаноци. Таму можеме да поминуваме време со нашите браќа и сестри кои, слично како нас, даваат сѐ од себе за да го прават она што е исправно, и тоа многу нѐ охрабрува (Евр. 10:24, 25; 13:7). И кога сесрдно му се молиме на Јехова да ни помогне да се избориме со некоја слабост, тој ќе ни го даде својот свет дух за да нѐ зајакне да продолжиме со нашата борба. Ваквите активности веројатно нема да ни ги искоренат погрешните желби, но ќе ни помогнат да се спротивставиме на склоноста да постапуваме според тие желби. Во Галатите 5:16 пишува дека оние кои живеат според духот, нема да им угодуваат на желбите на телото.
14. Зошто е важно да продолжиме да развиваме исправни желби?
14 Откако сме почнале редовно да учествуваме во духовните активности, важно е и понатаму да го правиме тоа и да продолжиме да развиваме исправни желби. Зошто? Бидејќи еден наш непријател никогаш не спие. Тој непријател е искушението да го правиме она што е погрешно. Дури и по крштавањето, можеби ќе нѐ привлекуваат некои работи кои треба да ги избегнуваме како што се коцкањето, злоупотребата на алкохол или порнографијата (Еф. 5:3, 4). Еден млад брат признава: „Една од најтешките работи со која треба да се борам е тоа што ме привлекуваат лица од истиот пол. Мислев дека тоа е само една минлива фаза, но сѐ уште се борам со такви чувства“. Што може да ти помогне ако имаш некоја погрешна желба која е многу силна?
15. Зошто нѐ охрабрува тоа што знаеме дека погрешните желби се нешто „што е вообичаено за луѓето“? (Види ја сликата.)
15 Додека се бориш со некоја неисправна желба која е многу силна, не заборавај дека не си сам. Библијата вели: „Не ве снајде друго искушение освен она што е вообичаено за луѓето“ (1. Кор. 10:13а). Овие зборови биле упатени до христијаните и христијанките кои живееле во Коринт. Некои од нив претходно биле прељубници, хомосексуалци и пијаници (1. Кор. 6:9-11). Што мислиш, дали после нивното крштавање никогаш повеќе не морало да се борат со погрешни желби? Сигурно дека не. Точно е дека сите тие биле помазани христијани, но сепак биле несовршени луѓе. Без сомнение, одвреме-навреме требало да се борат со погрешни желби. Ова треба да нѐ охрабри. Зошто? Затоа што, без разлика со каква погрешна желба се бориш, некој веќе се изборил со неа. Навистина, ти можеш да останеш цврст во верата, знаејќи дека истите страдања ги поднесуваат и твоите браќа по светот (1. Пет. 5:9).
16. Од која замка треба да се чуваме, и зошто?
16 Внимавај да не паднеш во замката да мислиш дека никој не може да разбере со каков проблем се соочуваш. Ваквото размислување е опасно бидејќи може да те наведе да заклучиш дека твојата ситуација е безнадежна и дека не можеш да им се спротивставиш на погрешните желби. Но, Библијата го кажува спротивното. Во неа пишува: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Кор. 10:13б). Значи, дури и кога имаме некоја погрешна желба која е многу силна, можеме да му останеме верни на Јехова. Со негова помош можеме да се спротивставиме на желбата да постапиме погрешно.
17. Иако не можеме да спречиме да ни се појавуваат погрешни желби, што сепак може да правиме?
17 Секогаш имај го на ум следново: Бидејќи сме несовршени, не можеме да спречиме да ни се појавуваат погрешни желби. Но кога ќе ни се појават, можеме решително да ги отфрлиме слично како Јосиф, кој брзо избегал од жената на Петефри (1. Мој. 39:12). Не мора да постапуваме според погрешните желби!
ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ОДИМЕ СО ИСТИОТ ВООБИЧАЕН ЧЕКОР
18-19. Кои прашања можеме да си ги поставуваме додека се трудиме да го обновуваме нашиот ум?
18 Да го обновиме нашиот ум значи постојано да вложуваме труд да ги доведеме нашето размислување и нашите постапки во склад со Јеховината волја. За таа цел, добро е редовно да си ги поставуваме следниве прашања: „Дали од моите постапки се гледа дека сфаќам колку е близу крајот на овој свет? Дали продолжувам да ја облекувам новата личност? Дали дозволувам Јеховиниот дух да ме води во животот за да можам да им се спротивставам на телесните желби?“
19 Додека се преиспитуваш, немој да очекуваш совршенство од себе, туку радувај се на својот напредок. Ако забележиш дека треба да направиш промени кај себе, немој да се обесхрабриш. Наместо тоа, постапувај во склад со советот од Филипјаните 3:16: „Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор“. Ако го правиш тоа, биди уверен дека Јехова ќе те благословува додека се трудиш да го обновуваш својот ум.
ПЕСНА 36 Да си го чуваме срцето!
a Апостол Павле ги поттикнал своите соверници да не дозволат да ги обликува светот. Без сомнение, овој совет е важен и за нас денес. Треба да внимаваме светот да не влијае врз нас во ниту еден поглед. За таа цел, мора и понатаму да го исправаме нашиот начин на размислување секогаш кога ќе сфатиме дека не е во склад со Божјата волја. Во оваа статија ќе разгледаме како можеме да го правиме тоа.
b Види ја статијата „Животот ми стануваше сѐ полош“, која излезе во Стражарска кула од 1 јули 2015.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад брат размислува дали да оди на факултет или да започне со полновремена служба.