СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 15
Угледај се на Исус и зачувај го внатрешниот мир
Мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца (ФИЛ. 4:7)
ПЕСНА 113 Мирот — Божји дар
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1-2. Зошто Исус бил под голем притисок?
ПОСЛЕДНИОТ ден од својот живот на Земјата, Исус бил под голем притисок. Знаел дека наскоро ќе биде мачен и убиен од злобни луѓе. Но тој не бил загрижен само поради тоа. Исус го сакал својот Татко и сакал да го радува. Тој знаел дека, ако остане верен во текот на овој голем испит на верата, ќе придонесе да се оправда Јеховиното име. Исус ги сакал и луѓето, и бил свесен дека ќе имаме можност да живееме вечно само ако тој му остане верен на Јехова до смрт.
2 Иако бил под голем притисок, Исус имал внатрешен мир. На своите апостоли им рекол: „Мирот свој ви го давам“ (Јован 14:27). Исус останал сталожен и смирен во овие мигови затоа што го имал „мирот Божји“. Таквиот мир произлегува од добриот однос што еден човек го има со Јехова (Фил. 4:6, 7).
3. Што ќе видиме во оваа статија?
3 Никој од нас нема да се соочи со истиот притисок што го имал Исус. Но, сите негови следбеници ќе се соочат со разни проблеми и испити на верата (Мат. 16:24, 25; Јован 15:20). Исто како Исус, и ние понекогаш ќе бидеме вознемирени. Во такви моменти, што ќе ни помогне да не почнеме претерано да се грижиме и поради тоа да го изгубиме внатрешниот мир? Да видиме кои три работи ги направил Исус во текот на неговата служба на Земјата, и како можеме да го следиме неговиот пример кога се соочуваме со големи проблеми.
ИСУС ЧЕСТО СЕ МОЛЕЛ
4. а) Кои примери покажуваат дека Исус често се молел во текот на последниот ден од својот живот на Земјата? б) Кој поттик им бил подоцна даден на христијаните во 1. Солуњаните 5:17?
4 Прочитај 1. Солуњаните 5:17. Последниот ден од својот живот на Земјата, Исус често се молел. Кога ја воспоставил Спомен-свеченоста по повод својата смрт, тој се молел за лебот и виното (1. Кор. 11:23-25). Пред да го напуштат местото каде што ја одбележале Пасхата, Исус се молел со учениците (Јован 17:1-26). Истата вечер, кога заедно со учениците бил на Маслинската Гора, тој се помолил неколку пати (Мат. 26:36-39, 42, 44). Дури и последните зборови што ги кажал пред да умре, всушност, биле една молитва (Лука 23:46). Исус му се молел на Јехова за сѐ што му се случувало последниот ден од неговиот живот.
5. Зошто се намалила храброста на апостолите?
5 Една причина зошто Исус можел да ги издржи искушенијата е тоа што често му се молел на својот Татко и имал доверба дека тој ќе му помогне да истрае. Од друга страна, наместо да останат будни и да се молат, апостолите заспале таа вечер. Поради тоа, кога подоцна се соочиле со испит на својата вера, им недостигала храброст (Мат. 26:40, 41, 43, 45, 56). Кога ние се соочуваме со испити на верата, ќе му останеме верни на Бог само ако се молиме непрестајно исто како што правел Исус. За што можеме да се молиме?
6. Како верата ќе ни помогне да задржиме внатрешен мир?
6 Можеме да го молиме Јехова да ни даде повеќе вера (Лука 17:5; Јован 14:1). Верата ни е потребна бидејќи Сатана ги искушува сите следбеници на Исус (Лука 22:31). Како верата ќе ни помогне да задржиме внатрешен мир дури и кога се соочуваме со многу проблеми? Ако сме направиле сѐ што е во наша моќ за да решиме некој проблем, верата во Јехова ќе ни помогне да престанеме претерано да се грижиме. Зошто? Бидејќи имаме доверба дека Тој ќе ни го даде најдоброто решение во вистинско време. А ова, пак, ќе ни донесе внатрешен мир (1. Пет. 5:6, 7).
7. Што научи од зборовите на Роберт?
7 Молитвата ни помага да зачуваме внатрешен мир без разлика со какви испити се соочуваме. Да го разгледаме примерот на Роберт, еден искусен старешина кој има повеќе од 80 години. Тој вели: „Советот од Филипјаните 4:6, 7 ми помогна да се справам со многу проблеми. Во еден период од животот имав финансиски проблеми. Исто така, некое време ми беше одземена одговорноста да служам како старешина“. Што му помогнало на Роберт да го зачува внатрешниот мир? Тој вели: „Штом ќе ме преплават грижи, веднаш почнувам да се молам. Сфатив дека колку почесто и посесрдно се молам толку поголем внатрешен мир чувствувам“.
