Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 18

Како да си поставуваш духовни цели и како да ги оствариш

Како да си поставуваш духовни цели и како да ги оствариш

Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите (1. ТИМ. 4:15)

ПЕСНА 84 Не штедиме сили!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Какви духовни цели може да си поставуваме?

 КАКО вистински христијани, ние многу го сакаме Јехова и сакаме да му го даваме нашето најдобро. За да успееме во тоа, треба да си поставуваме духовни цели како, на пример, да развиваме христијански особини, да стекнуваме корисни вештини и да бараме начини да им служиме на другите. b

2. Зошто треба да си поставуваме духовни цели и да се трудиме да ги оствариме?

2 Зошто треба да имаме желба да напредуваме во духовен поглед? Првенствено, затоа што сакаме да му угодиме на нашиот грижлив небесен Татко. Јехова се радува кога гледа дека ги користиме нашите таленти и способности најдобро што можеме во службата за него. Освен тоа, сакаме духовно да напредуваме за да можеме уште повеќе да им помагаме на нашите браќа и сестри (1. Сол. 4:9, 10). Без оглед колку долго сме во вистината, сите ние може духовно да напредуваме. Да видиме како може да го правиме тоа.

3. Според 1. Тимотеј 4:12-16, каков поттик му дал апостол Павле на Тимотеј?

3 Кога апостол Павле му го напишал своето прво писмо на Тимотеј, тој млад човек веќе бил искусен старешина. Сепак, Павле го поттикнал и понатаму духовно да напредува. (Прочитај 1. Тимотеј 4:12-16.) Додека ги читаш зборовите на Павле, ќе забележиш дека тој го поттикнал Тимотеј да напредува на две подрачја: да развива христијански особини, како што се љубов, вера и чистота, и да се подобри во некои вештини, како што се јавното читање, поттикнувањето и поучувањето. Имајќи го на ум примерот на Тимотеј, да видиме како тоа што ќе си поставуваме разумни цели ќе ни помогне духовно да напредуваме. А ќе видиме и некои начини на кои може во уште поголема мера да му служиме на Јехова.

РАЗВИВАЈ ХРИСТИЈАНСКИ ОСОБИНИ

4. Според Филипјаните 2:19-22, зошто Јехова можел да го користи Тимотеј во службата за него?

4 Зошто Јехова можел да го користи Тимотеј во службата за него? Затоа што имал убави христијански особини. (Прочитај Филипјаните 2:19-22.) Од она што Павле го напишал за Тимотеј може да видиме дека тој бил понизен, верен, трудољубив и достоен за доверба. Тој чувствувал силна љубов кон браќата и сестрите и вистински се грижел за нив. Затоа Павле многу го сакал Тимотеј и без колебање му доверувал поодговорни задачи (1. Кор. 4:17). Ако и ние развиваме убави особини, ќе му бидеме мили на Јехова, а ќе бидеме и покорисни за собранието (Пс. 25:9; 138:6).

Одреди некоја христијанска особина која би сакал да ја развиеш во поголема мера (Види во пасуси 5-6)

5. а) Што може да ти помогне да одлучиш на која христијанска особина да работиш? б) Како младата сестра која е прикажана на сликата се труди да ја исполни својата цел да покажува поголемо сочувство кон другите?

5 Постави си конкретна цел. Моли се и размислувај во кој поглед би можел да се подобриш. Избери си некоја конкретна особина на која би сакал да работиш. На пример, дали би можел да развиеш поголемо сочувство или посилна желба да им помагаш на браќата и сестрите? Дали би можел да бидеш помирољубив и поспремно да им простуваш на другите? Можеби ќе ти биде од корист ако замолиш некој пријател во кој имаш доверба да ти даде предлози како би можел да се подобриш (Изр. 27:6).

6. Како може да ја оствариш целта да развиеш некоја особина?

