СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 4
Зошто присуствуваме на Спомен-свеченоста
Правете го ова за мој спомен (ЛУКА 22:19)
ПЕСНА 20 Го даде својот Син за нас
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1-2. а) Кога особено се сеќаваме на некој близок што ни починал? б) Што воспоставил Исус ноќта пред да умре?
СЕЕДНО колку време поминало откако починал некој наш близок, ние не го забораваме. Особено на годишнината од неговата смрт посилно ни се враќаат спомените за него.
2 Секоја година, заедно со милиони други лица низ целиот свет, ја одбележуваме годишнината од смртта на некој што многу го сакаме — Исус Христос (1. Пет. 1:8). Се собираме заедно за да се потсетиме на оној што го дал својот живот како откупнина за да нѐ избави од гревот и смртта (Мат. 20:28). Всушност, Исус сакал неговите следбеници да се сеќаваат на неговата смрт. Ноќта пред да умре, тој ја воспоставил Господаровата вечера и заповедал: „Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Мал број од оние што присуствуваат на Спомен-свеченоста имаат небесна надеж. Но, присутни се и милиони други кои имаат земна надеж. Во оваа статија ќе видиме од кои причини и двете групи радосно присуствуваат на Спомен-свеченоста секоја година. А ќе видиме и како ни користи тоа што присуствуваме на овој настан. Најпрвин да разгледаме од кои причини присуствуваат помазаните христијани.
ЗОШТО ПРИСУСТВУВААТ ПОМАЗАНИЦИТЕ
4. Зошто помазаните христијани земаат од лебот и од виното на Спомен-свеченоста?
4 Секоја година помазаните христијани кои присуствуваат на Спомен-свеченоста земаат од лебот и од виното. Зошто е соодветно тие да земаат од овие симболи? За да одговориме на ова прашање, да видиме што се случило последната ноќ од животот на Исус на Земјата. По прославувањето на Пасхата, Исус воспоставил една нова прослава — Господаровата вечера. Тој им ги подал лебот и виното на своите 11 верни апостоли и им рекол да јадат и да пијат. Исус зборувал со нив за два сојузи — новиот сојуз и сојузот за Царството b (Лука 22:19, 20, 28-30). Овие сојузи им овозможиле на апостолите и на ограничен број други луѓе да служат како цареви и свештеници на небото (Отк. 5:10; 14:1). Како учесници во овие два сојузи, само помазаните христијани кои сѐ уште се живи на Земјата може да земаат од лебот и од виното на Спомен-свеченоста.
5. За што се свесни помазаниците во врска со надежта што ја добиле?
5 Еве уште една причина зошто помазаниците со радост присуствуваат на Спомен-свеченоста: Оваа прослава им дава можност да размислуваат за својата надеж. Јехова им дал извонредна надеж — да имаат бесмртен и нераспадлив живот на небото, да владеат заедно со прославениот Исус Христос и со останатите помазаници кои воскреснале и, пред сѐ, да бидат во самото присуство на Јехова Бог! (1. Кор. 15:51-53; 1. Јов. 3:2). Помазаниците се свесни дека можат да извршуваат таква прекрасна служба на небото само затоа што се повикани за таа задача. Но, за да бидат воскреснати за живот на небото, тие мора да останат верни сѐ до својата смрт (2. Тим. 4:7, 8). На помазаниците им носи голема радост кога размислуваат за својата небесна надеж (Тит 2:13). Но, што е со „другите овци“? (Јован 10:16). Кои се некои причини зошто тие присуствуваат на Спомен-свеченоста?
ЗОШТО ПРИСУСТВУВААТ ДРУГИТЕ ОВЦИ
6. Зошто другите овци присуствуваат на Спомен-свеченоста?
6 Другите овци присуствуваат на Спомен-свеченоста, но за разлика од помазаниците, тие не земаат од лебот и од виното. Во 1938 год., за првпат било истакнато дека и оние што имаат земна надеж се поканети да присуствуваат на Спомен-свеченоста. Во Стражарска кула од 1 март 1938 год. пишувало: „Сосема е исправно и соодветно другите овци да присуствуваат на овој состанок и да набљудуваат... Тоа треба да биде радосна прилика и за нив“. Исто како што гостите кои биле поканети на една свадба се радуваат што може да присуствуваат на прославата, така и другите овци се радуваат што може да присуствуваат на Спомен-свеченоста.
7. Зошто другите овци со нетрпение го очекуваат говорот на Спомен-свеченоста?