ИСУС РЕВНОСНО ПРОПОВЕДАЛ
8. Според Јован 8:29, која е уште една причина зошто Исус имал внатрешен мир?
8 Прочитај Јован 8:29. Исус имал внатрешен мир дури и кога доживувал прогонства. Зошто? Бидејќи знаел дека со својата послушност го радува својот Татко. Исус останал послушен и кога тоа му било тешко. Тој го сакал Јехова, и најважно во животот му било да му служи нему. На пример, пред да дојде на Земјата, Исус соработувал со својот Татко додека Тој создавал (Изр. 8:30). А додека бил на Земјата, ревносно ги поучувал другите за Бог (Мат. 6:9; Јован 5:17). Таа активност му донела голема радост на Исус (Јован 4:34-36).
9. Зошто имаме внатрешен мир кога сме зафатени во службата на проповедање?
9 Ние можеме да го следиме примерот на Исус така што ќе му бидеме послушни на Јехова и така што секогаш ќе бидеме „зафатени во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58). Кога сме потполно посветени на проповедањето, тоа ни помага да имаме исправен став за нашите проблеми (Дела 18:5). На пример, луѓето на кои им проповедаме честопати се соочуваат со многу поголеми проблеми од нашите. Сепак, кога ќе го засакаат Јехова и ќе научат да ги применуваат неговите совети, нивниот живот се подобрува и стануваат посреќни. Секогаш кога го гледаме тоа во службата на проповедање, се потсетуваме дека Јехова се грижи за луѓето, а тоа нѐ уверува дека се грижи и за нас. Таквата увереност ни помага да си го зачуваме внатрешниот мир. Ова го потврдува една сестра која цел живот се бори со депресија и со чувство на безвредност. Таа вели: „Кога сум зафатена во службата, се чувствувам емоционално постабилна и многу сум посреќна. Мислам дека тоа е така затоа што, кога проповедам, се чувствувам најблиска со Јехова“.
10. Што научи од зборовите на Бренда?
10 Да го разгледаме и примерот на една сестра по име Бренда. Таа и ќерка ѝ имаат мултиплекс склероза. Бренда е во инвалидска количка и постојано се чувствува исцрпено. Понекогаш проповеда од врата до врата, но главно сведочи преку писма. Таа вели: „Откако се помирив со фактот дека ќе мора да се борам со оваа болест сѐ додека трае овој свет, полесно ми беше да се концентрирам на службата. Всушност, кога проповедам, не мислам на моите грижи. Наместо тоа, се концентрирам како да им помогнам на оние со кои сум стапила во контакт преку службата на проповедање. Исто така, кога проповедам, постојано се потсетувам на надежта што ја имам за иднината“.
ИСУС ПРИФАТИЛ ПОМОШ ОД СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ
11-13. а) Како апостолите и други докажале дека му се вистински пријатели на Исус? б) Како влијаеле врз Исус неговите пријатели?
11 Во текот на целата служба на Исус, верните апостоли докажале дека му се вистински пријатели. Во Изреки 18:24 пишува дека има „пријатели поприврзани од брат“ — и апостолите навистина биле такви. Исус многу ги ценел таквите пријатели. За време на неговата служба, ниту еден од неговите родени браќа не верувале во него (Јован 7:3-5). Во една прилика, неговите роднини дури и си помислиле дека полудел (Мар. 3:21). За разлика од нив, верните апостоли на Исус имале сосема поинаков став кон него. Затоа, ноќта пред својата смрт, тој им рекол: „Вие останавте со мене во моите искушенија“ (Лука 22:28).
12 Апостолите понекогаш го разочарувале Исус, но тој не се концентрирал на нивните грешки, туку на тоа дека имале вера во него (Мат. 26:40; Мар. 10:13, 14; Јован 6:66-69). Вечерта пред да биде погубен, Исус им рекол на овие верни Божји слуги: „Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“ (Јован 15:15). Без сомнение, Исус бил многу охрабрен од своите пријатели. Тоа што му помагале додека ја извршувал службата, му носело голема радост (Лука 10:17, 21).