6 Труди се да ја оствариш својата цел. Како може да го направиш тоа? Еден начин е така што ќе проучуваш за особината која би сакал да ја стекнеш во поголема мера. Да речеме дека не ти е лесно да им простуваш на другите и сакаш да се подобриш во тој поглед. За почеток би можел да читаш и длабоко да размислуваш за библиски личности кои спремно простувале, како и за други кои не го правеле тоа. Размисли за примерот на Исус. Тој спремно им простувал на другите (Лука 7:47, 48). Исто така, не се концентрирал на нивните грешки, туку гледал какви личности би можеле да станат во иднина. За разлика од него, фарисеите ги потценувале другите (Лука 18:9). Откако длабоко ќе размислуваш за овие примери, прашај се: „Што е она што го забележувам кај другите? На кои нивни особини одлучувам да се концентрирам?“ Ако ти е тешко да му простиш некому, обиди се да направиш список со колку што е можно повеќе добри особини што ги има тоа лице. Потоа прашај се: „Како Исус гледа на него? Дали тој би му простил?“ Ако го правиме сето ова, би можеле да си го смениме начинот на размислување. Отпрвин, можеби ќе треба да вложуваме многу труд за да му простиме на некој што нѐ повредил. Но, доколку се трудиме да се подобруваме во тој поглед, со текот на времето ќе ни биде полесно да простуваме.

СТЕКНУВАЈ КОРИСНИ ВЕШТИНИ

Стави се на располагање да научиш како да помагаш во одржувањето на салата (Види во пасус 7) e

7. На кои начини Јехова користи вешти браќа и сестри денес? (Изреки 22:29).

7 Друга цел која можеш да си ја поставиш е да стекнеш некоја корисна вештина. Размисли колку многу работници се потребни за да се изградат бетелски објекти, конгресни сали и сали за состаноци. Многу браќа и сестри ги стекнале своите вештини така што соработувале со соверници кои се искусни во својата работа. Како што се гледа на сликата, и браќа и сестри учат вештини кои се потребни за да се одржуваат конгресни сали и сали за состаноци. На овие и на други начини, Јехова Бог, „Царот на вечноста“, и Христос Исус, „[Царот] над царевите“, постигнуваат извонредни работи благодарение на вешти работници (1. Тим. 1:17; 6:15; прочитај Изреки 22:29). Ние сакаме вредно да работиме и да ги користиме нашите вештини за да го славиме Јехова, а не себеси (Јован 8:54).

8. Што може да ти помогне да одлучиш која вештина да ја научиш?

8 Постави си конкретна цел. Која вештина би можел да ја стекнеш? Прашај ги старешините од твоето собрание, или можеби покраинскиот надгледник, која вештина би можел да ја научиш. На пример, ако ти предложат да се потрудиш да станеш подобар говорник и подобро да ги поучуваш другите, замоли ги да ти кажат на што конкретно треба да обрнеш внимание. Потоа, преземи практични чекори за да се подобриш. Да видиме како би можел да го направиш ова.

9. Како може да ја оствариш целта да научиш некоја вештина?

9 Труди се да ја оствариш својата цел. Да речеме дека сакаш да стекнеш вештина подобро да поучуваш. Би можел да ја проучуваш брошурата Посвети се на читањето и поучувањето. Кога ќе добиеш некоја задача за состанокот Нашиот живот и служба, би можел да замолиш некој искусен брат да те слушне однапред и да ти даде предлози како да се подобриш. Ако се подготвуваш за твоите задачи доволно однапред, другите ќе можат да видат дека не само што си вешт туку и дека си трудољубив и достоен за доверба (Изр. 21:5; 2. Кор. 8:22).

10. Наведи пример од кој се гледа како може да станеме вешти во нешто што не ни е лесно да го правиме.

10 Што ако имаш за цел да станеш вешт во нешто што воопшто не ти е лесно да го правиш? Не се откажувај! Еден брат по име Гери имал проблеми со читањето. Тој се сеќава колку многу му било срам кога се обидувал да чита на собраниските состаноци. Но, продолжил да вложува многу труд за да се подобри. Тој вели дека, благодарение на обуката што ја добил, може да држи говори на состаноците, на собирите и на конгресите.