7 И другите овци размислуваат за својата надеж. Тие со нетрпение го очекуваат говорот на Спомен-свеченоста бидејќи во него се истакнува што ќе направат Христос и неговите 144.000 совладетели за верните луѓе во текот на илјадагодишното владеење. Под водството на нивниот Цар, Исус Христос, тие небесни владетели ќе помогнат Земјата да се претвори во рај, а послушните луѓе да станат совршени. Милионите лица од другите овци кои присуствуваат на Спомен-свеченоста чувствуваат радост додека слушаат како во иднина ќе се исполнат библиските пророштва како, на пример, оние што се наоѓаат во Исаија 35:5, 6; 65:21-23; и Откровение 21:3, 4. Со тоа што си замислуваат како живеат во новиот свет заедно со нивните блиски, им се зајакнува надежта за иднината, како и нивната решеност никогаш да не престанат да му служат на Јехова (Мат. 24:13; Гал. 6:9).
8. Од која друга причина другите овци присуствуваат на Спомен-свеченоста?
8 Да разгледаме уште една причина зошто другите овци присуствуваат на Спомен-свеченоста. Тие сакаат да им ја покажат својата љубов на помазаниците и да им пружат поддршка. Божјата Реч прорекла дека помазаниците и оние што имаат земна надеж тесно ќе соработуваат. На кој начин? Да разгледаме неколку примери.
9. Како пророштвото од Захарија 8:23 покажува што чувствуваат другите овци кон помазаниците?
9 Прочитај Захарија 8:23. Ова пророштво многу убаво опишува што чувствуваат другите овци кон своите помазани браќа и сестри. Изразите „Евреин“ и „вас“ се однесуваат на една иста група луѓе — помазаните христијани кои сѐ уште се живи на Земјата (Рим. 2:28, 29). Изразот „десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите“ се однесува на другите овци. Тие ги „фаќаат за скут“ помазаниците во таа смисла што верно ги поддржуваат и заедно со нив му служат на Јехова на исправен начин. Затоа, ноќта кога се одржува Спомен-свеченоста, другите овци ја покажуваат својата приврзаност кон помазаниците со тоа што присуствуваат на овој настан заедно со нив.
10. Како Јехова го исполнил пророштвото запишано во Езекиел 37:15-19, 24, 25?
10 Прочитај Езекиел 37:15-19, 24, 25. Јехова го исполнил ова пророштво со тоа што се погрижил помазаниците и другите овци многу тесно да соработуваат. Во пророштвото се спомнати две прачки. Оние што имаат небесна надеж се како прачката „за Јуда“ (племето од кое се избирале царевите на Израел), а оние што имаат земна надеж се како прачката „на Ефрем“. c Јехова ги обединил овие две групи, и тие станале „една прачка“. Ова значи дека тие служат обединето под водството на нивниот Цар, Христос Исус. Секоја година, помазаниците и другите овци присуствуваат на Спомен-свеченоста не како две посебни групи, туку како „едно стадо со еден пастир“ (Јован 10:16).
11. Како „овците“ спомнати во Матеј 25:31-36, 40 покажуваат дека ги поддржуваат Христовите браќа?
11 Прочитај Матеј 25:31-36, 40. „Овците“ во оваа споредба ги претставуваат праведните луѓе во времето на крајот кои имаат земна надеж. Тие лојално ги поддржуваат преостанатите Христови помазани браќа првенствено со тоа што им помагаат да извршат една огромна задача — да ја проповедаат добрата вест низ целиот свет и да прават ученици (Мат. 24:14; 28:19, 20).
12-13. Кои се уште некои начини на кои другите овци ги поддржуваат Христовите браќа?
12 Секоја година, неколку седмици пред Спомен-свеченоста другите овци покажуваат дека ги поддржуваат Христовите браќа така што даваат сѐ од себе за да учествуваат во акцијата која се одвива низ целиот свет, со која ги каниме луѓето да присуствуваат на овој настан. (Види ја рамката „ Дали се подготвуваш за периодот “) Исто така, тие помагаат да се направи сѐ што е потребно за да може Спомен-свеченоста да се одржи во секое собрание низ светот, и покрај тоа што во повеќето собранија нема помазаници. Другите овци радосно ги поддржуваат Христовите браќа на овие начини. Тие знаат дека Исус гледа на сето она што го прават за неговите помазани браќа како да го прават за него лично ( околу Спомен-свеченоста?Мат. 25:37-40).
13 Од кои други причини сите ние присуствуваме на Спомен-свеченоста сеедно каква надеж имаме?
ЗОШТО СИТЕ ПРИСУСТВУВАМЕ
14. На кој начин Јехова и Исус покажале огромна љубов кон нас?
14 Благодарни сме за љубовта што Јехова и Исус ни ја покажале. Јехова ни покажал љубов на многу начини, но еден од нив посебно се издвојува. Најголемиот израз на неговата несебична љубов е тоа што го испратил својот скапоцен Син да страда и да умре за нас (Јован 3:16). И самиот Исус ни покажал огромна љубов со тоа што спремно го дал животот за нас (Јован 15:13). Никогаш не можеме да им се оддолжиме на Јехова и на Исус за љубовта што ни ја покажале. Но можеме да покажеме дека сме им благодарни со начинот на кој го живееме секој ден (Кол. 3:15). Присуствуваме на Спомен-свеченоста затоа што сакаме да се потсетиме на љубовта што тие ја покажале кон нас и затоа што сакаме да ја покажеме нашата љубов кон нив.