13 Освен апостолите, Исус имал и други пријатели, и мажи и жени, кои му помагале на практични начини во текот на неговата служба. Некои го канеле кај нив дома и му приготвувале јадење (Лука 10:38-42; Јован 12:1, 2). Други патувале со Исус и го делеле со него она што го имале (Лука 8:3). Тој имал добри пријатели бидејќи и самиот им бил добар пријател. Исус правел добри работи за нив и не очекувал премногу од нив. Иако бил совршен, ја ценел помошта што му ја давале неговите несовршени пријатели. Без сомнение, тие му помагале да го зачува својот внатрешен мир.
14-15. Како можеме да стекнуваме добри пријатели, и како тие можат да ни помогнат?
14 Добрите пријатели ќе ни помогнат да му останеме верни на Јехова. А најдобриот начин да стекнеме добри пријатели е така што и самите ќе бидеме такви пријатели (Мат. 7:12). На пример, Библијата нѐ поттикнува да ги користиме нашето време и сили за другите, особено кога имаат потреба од помош (Изр. 3:27; Еф. 4:28). Размисли кому во твоето собрание можеш да му помогнеш. Би можел ли да испазариш некои работи за објавител кој не е во состојба да излегува од дома? Би можел ли да поканиш на ручек некое семејство кое едвај врзува крај со крај? Ако знаеш како да ги користиш нашата интернет-страница jw.org® и апликацијата JW Library®, би можел ли да им помогнеш на други од собранието да научат како да ги користат? Ако правиме сѐ што можеме за да им помагаме на другите, ќе бидеме посреќни (Дела 20:35).
15 Кога минуваме низ неволји, нашите пријатели ќе ни дадат поддршка и така ќе ни помогнат да си го зачуваме внатрешниот мир. Исто како што Елиу внимателно слушал кога Јов зборувал за своите маки, нашите пријатели ни помагаат така што стрпливо нѐ слушаат кога им ги кажуваме нашите грижи (Јов 32:4). Не треба да очекуваме пријателите да носат одлуки наместо нас, но мудро е да ги слушаме нивните совети што ни ги даваат на темел на Библијата (Изр. 15:22). Цар Давид понизно ја прифатил помошта од своите пријатели. И ние треба да покажеме понизност така што ќе прифатиме помош од пријателите тогаш кога тоа ни е потребно (2. Сам. 17:27-29). Таквите добри пријатели се вистински дар од Јехова! (Јак. 1:17).
КАКО ДА ГО ЗАДРЖИМЕ ВНАТРЕШНИОТ МИР
16. Според Филипјаните 4:6, 7, како можеме да добиеме внатрешен мир? Објасни.
16 Прочитај Филипјаните 4:6, 7. Зошто Јехова ни вели дека мирот што го дава тој можеме да го добиеме „преку Христос Исус“? Бидејќи можеме да стекнеме траен мир во умот и срцето само ако ја разбереме улогата на Исус и ако имаме вера во него. На пример, преку откупната жртва на Исус, можат да бидат простени сите наши гревови (1. Јов. 2:12). Колку голема утеха ни носи тоа! Како Цар на Божјето Царство, Исус ќе ги отстрани сите страдања што Сатана и неговиот свет ни ги нанесуваат (Иса. 65:17; 1. Јов. 3:8; Отк. 21:3, 4). Колку убава надеж за иднината ни влева ова! Исто така, Исус ни заповедал да проповедаме. Иако ова не е лесна задача, тој е со нас и ќе ни помага да ја извршуваме сѐ до крајот на овој поредок (Мат. 28:19, 20). Колку голема храброст ни дава тоа! Навистина, утехата, надежта и храброста се многу важни за да имаме внатрешен мир.
17. а) Како може еден Божји слуга да го зачува внатрешниот мир? б) Во што нѐ уверуваат зборовите запишани во Јован 16:33?
17 Тогаш, како можеш да го зачуваш внатрешниот мир кога се соочуваш со големи проблеми и испити на верата? Така што ќе ги правиш истите работи кои ги правел Исус. Како прво, моли се, и тоа непрестајно. Како второ, биди му послушен на Јехова и ревносно проповедај дури и кога тоа не е лесно. И трето, прифати ја помошта од пријателите. Тогаш мирот Божји ќе ги чува твојот ум и твоето срце. На тој начин и ти, како Исус, ќе можеш да останеш верен и покрај сите проблеми и искушенија со кои се соочуваш! (Прочитај Јован 16:33.)
ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!
a Сите мора да се бориме со проблеми кои можат да ни го одземат внатрешниот мир. Во оваа статија ќе разгледаме три работи кои ги правел Исус, а кои можат и нам да ни помогнат да го зачуваме внатрешниот мир, дури и кога минуваме низ големи проблеми и испити на верата.