Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 6

Што ни открива Библијата за нејзиниот Автор

Што ни открива Библијата за нејзиниот Автор

Напиши си ги во книга сите зборови што ќе ти ги кажам! (ЕРЕМ. 30:2)

ПЕСНА 96 Божјата сопствена книга — богатство

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Зошто си благодарен што ја имаме Библијата?

 МНОГУ сме му благодарни на Јехова Бог што ни ја дал Библијата! Во неа, тој ни дал мудри совети што можат да ни помогнат успешно да се справиме со проблемите со кои се соочуваме. Исто така, тој ни дал убава надеж за иднината. Што е уште поважно, Јехова ни открил во Библијата многу карактеристики на својата личност. Кога размислуваме за неговите прекрасни особини, тоа длабоко нѐ трогнува и нѐ поттикнува да станеме блиски пријатели со нашиот Бог (Пс. 25:14).

2. На кои начини Јехова комуницирал со луѓето?

2 Јехова сака луѓето да го запознаат. Во минатото, тој комуницирал со луѓето преку сонови, виденија, па дури и преку ангели (4. Мој. 12:6; Дела 10:3, 4). Но како би ги проучувале овие сонови, виденија и пораки од ангелите доколку не биле запишани? Токму затоа, Јехова одредил некои мажи да го запишат во книга она што тој сака да го знаеме за него (Ерем. 30:2). Бидејќи „патот на вистинскиот Бог е совршен“, можеме да бидеме уверени дека овој начин на комуницирање е најдобар и дека многу ни користи (Пс. 18:30).

3. На кој начин Јехова се погрижил библиската порака да биде зачувана? (Исаија 40:8).

3 Прочитај Исаија 40:8. Веќе илјадници години, Божјата Реч им дава мудро водство на голем број верни мажи и жени. Како е можно тоа? Ова е добро прашање, затоа што Библијата била напишана многу одамна на свитоци и пергаменти кои со текот на времето се распаднале, и затоа денес не постои ниту еден од оригиналните записи. Но, Јехова се погрижил да има преписи од светите списи. Точно е дека оние што ги препишувале биле несовршени, но биле многу внимателни додека го правеле тоа. На пример, во врска со Хебрејските списи, еден изучувач напишал: „Со сигурност може да кажеме дека ниту една друга древна книга не била толку точно зачувана“. Значи, и покрај тоа што Библијата била пишувана многу одамна на распадливи материјали, и оние што ги правеле преписите биле несовршени, сепак може да бидеме сигурни дека зборовите што денес ги читаме во Библијата ги пренесуваат мислите на нејзиниот Автор, Јехова.

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Од Јехова доаѓа „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јак. 1:17). Библијата е еден од најдобрите подароци што Јехова ни ги дал. Подарокот ни открива нешто и за дарителот — колку добро нѐ познава нас и нашите потреби. Истото важи и за оној што ни ја дал Библијата. Кога размислуваме за овој подарок, учиме многу за Јехова. Сфаќаме колку добро нѐ познава и кои се нашите потреби. Во оваа статија, ќе разгледаме што дознаваме од Библијата за три особини на Јехова: неговата мудрост, неговата правда и неговата љубов. Најпрво да разгледаме како Библијата ја одразува Божјата мудрост.

БИБЛИЈАТА ЈА ОДРАЗУВА БОЖЈАТА МУДРОСТ

5. Кој е еден начин на кој Библијата ја одразува Божјата мудрост?

5 Јехова знае дека ни се потребни неговите мудри совети. Затоа неговиот подарок, Библијата, е полна со неговата мудрост. Нејзините совети имаат позитивно влијание врз луѓето. Библијата менува животи. Кога ги напишал првите книги од Библијата, Мојсеј му кажал на Божјиот народ: „За вас ова не се празни зборови, туку за вас значат живот“ (5. Мој. 32:47). Оние кои биле послушни на советите од Божјата Реч воделе среќен и исполнет живот (Пс. 1:2, 3). Иако Библијата била напишана многу одамна, таа сѐ уште има моќ да им го менува животот на луѓето на подобро. На пример, на jw.org, во рубриката „Библијата менува животи“, можеш да најдеш најразлични животни искуства кои покажуваат дека Библијата им помогнала на многу луѓе да направат големи промени и да го подобрат својот начин на живот (1. Сол. 2:13).

