Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јован Крстител — пример што може да ни помогне да ја зачуваме радоста

Јован Крстител — пример што може да ни помогне да ја зачуваме радоста

ДАЛИ имаш голема желба да извршуваш одредена задача во собранието, но од некоја причина не можеш? Тоа можеби е задача што ја има некој друг. Или можеби станува збор за некој вид полновремена служба во која порано си учествувал. Но, поради старост, здравствени проблеми, економски тешкотии или семејни одговорности сега можеби не си во состојба да правиш онолку колку што сакаш. Или, поради промени во организацијата, можеби си морал да прекинеш со некоја задача што долго си ја извршувал. Без оглед на причината, можеби сметаш дека не правиш онолку колку што би сакал во службата за Бог. Ако се наоѓаш во некоја од овие ситуации, сосема е разбирливо што понекогаш си обесхрабрен. Сепак, што може да ти помогне да се избориш со негативните чувства како, на пример, со обесхрабреност, огорченост или лутина? Како можеш да си ја зачуваш радоста?

Од примерот на Јован Крстител можеме да научиме нешто важно за тоа како да ја зачуваме радоста. Тој веројатно не го очекувал она што му се случило во службата за Јехова. Можеби не ни помислувал дека во затвор ќе помине повеќе време отколку што поминал во службата за Бог. Сепак, не ја изгубил радоста и задржал таков став до крајот на својот живот. Што му помогнало во тоа? И како можеме ние да останеме радосни дури и кога се соочуваме со некое разочарување?

ЗАДАЧА ШТО МУ НОСЕЛА РАДОСТ

Пролетта 29 год. од н.е., Јован почнал да ја извршува задачата што му ја дал Јехова — да го подготвува народот за доаѓањето на Месијата. Тој објавувал: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Мат. 3:2; Лука 1:12-17). Многумина позитивно реагирале. Всушност, голем број луѓе доаѓале оддалеку за да ја чујат неговата порака, и многумина биле поттикнати да се покаат и да се крстат. Освен тоа, Јован храбро ги предупредувал самоправедните верски водачи дека ги очекува осуда од Бог доколку не се променат (Мат. 3:5-12). Најважното нешто што го направил Јован во својата служба било тоа што, есента 29 год. од н.е., го крстил Исус. Оттогаш Јован им кажувал на другите да го следат Исус, ветениот Месија (Јован 1:32-37).

Во врска со важната улога што ја имал Јован, Исус со право рекол: „Меѓу родените од жена не се појавил некој поголем од Јован Крстител“ (Мат. 11:11). Можеме да бидеме сигурни дека Јован го ценел она што можел да го прави за Јехова и се радувал на благословите што ги добил. Слично на Јован, денешните Божји слуги кои со цело срце му служат на Јехова добиваат многу благослови. Да го разгледаме примерот на еден брат по име Тери. Тој и неговата сопруга Сандра минале повеќе од 50 години во полновремена служба. Тери вели: „Извршував најразлични задачи. Служев како општ пионер, во Бетел, потоа како специјален пионер, како покраински и областен надгледник и сега повторно како специјален пионер“. Таквите задачи ни носат голема радост. Но, од примерот на Јован ќе видиме дека радоста не зависи од задачите што ги извршуваме, и дека треба да вложиме труд за да останеме радосни кога ќе ни се сменат околностите.

ЦЕНИ ЈА ЧЕСТА ДА МУ СЛУЖИШ НА ЈЕХОВА

Јован Крстител ја зачувал својата радост бидејќи бил благодарен за задачите што ги добил од Бог. Да разгледаме еден пример. По крштавањето на Исус, бројот на следбениците на Јован почнал да се намалува, а оние што го следеле Исус станувале сѐ побројни. Бидејќи биле загрижени поради тоа, учениците на Јован му рекле: „Тој крштава и сите одат кај него“ (Јован 3:26). Јован им кажал: „Кој ја има невестата, тој е младоженецот. А пријателот на младоженецот, кога стои и го слуша, многу се радува поради гласот на младоженецот. Така и јас се радувам, и мојата радост е потполна“ (Јован 3:29). Јован не се натпреварувал со Исус. Иако знаел дека Исус има поважна улога, Јован не мислел дека она што го правел порано веќе не вреди. Наместо тоа, Јован останал радосен бидејќи ја ценел својата улога како „пријател на младоженецот“.

Ставот што го имал Јован му помогнал да не ја губи радоста иако задачата не му била лесна. На пример, тој бил назареец од раѓање, и затоа му било забрането да пие вино (Лука 1:15). Исус укажал на едноставниот живот на Јован со зборовите: „Дојде Јован, кој ниту јадеше ниту пиеше“. Од друга страна, Исус и неговите ученици ги немале ограничувањата што ги налагал заветот на назарејците, и затоа можеле да живеат како другите луѓе (Мат. 11:18, 19). Исто така, иако не направил ниту едно чудо, Јован знаел дека учениците на Исус, вклучувајќи ги и оние што порано го следеле Јован, можеле да прават чуда (Мат. 10:1; Јован 10:41). Јован не размислувал премногу за таквите разлики туку продолжил ревносно да ја извршува задачата што ја добил од Јехова.