11. Исто како на Тимотеј, што ќе ни помогне и нам да преземаме дополнителни одговорности?

11 Дали Тимотеј станал многу добар говорник и ги поучувал другите на извонреден начин? Библијата не ни кажува. Но, нема сомнеж дека тој сѐ подобро ги извршувал своите одговорности затоа што го следел советот на Павле (2. Тим. 3:10). На сличен начин, ако и ние ги развиваме нашите вештини, ќе бидеме оспособени да преземаме дополнителни одговорности.

БАРАЈ НАЧИНИ ДА ИМ СЛУЖИШ НА ДРУГИТЕ

12. Каква помош си добил од другите?

12 Секој од нас добил некаква помош од другите. Доколку сме во болница, сигурно ќе бидеме многу благодарни ако нѐ посетат старешини кои служат во Одборот за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци или старешини кои служат во некоја Група за посета на пациенти. Кога се соочуваме со тешка ситуација во животот, многу цениме кога некој грижлив старешина ќе одвои време да нѐ сослуша и да ни пружи утеха. Кога ни е потребна помош во врска со некој библиски курс, сигурно ни значи ако некој искусен пионер се согласи да дојде со нас на курсот и ни даде некои предлози. Сите овие браќа и сестри се радуваат што можат да ни помогнат. И ние може да бидеме среќни ако се ставаме на располагање да им служиме на нашите соверници. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Ако сакаш да правиш повеќе за Јехова на овие или на други начини, што може да ти помогне да ги оствариш таквите цели?

13. Што треба да имаме на ум кога си поставуваме некоја цел?

13 Немој да си поставуваш цели кои се премногу општи. На пример, можеби ќе си речеш: „Сакам да правам повеќе за собранието“. Но, можеби нема да знаеш како да ја оствариш таквата цел и можеби ќе увидиш дека е невозможно да процениш кога си ја остварил. Затоа, постави си јасна и конкретна цел. Би можел дури и да си запишеш каква цел имаш и како планираш да ја оствариш.

14. Зошто треба да бидеме флексибилни кога си поставуваме цели?

14 Исто така, кога си поставуваме цели, треба да бидеме флексибилни. Зошто? Затоа што немаме потполна контрола врз нашите околности. Да наведеме еден пример. Апостол Павле помогнал да се основа ново собрание во Солун. И сигурно си поставил за цел да остане таму и да им помага на новите браќа и сестри. Но поради противниците, тој морал да го напушти градот (Дела 17:1-5, 10). Доколку останел таму, ќе ги довел во опасност своите браќа. Но, Павле не престанал да им помага. Напротив, тој се приспособил на новите околности. Подоцна, Павле го испратил Тимотеј да се грижи за духовните потреби на новите христијани во Солун (1. Сол. 3:1-3). Сигурно Солуњаните биле многу радосни што Тимотеј се ставал на располагање да служи онаму каде што имало потреба.

15. Како можат променетите околности да влијаат врз нашите цели? Наведи пример.

15 Од примерот на Павле може да извлечеме една важна поука. Можеби ќе си поставиме некоја цел, но околностите можеби ќе ни се сменат и ќе нѐ спречат да ја оствариме (Проп. 9:11). Ако ти се случи тоа, биди спремен да си поставиш друга достижна цел. Тоа го направиле Тед и неговата сопруга Хајди. Тие морале да го напуштат Бетел бидејќи едниот од нив се разболел. Но, љубовта кон Јехова ги поттикнала да бараат други начини за да прават повеќе во службата. Отпрвин, тие почнале со општа пионерска служба. По некое време, биле именувани како специјални пионери, а Тед добил обука за да служи како заменик на покраинскиот надгледник. Подоцна, кога се сменила старосната граница за покраинските надгледници, на Тед и на Хајди им станало јасно дека повеќе не ги исполнуваат условите за овој вид служба. Иако им било тешко поради тоа, тие сфатиле дека можат да му служат на Јехова и на други начини. Тед вели: „Научивме дека не постои само еден начин на кој може да му служиме на Јехова“.