6. Зошто може да кажеме дека ниту една друга книга не е како Библијата?

6 Ниту една книга не е како Божјата Реч. Зошто го велиме ова? Затоа што нејзиниот Автор, Јехова Бог, е семоќен, вечен и има ненадминлива мудрост. Многу книги се читаат дури и откако нивниот автор ќе почине, но советите од тие книги со текот на времето застаруваат. Од друга страна, мудрите совети од Библијата имаат трајна вредност — тие им користеле на луѓе од различни временски периоди. Додека ја читаме оваа света книга и размислуваме за прочитаното, нејзиниот Автор го користи својот моќен свет дух за да ни помогне да сфатиме како да ги примениме библиските совети во нашиот живот (Пс. 119:27; Мал. 3:16; Евр. 4:12). Авторот на Библијата кој е вечен, многу сака да ти помогне! Зарем ова не е голем поттик редовно да ја читаме Библијата?

Како Библијата го обединувала Божјиот народ во минатото и како го прави тоа денес? (види во пасуси 7-8)

7. Како Библијата го обединувала Божјиот народ во минатото?

7 Што друго покажува дека Библијата ја содржи Божјата мудрост? Фактот дека таа му помага на Божјиот народ да биде обединет. Кога Израелците влегле во Ветената земја, тие се населиле на едно огромно подрачје. Некои станале рибари, други сточари, а трети, пак, земјоделци. Лесно можело да случи Израелците кои живееле на едно подрачје, да престанат да мислат за доброто на Израелците кои живееле на други подрачја. Но Јехова се погрижил Израелците да се собираат во различни прилики во кои се читала и објаснувала Божјата Реч (5. Мој. 31:10-13; Неем. 8:2, 8, 18). Замисли си како се чувствувал еден Израелец кога ќе дошол во Ерусалим и кога можеби ќе видел милиони свои соверници од различни делови на земјата! На овој начин Јехова му помагал на својот народ да остане обединет. Подоцна, кога било формирано христијанското собрание, во него имало мажи и жени кои зборувале различни јазици, и кои биле од различно општествено и економско потекло. Но, бидејќи секој од нив ја сакал Божјата Реч, тие обединето го обожавале вистинскиот Бог. Оние кои станувале верници можеле да ја разберат Божјата Реч само со помош од соверниците и така што ќе се состанувале со нив (Дела 2:42; 8:30, 31).

8. Како Библијата го обединува Јеховиниот народ денес?

8 Нашиот мудар Бог и понатаму го поучува и обединува својот народ преку Библијата. Таа е изворот на духовната храна во која толку многу уживаме. Ние редовно се собираме на нашите собраниски состаноци, собири и конгреси каде што се чита и објаснува Божјата Реч, и се дискутира за неа. Значи, Библијата има важна улога во исполнувањето на намерата на Јехова неговите слуги „да му служат сложно“ (Соф. 3:9).

9. Која особина е неопходна за да ја разбереме пораката од Библијата? (Лука 10:21).

9 Да разгледаме уште еден доказ за мудроста на Јехова. Тој се погрижил многу делови од Светото писмо да бидат напишани на таков начин што ќе можат да ги разберат само понизните луѓе. (Прочитај Лука 10:21.) Библијата ја читаат луѓе од целиот свет. Еден изучувач кажал дека „Библијата не само што е најчитаната, туку и дека е највнимателно читаната книга“. Но само понизните можат исправно да ја разберат и да го применат она што го пишува во неа (2. Кор. 3:15, 16).

