Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Среќни се оние што се дарежливи

Среќни се оние што се дарежливи

Повеќе усреќува давањето отколку примањето (ДЕЛА 20:35)

ПЕСНИ: 76, 110

1. Што покажува дека Јехова е дарежлив?

ПРЕД да почне да создава, Јехова бил потполно сам. Сепак, ни тогаш не мислел само на себе. Напротив, им подарил живот на созданијата обдарени со разум — и на небото и на Земјата. „Среќниот Бог“, Јехова, сака да дава добри дарови (1. Тим. 1:11; Јак. 1:17). А бидејќи сака и ние да бидеме среќни, тој нѐ учи да бидеме дарежливи (Рим. 1:20).

2, 3. а) Зошто сме среќни кога сме дарежливи? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Бог ги создал луѓето според својот лик (1. Мој. 1:27). Ова значи дека сме создадени со особини како неговите. За да бидеме вистински среќни и да го имаме благословот од Јехова, треба да го следиме неговиот пример така што ќе се интересираме за другите и ќе бидеме дарежливи (Фил. 2:3, 4; Јак. 1:5). Зошто? Едноставно кажано, затоа што Јехова нѐ создал така. Иако сме несовршени, можеме да бидеме дарежливи како него.

3 Сега ќе разгледаме неколку поуки од Библијата за дарежливоста. Ќе видиме зошто Јехова се радува кога сме дарежливи и како дарежливоста ни помага да ја извршуваме задачата што тој ни ја дал. Исто така, ќе видиме како среќата е поврзана со дарежливоста и зошто треба да продолжиме да ја покажуваме оваа особина.

ЈЕХОВА СЕ РАДУВА КОГА СМЕ ДАРЕЖЛИВИ

4, 5. Каков пример за дарежливост ни оставиле Јехова и Исус?

4 Јехова сака да бидеме како него и затоа се радува кога сме дарежливи (Еф. 5:1). Од начинот на кој нѐ создал нас и нашата прекрасна планета, која изобилува со природни убавини и богатства, јасно се гледа дека Јехова сака луѓето да бидат среќни (Пс. 104:24; 139:13-16). Затоа, кога се трудиме да ги правиме другите среќни, ние му носиме слава на Јехова.

5 Ние сакаме да бидеме и како Исус, кој ни оставил совршен пример за дарежливост. Самиот тој рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). И апостол Павле ги поттикнал христијаните: „Размислувајте така како што размислуваше и Христос Исус... [кој] се одрече од самиот себе и зеде облик на роб“ (Фил. 2:5, 7). Затоа, добро е да се прашаме: „Можам ли во уште поголема мера да го следам примерот на Исус?“ (Прочитај 1. Петрово 2:21.)

6. Каква поука ни дал Исус со приказната за милосрдниот Самарјанин? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Јехова се радува кога го следиме совршениот пример што ни го оставиле тој и Исус. Ова го правиме кога се интересираме за луѓето и кога бараме начини да им помогнеме. Исус покажал колку е важно ова кога ја раскажал приказната за милосрдниот Самарјанин. (Прочитај Лука 10:29-37.) Преку неа тој ги поучил своите следбеници дека мора да им помагаат на другите, без разлика кои се и од каде се. Дали се сеќаваш што го поттикнало Исус да ја раскаже таа приказна? Тоа го направил бидејќи еден Евреин го прашал: „Кој е мојот ближен?“ Од одговорот на Исус учиме дека, ако сакаме да го радуваме Јехова, мора да бидеме великодушни слично како Самарјанинот.

7. Што учиме од она што се случило во рајската градина?

7 Уште една причина зошто треба да бидеме дарежливи е поврзана со она што се случило во рајската градина. Сатана тврдел дека Адам и Ева ќе бидат посреќни ако не го послушаат Јехова и ако мислат само на себе. Ева била себична и сакала да биде како Бог. Адам покажал себичност со тоа што сакал да ѝ угоди на Ева повеќе отколку што сакал да му угоди на Бог (1. Мој. 3:4-6). Тоа довело до катастрофални последици. Од ова учиме дека никој не може да биде среќен ако е себичен. Од друга страна, кога сме несебични и дарежливи, покажуваме доверба дека Јехова секогаш ни го мисли најдоброто.

ИЗВРШУВАЈ ЈА ЗАДАЧАТА ШТО НИ ЈА ДАЛ БОГ

8. Зошто Адам и Ева требало да мислат и на другите?