16. Што може да научиме од Галатите 6:4?

16 Не можеме да имаме контрола врз сето она што ни се случува во животот. Затоа е важно да не мислиме дека нашите задачи одредуваат колку сме вредни за Јехова и да не го споредуваме она што ние го правиме со она што другите го прават. Хајди вели: „Ќе го изгубиш внатрешниот мир ако го споредуваш својот живот со животот на другите“. (Прочитај Галатите 6:4.) Важно е да бараме начини на кои може да им помагаме на другите и да му служиме на Јехова. c

17. Што може да ти помогне да ги исполниш условите за да добиеш дополнителни одговорности и задачи?

17 Ќе можеш да правиш повеќе во службата за Јехова ако водиш едноставен живот и избегнуваш непотребно да се задолжуваш. Поставувај си помали цели за да можеш да оствариш поголеми цели. На пример, ако имаш за цел да станеш општ пионер, би можел ли уште сега секој месец да служиш како помошен пионер? Ако имаш за цел да служиш како слуга-помошник, дали би можел да поминуваш повеќе време во службата на проповедање и да ги посетуваш болните и постарите во твоето собрание? Искуството што сега ќе го стекнеш може да ти овозможи во иднина да добиеш дополнителни задачи и одговорности. Биди решен секоја задача што ќе ја добиеш да ја извршуваш најдобро што можеш (Рим. 12:11).

Постави си конкретна цел што можеш да ја оствариш (Види во пасус 18) f

18. Што учиш од примерот на Беверли? Види ја и сликата.

18 Никој не е престар да си постави духовни цели и да ги оствари. Размисли за една сестра по име Беверли. Кога била на 75-годишна возраст, таа имала сериозен здравствен проблем поради кој тешко се движела. Но, имала силна желба да учествува колку што е можно повеќе во акцијата за Спомен-свеченоста. Затоа си поставила конкретни цели. Кога успеала да ги исполни, била многу среќна. Од нејзиниот пример и другите во собранието биле поттикнати да прават повеќе во службата. Јехова многу го цени трудот на постарите браќа и сестри, дури и кога околностите не им дозволуваат да прават онолку колку што би сакале (Пс. 71:17, 18).

19. Кои се некои духовни цели што може да си ги поставиме?

19 Поставувај си цели што можеш да ги исполниш. Развивај особини со кои ќе го радуваш Јехова. Стекнувај вештини што ќе ти овозможат да правиш повеќе за Бог и за неговата организација. Барај начини во уште поголема мера да им служиш на твоите браќа и сестри. d Исто како Тимотеј, Јехова ќе те благослови и тебе, и „твојот напредок [ќе] им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:15).

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

a Тимотеј бил вешт проповедник на добрата вест. Сепак, апостол Павле го поттикнал и понатаму духовно да напредува. Бидејќи го следел советот на Павле, Тимотеј можел повеќе да им помага на браќата и сестрите, а и Јехова можел да го користи во поголема мера. Сигурно и ти како Тимотеј имаш силна желба во уште поголема мера да им служиш на Јехова и на соверниците. Кои цели можат да ти помогнат во тоа? И што треба да земеш предвид за да можеш да си поставиш такви цели и да ги оствариш?

b ПОЈАСНУВАЊЕ: Во духовни цели спаѓа сето она што се трудиме да го постигнеме за да може да му служиме на Јехова во уште поголема мера и да го радуваме.

c Види го поднасловот „Да се служи таму каде што има поголема потреба“ во книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, погл. 10, пас. 6-9.

d Види ја лекција 60 во книгата Радувај му се на животот засекогаш.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат им дава обука на две сестри во врска со одржување на салата за состаноци. Потоа тие две го применуваат во пракса она што го научиле.

f ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра која не може да излегува од дома сведочи по телефон и ги кани луѓето на Спомен-свеченоста.