Тоа што ќе ја цениме задачата што сега ја извршуваме во службата за Јехова, ќе ни помогне и нам да ја зачуваме радоста. Тери, кој го спомнавме претходно, вели: „Се концентрирав на секоја задача што ја добивав во организацијата“. Во врска со животот што го поминал во полновремена служба, тој вели: „Не жалам за ништо. Напротив, имам само прекрасни спомени“.

Нашата радост во службата за Бог може да биде уште поголема ако размислуваме за најважното нешто во секоја теократска задача или одговорност — честа да бидеме „Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). Да наведеме еден пример. Убавината на некој скапоцен предмет ќе ја зачуваме ако убаво се грижиме за него. Слично на тоа, нашата радост ќе ја зачуваме ако постојано размислуваме за честа што ја имаме да соработуваме со Јехова. Тоа ќе ни помогне да не ги споредуваме нашите жртви со жртвите што ги прават другите. Исто така, нема да мислиме дека задачите што нам ни ги дава Јехова се помалку важни од задачите што ги добиваат другите (Гал. 6:4).

ОСТАНИ СКОНЦЕНТРИРАН НА ДУХОВНИТЕ РАБОТИ

Јован можеби бил свесен дека нема долго да ја извршува својата задача, но веројатно не очекувал дека толку брзо ќе заврши (Јован 3:30). Во 30 год. од н.е., околу шест месеци по крштавањето на Исус, цар Ирод го ставил Јован во затвор. Сепак, Јован продолжил да сведочи и во тие околности (Мар. 6:17-20). Што му помогнало да ја зачува радоста и покрај таквите промени? Останал сконцентриран на духовните работи.

Додека бил во затвор, Јован слушал извештаи дека сѐ повеќе луѓе го следат Исус (Мат. 11:2; Лука 7:18). Тој бил уверен дека Исус е Месијата, но можеби се прашувал како Исус ќе го исполни сето она што го пишувало во Божјата Реч во врска со неговата улога како Месија. Со оглед на тоа што Месијата требало да биде поставен за цар, Јован можеби се прашувал дали Исус ќе почне да владее наскоро. Исто така, можеби се прашувал дали Исус ќе го ослободи од затвор. Бидејќи сакал да дознае повеќе за тоа што ќе направи Исус, Јован испратил двајца свои ученици да го прашаат: „Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме некој друг?“ (Лука 7:19). Потоа Исус им кажал да се вратат кај Јован и да му ги пренесат следниве зборови: „На слепите им се враќа видот, сакатите одат, лепрозните се исчистуваат, глувите слушаат, мртвите стануваат, на сиромасите им се објавува добрата вест“ (Лука 7:20-22). Кога се вратиле, Јован сигурно внимателно ги слушал додека му зборувале за тоа како Исус лекувал преку чудо.

Јован без сомнение бил охрабрен од она што му го кажале. Така добил потврда дека Исус ги исполнува пророштвата за Месијата. Јован знаел дека неговата служба не била залудна и покрај тоа што Исус не го ослободил од затвор. Иако бил во такви околности, Јован имал причини да биде радосен.

Тоа што ќе размислуваме за убавите резултати од проповедничкото дело низ целиот свет ќе ни помогне да си ја зачуваме радоста

Ако и ние како Јован сме сконцентрирани на духовните работи, ќе можеме да останеме радосни и стрпливи (Кол. 1:9-11). Затоа треба да ја читаме Библијата и да размислуваме за неа. Тоа ќе ни помогне да не заборавиме дека што и да правиме во службата за Бог не е залудно (1. Кор. 15:58). Сандра вели: „Тоа што секој ден читам едно поглавје од Библијата ми помага да се зближам со Јехова. Ми помага да мислам на него, а не на себе“. Исто така, можеме да размислуваме за сето она што го постигнуваат нашите браќа и сестри во службата низ целиот свет. Тоа ќе ни помогне да не мислиме само на нашите околности туку на она што го постигнува Јехова. Сандра вели: „Месечните емисии на JW Broadcasting® ни помагаат да се чувствуваме поблиски со организацијата и ни помагаат да ја зачуваме радоста во службата што ја вршиме“.

Во краткиот период додека служел, Јован Крстител проповедал „со дух и со сила како Илија“ и бил „обичен човек како нас“ (Лука 1:17; Јак. 5:17). Ако го следиме неговиот пример така што ќе ја цениме честа што сме Божји соработници и така што ќе бидеме сконцентрирани на духовните работи, и ние ќе останеме радосни во службата за Божјето Царство без разлика што ќе ни се случи во животот.