15. Зошто и помазаниците и другите овци многу ја ценат откупнината?
15 Многу ја цениме откупнината (Мат. 20:28). Откупната жртва е скапоцена за помазаниците бидејќи, благодарение на неа, имаат прекрасна надеж. Поради нивната вера во Христовата жртва, Јехова ги прогласил за праведни и ги посвоил како свои деца (Рим. 5:1; 8:15-17, 23). И другите овци се благодарни за откупнината. На темел на нивната вера во Христовата пролеана крв тие имаат добар однос со Бог, можат да му служат и имаат надеж дека ќе ја преживеат големата неволја (Отк. 7:13-15). Еден начин на кој и помазаниците и другите овци ја покажуваат својата благодарност за откупнината е така што секоја година присуствуваат на Спомен-свеченоста.
16. Од која друга причина присуствуваме на Спомен-свеченоста?
16 Друга причина зошто присуствуваме на Спомен-свеченоста е тоа што сакаме да му бидеме послушни на Исус. Сеедно каква надеж имаме, сите ние сакаме да бидеме послушни на заповедта што Исус ја дал ноќта кога ја воспоставил Спомен-свеченоста: „Правете го ова за мој спомен“ (1. Кор. 11:23, 24).
КАКО НИ КОРИСТИ ТОА ШТО ПРИСУСТВУВАМЕ НА СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТА
17. Како Спомен-свеченоста ни помага да станеме поблиски со Јехова?
17 Стануваме поблиски со Јехова (Јак. 4:8). Како што видовме, Спомен-свеченоста ни дава можност да размислуваме за надежта што Јехова ни ја дал и за големата љубов што ни ја покажал (Ерем. 29:11; 1. Јов. 4:8-10). Кога размислуваме за нашата сигурна надеж за иднината и за тоа колку Бог нѐ сака, си ја продлабочуваме љубовта кон него и се зацврстува нашето пријателство со него (Рим. 8:38, 39).
18. На што сме поттикнати кога размислуваме за примерот на Исус?
18 Поттикнати сме да го следиме примерот на Исус (1. Пет. 2:21). Во деновите пред Спомен-свеченоста посветуваме внимание на библиските извештаи за последната седмица од животот на Исус на Земјата, за неговата смрт и за неговото воскресение. А вечерта кога се одржува Спомен-свеченоста библискиот говор нѐ потсетува на неговата љубов кон нас (Еф. 5:2; 1. Јов. 3:16). Кога читаме и размислуваме за тоа колку Исус бил самопожртвуван, поттикнати сме да живееме онака како што живеел и тој (1. Јов. 2:6).
19. Како може да останеме во Божјата љубов?
19 Уште порешени сме да останеме во Божјата љубов (Јуда 20, 21). Ние ќе останеме во Божјата љубов ако и понатаму даваме сѐ од себе за да му бидеме послушни на Јехова, да го посветуваме неговото име и да го радуваме неговото срце (Изр. 27:11; Мат. 6:9; 1. Јов. 5:3). Спомен-свеченоста нѐ поттикнува да бидеме уште порешени да го живееме секој ден на начин со кој му велиме на Јехова: „Сакам да останам во твојата љубов засекогаш!“
20. Кои добри причини ги имаме да присуствуваме на Спомен-свеченоста?
20 Сеедно дали имаме надеж да живееме вечно на небото или на Земјата, имаме добри причини да присуствуваме на Спомен-свеченоста. Секоја година кога се собираме на тој датум, ние се потсетуваме на смртта на некој што многу го сакаме — Исус Христос. Но пред сѐ, се потсетуваме на најголемиот чин на љубов — љубовта што Јехова ни ја покажал со тоа што го дал својот Син како откупнина. Оваа година Спомен-свеченоста ќе се одржи вечерта во петок, 15 април 2022 год. Бидејќи ги сакаме Јехова и неговиот Син, ништо не ни е поважно од тоа да присуствуваме на Спомен-свеченоста, со која се одбележува годишнината од смртта на Исус.
ПЕСНА 16 Фалете го Бог за Исус, небесниот Цар
a Сеедно дали имаме надеж да живееме на небото или во рајот на Земјата, секоја година со нетрпение очекуваме да присуствуваме на Спомен-свеченоста. Во оваа статија ќе разгледаме од кои библиски причини присуствуваме на овој настан и како ни користи тоа.
b Повеќе информации во врска со новиот сојуз и сојузот за Царството можеш да најдеш во статијата „Ќе бидете царство на свештеници“, која излезе во Стражарска кула од 15 октомври 2014, стр. 15-17.
c Нешто повеќе за пророштвото со двете прачки запишано во Езекиел поглавје 37 можеш да прочиташ во статијата „Прашања од читателите“, во Стражарска кула од јули 2016.