10. Кој е уште еден начин на кој Библијата ја одразува Јеховината мудрост?

10 Библијата ни ја открива Јеховината мудрост на уште еден начин. Преку Светото писмо, Јехова не нѐ поучува само како група, туку и ни дава упатства и утеха на секој од нас поединечно. Додека ја читаме неговата Реч, секој од нас може да ја почувствува неговата грижа (Иса. 30:21). Колку пати ти се случило, кога си имал некаков проблем, да прочиташ некој стих во Библијата за кој си имал чувство како да бил запишан токму за тебе? Сепак, Библијата можат да ја разберат милиони луѓе. Како е можно таа да содржи актуелни информации кои одговараат на твоите лични потреби? Ова е можно само затоа што Авторот на Библијата е најмудрата личност во универзумот (2. Тим. 3:16, 17).

БИБЛИЈАТА ЈА ОДРАЗУВА БОЖЈАТА ПРАВДА

11. Како Бог покажал непристрасност кога била пишувана Библијата?

11 Правдата е уште една особина на Јехова (5. Мој. 32:4). Правдата е тесно поврзана со непристрасноста, а Јехова е непристрасен (Дела 10:34, 35; Рим. 2:11). Неговата непристрасност се гледа од тоа на кои јазици била напишана Библијата. Првите 39 книги главно биле напишани на хебрејски јазик, кој во тоа време Божјите слуги добро го разбирале. Сепак, во првиот век од нашата ера, повеќето луѓе го зборувале грчкиот јазик, и затоа последните 27 книги од Библијата главно биле напишани на грчки. Јехова не го ограничил пишувањето на неговата Реч само на еден јазик. Денес, речиси осум милијарди луѓе на Земјата зборуваат на многу јазици. Како е можно на толку многу луѓе да им се помогне да учат за Јехова?

12. Кој е еден начин на кој Даниел 12:4 се исполнува во овие последни денови?

12 Преку пророкот Даниел, Јехова ветил дека во времето на крајот „вистинското знаење“ што се наоѓа во Библијата „ќе се умножи“. Тоа значи дека многумина ќе ја разберат пораката на Библијата. (Прочитај Даниел 12:4.) Еден начин на кој вистинското знаење се умножило е преку преведувањето, издавањето и дистрибуирањето на Библии и библиска литература. Библијата станала најпреведувана и најраспространета книга во целиот свет. Библиските преводи што ги вршат некои компании понекогаш се многу скапи. Јеховиниот народ досега ја превел Божјата Реч, во целост или делумно, на преку 240 јазици, и секој може да добие бесплатен примерок. Како резултат на тоа, луѓе од сите народи слушаат за добрата вест за Царството пред да дојде крајот (Мат. 24:14). Нашиот праведен Бог сака што е можно повеќе луѓе да добијат можност да го запознаат така што ќе ја читаат неговата Реч. Тоа е така затоа што тој многу нѐ сака сите нас.

БИБЛИЈАТА НИ ЈА ОТКРИВА БОЖЈАТА ЉУБОВ

13. Зошто може да се каже дека од Библијата се гледа љубовта на Јехова? (Јован 21:25).

13 Библијата ни помага да сфатиме дека најистакнатата особина на нејзиниот Автор е љубовта (1. Јов. 4:8). Размисли што Јехова вклучил во Библијата, а што изоставил. Тој го вклучил само она што ни е потребно за да имаме добар однос со него, да водиме среќен живот денес и да добиеме вечен живот во иднина. Но, бидејќи нѐ сака, Јехова не нѐ оптоварил со многу информации кои не ни се потребни за да му служиме. (Прочитај Јован 21:25.)

14. Од што друго јасно се гледа Божјата љубов во Библијата?