8 Иако Адам и Ева биле сами во рајската градина, требало да мислат и на другите. Во која смисла? Јехова им дал задача да ја наполнат Земјата со свои потомци и да ја претворат во рај (1. Мој. 1:28). Исто како што Јехова бил заинтересиран за доброто на сите свои созданија, така и Адам и Ева требало да мислат на доброто на децата кои ќе им се роделе. Првите родители и нивните потомци требало да соработуваат меѓу себе за да ја претворат целата планета во прекрасен рај во кој сите ќе му се радувале на животот. Ова навистина била огромна задача!

9. Зошто задачата да ја претворат Земјата во рај ќе им донела голема радост и задоволство на луѓето?

9 За да ја претворат Земјата во рај, и со тоа да ја извршат Јеховината намера, совршените луѓе ќе требало тесно да соработуваат и со Бог. Така ќе влегле во неговата починка (Евр. 4:11). Замисли колку многу радост и задоволство ќе им донела таа задача! Јехова ќе им дал многу благослови ако биле несебични и ако мислеле на доброто на другите.

10, 11. Што ќе ни помогне да проповедаме и да ги поучуваме луѓето за вистината?

10 Денес Јехова ни дал задача да проповедаме и да им помагаме на другите да станат негови слуги. За да ја исполниме таа задача, треба вистински да се интересираме за доброто на другите. Всушност, ќе продолжиме да го вршиме ова дело само ако имаме исправен мотив — љубов кон Јехова и кон луѓето.

11 Апостол Павле рекол дека тој и другите христијани се „Божји соработници“ бидејќи проповедале и ги поучувале луѓето за вистината (1. Кор. 3:6, 9). И ние денес можеме да бидеме „Божји соработници“ така што великодушно ќе ги трошиме своето време, сила и средства за проповедничкото дело што ни го доверил Бог. Ова е навистина огромна чест!

Чувствуваме голема радост кога им помагаме на луѓето да ја дознаат библиската вистина (Види во пасус 12)

12, 13. Што мислиш, кои благослови ги добиваме кога ги поучуваме другите за библиската вистина?

12 Чувствуваме голема радост кога великодушно ги трошиме нашето време и сила за да проповедаме и да ги поучуваме другите за Бог. Тоа го потврдуваат многу браќа и сестри кои имале можност да водат библиски курсеви. Многу сме среќни кога гледаме како лицата со кои проучуваме се воодушевени кога ќе ја разберат библиската вистина. Се радуваме и кога гледаме како расте нивната вера, како прават промени во животот и како почнуваат да им кажуваат на другите за она што го учат. И Исус многу се радувал кога 70-темина негови следбеници кои ги пратил да проповедаат се вратиле радосни поради убавите искуства што ги имале (Лука 10:17-21).

13 Нашите браќа и сестри низ целиот свет се радуваат кога ќе видат како библиската порака им помага на луѓето да си го сменат животот на подобро. На пример, една млада немажена сестра по име Ана * сакала да прави повеќе за Јехова. Затоа се преселила во едно место во Источна Европа каде што има поголема потреба од објавители. Таа напишала: „Тука многу лесно може да се започнат библиски курсеви, и тоа многу ми се допаѓа. Службата ми носи голема радост. Кога ќе си дојдам дома, едноставно немам време да мислам на моите проблеми. Мислам на оние со кои проучувам — на нивните проблеми и грижи. Размислувам како да ги охрабрам и да им помогнам на практичен начин. Навистина се уверив дека ’повеќе усреќува давањето отколку примањето‘“ (Дела 20:35).

Кога не пропуштаме ниту една врата од нашето подрачје, им даваме можност на луѓето да ја чујат добрата вест (Види во пасус 14)

14. Зошто можеме да најдеме радост во проповедањето дури и ако луѓето не сакаат да слушаат?

14 Дури и ако луѓето не нѐ слушаат кога им проповедаме, може да бидеме среќни бидејќи со тоа им даваме прилика да ја чујат добрата вест. Јехова очекува да го правиме истото што го побарал и од Езекиел: „Кажи им ги моите зборови, слушале тие или не“ (Езек. 2:7; Иса. 43:10). Значи, без разлика како ќе реагираат луѓето, Јехова го цени нашиот труд. (Прочитај Евреите 6:10.) Еден брат покажал одличен став во овој поглед. Во врска со својата служба тој напишал: „Ние садиме, залеваме и се молиме со надеж дека Јехова ќе даде да расте“ (1. Кор. 3:6).

КАКО МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ ВИСТИНСКИ СРЕЌНИ

15. Дали треба да бидеме дарежливи дури и кога луѓето не го ценат тоа? Објасни.

15 Исус сака да бидеме дарежливи бидејќи така ќе бидеме среќни. Кога сме дарежливи, повеќето луѓе ќе ни возвратат со дарежливост. Затоа Исус нѐ поттикнал: „Давајте, и ќе ви се даде. Ќе ви сипат во скутот добра мера, набиена, натресена и преполна. Зашто, со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Лука 6:38). Се разбира, нема сите луѓе да ја ценат нашата дарежливост. Сепак, продолжи да даваш дури и кога ти се чини дека луѓето не го ценат тоа. Никогаш не знаеме колку може да постигнеме со само еден великодушен гест.

16. Од какви мотиви треба да бидеме дарежливи?

16 Оние што се навистина дарежливи им даваат на другите без да очекуваат нешто за возврат. Исус го имал ова на ум кога кажал: „Кога приредуваш гозба, покани ги сиромашните, сакатите, куците и слепите. И ќе бидеш среќен, бидејќи тие немаат со што да ти возвратат“ (Лука 14:13, 14). Библијата исто така вели: „Благословена ќе биде дарежливата душа“, и „Среќен е оној што постапува обѕирно со бедниот“ (Изр. 22:9, Радосна Вест; Пс. 41:1). Треба да бидеме дарежливи бидејќи вистински сакаме да им помагаме на другите.

17. На кои начини можеме да бидеме дарежливи кон другите?

17 Кога ги цитирал зборовите на Исус: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“, Павле не мислел само на давање во материјален поглед. На луѓето можеме да им даваме и охрабрување, совети од Библијата, како и практична помош (Дела 20:31-35). Павле оставил одличен пример во овој поглед. И со своите зборови и со своите постапки, тој нѐ поучил колку е важно великодушно да им покажуваме љубов на другите и спремно да им даваме дел од нашето време, сила и внимание.

18. До кој заклучок дошле многу стручњаци во врска со дарежливоста?

18 Стручњаците од областа на човековото однесување исто така дошле до заклучок дека давањето ги прави луѓето среќни. Според една научна статија, истражувањата покажуваат дека луѓето се чувствуваат многу порадосни откако ќе направат нешто убаво за другите. Стручњаците велат дека нашиот живот добива смисла кога им помагаме на другите. Затоа, тие честопати препорачуваат луѓето да учествуваат во некој вид доброволна активност бидејќи така ќе бидат поздрави и порадосни. Се разбира, нивниот заклучок воопшто не нѐ изненадува бидејќи нашиот грижлив Творец, Јехова, одамна кажал дека давањето усреќува (2. Тим. 3:16, 17).

ПРОДОЛЖИ ДА БИДЕШ ДАРЕЖЛИВ

19, 20. Зошто сакаш да бидеш дарежлив?

19 Не е секогаш лесно да бидеме дарежливи бидејќи сме опкружени со луѓе кои мислат само на себе. Сепак, Исус нѐ потсетил дека двете најголеми заповеди се да го сакаме Јехова со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сета своја сила, и да го сакаме својот ближен како себеси (Мар. 12:28-31). Како што видовме во оваа статија, оние што го сакаат Јехова го следат неговиот пример. Јехова и Исус се дарежливи, и нѐ поттикнуваат и ние да бидеме како нив, бидејќи знаат дека така ќе бидеме вистински среќни. Ако великодушно се трошиме во службата за Бог и ако сме дарежливи кон нашите ближни, ќе му носиме слава на Јехова. Исто така, тоа ќе биде за наше добро, а и за доброто на другите.

20 Без сомнение, ти веќе даваш сѐ од себе за да им помагаш на другите, особено на браќата и сестрите (Гал. 6:10). Ако продолжиш да го правиш тоа, другите ќе те сакаат и ќе те ценат, а ти ќе бидеш среќен. Во Изреки 11:25 пишува: „Душата која великодушно дава, и самата ќе биде добро нахранета, и кој обилно ги напојува другите, и самиот ќе биде обилно напоен“. Се разбира, во нашиот живот и во нашата служба има многу начини на кои можеме да покажуваме несебичност и великодушност. За тоа ќе зборуваме во следната статија.

^ пас. 13 Името е сменето.