14 Јехова ја покажал својата љубов кон нас и со тоа што комуницира со нас на начин од кој се гледа дека го почитува нашето достоинство. Во Библијата, тој не ни дал бесконечен список на правила, кажувајќи ни што смееме а што не смееме да правиме во секој аспект од нашиот живот. Наместо тоа, Јехова користи вистински животни приказни, возбудливи пророштва и практични совети за да нѐ поттикне самите да размислуваме и да носиме добри одлуки. На тој начин, Божјата Реч нѐ поттикнува да го сакаме Јехова и да му бидеме послушни од срце.

Зошто треба да размислуваме за тоа како Јехова постапувал со своите слуги во минатото? (види во пасус 15)

15. а) Што покажува дека Јехова се грижи за оние што ја читаат неговата Реч? б) За кои библиски ликови размислуваат девојчето, помладиот брат и постарата сестра кои се прикажани на сликата? (1. Мој. 39:1, 10-12; 2. Цар. 5:1-3; Лука 2:25-38).

15 Библијата ни открива дека Јехова многу се грижи за нас. Како? Неговата Реч е полна со извештаи во кои се изразени човечки емоции. Можеме да се поистоветиме со ликовите од Библијата затоа што тие биле луѓе со „исти чувства како и ние“ (Јак. 5:17, фус.). Што е уште поважно, кога дознаваме како тој постапувал со луѓе како нас, уште полесно може да разбереме дека „Јехова е полн со сочувство и милосрден“ (Јак. 5:11).

16. Што учиме за Јехова кога читаме во Библијата за личности кои му грешеле? (Исаија 55:7).

16 Библијата ни ја открива Јеховината љубов на уште еден начин. Божјата Реч нѐ уверува дека нашиот Бог нема да нѐ остави кога ќе му згрешиме. Израелците секогаш одново му грешеле на Јехова. Сепак, кога искрено ќе се покаеле, Бог им простувал. (Прочитај Исаија 55:7.) И христијаните од првиот век биле свесни дека Бог многу ги сака. Под водство на светиот дух, апостол Павле ги поттикнал соверниците да му простат и да му пружат утеха на еден човек кој некое време правел тежок грев, но потоа се покајал (1. Кор. 5:1-5; 2. Кор. 2:6, 7). Колку е убаво тоа што Јехова не ги отфрлил своите слуги само затоа што му грешеле! Наместо тоа, тој со љубов им помагал, ги исправал и ги поттикнувал повторно да му бидат пријатели. Тој ветува дека истото ќе го направи и денес за оние што се каат за своите гревови (Јак. 4:8-10).

ЦЕНИ ЈА БИБЛИЈАТА КОЈА Е „СОВРШЕН ПОДАРОК“ ОД БОГ

17. Зошто Библијата е еден посебен подарок?

17 Јехова ни дал прекрасен подарок — Библијата. Зошто оваа книга е толку посебна? Како што видовме, Библијата ни ги открива Божјата мудрост, правда и љубов. Оваа книга е доказ дека Јехова сака да го запознаеме и да бидеме негови пријатели.

18. Како можеме да покажеме дека сме благодарни за Библијата која е „совршен подарок“ од Јехова?

18 Никогаш да не заборавиме дека Божјата Реч е „совршен подарок“ (Јак. 1:17). Затоа, и понатаму да ја покажуваме нашата благодарност за овој подарок. Можеме да го правиме тоа така што ќе ги читаме светите зборови кои се запишани во Библијата и длабоко ќе размислуваме за нив. Ако го правиме тоа, можеме да бидеме сигурни дека нејзиниот величествен Автор ќе го благослови нашиот труд и дека ќе го пронајдеме „знаењето за Бог“ (Изр. 2:5).

ПЕСНА 98 Светото писмо е вдахновено од Бог

a Библијата ни помага да станеме поблиски со Јехова. Што може да научиме од оваа света книга за мудроста на Бог, за неговата правда и за неговата љубов? Она што ќе го научиме, ќе ни помогне да го продлабочиме нашето ценење за Божјата Реч и уште повеќе да се увериме дека таа навистина е еден прекрасен подарок од нашиот небесен Татко.