ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Го најдовме скапоцениот бисер
ВИНСТОН и Памела Пејн служат во подружницата Австралазија. Нивниот живот бил среќен и исполнет, но имале и тешкотии. На пример, морале да се навикнат на други култури. Освен тоа, биле скршени од болка кога Памела доживеала спонтан абортус. И покрај сѐ, нивната љубов кон Јехова и кон неговиот народ не згаснала, а ја зачувале и радоста во службата. Во ова интервју, ќе ни раскажат некои искуства од нивниот живот.
Винстон, кажи ни нешто за твојата потрага по Бог.
Пораснав на една фарма во Квинсленд (Австралија). Нашето семејство не беше религиозно. Бидејќи живеевме на изолирано место, немав многу контакт со други луѓе. Почнав да го барам Бог уште на 12 години. Се молев да ми помогне да ја дознаам вистината за него. Со текот на времето ја напуштив фармата и најдов работа во Аделејд (Јужна Австралија). Кога имав 21 година, додека бев на одмор во Сиднеј, се запознав со Памела. Таа ми зборуваше за Британско-израелското религиозно движење кое тврди дека Британците потекнуваат од таканаречените изгубени племиња на Израел. Според тоа движење, овие племиња се десетте племиња од северното царство кои биле одведени во изгнанство во осмиот век пред нашата ера. Затоа, кога се вратив во Аделејд, зборував за оваа тема со еден колега кој имаше почнато да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Откако разговаравме само неколку часа — главно за верувањата на Сведоците — сфатив дека мојата молитва од детството ми беше одговорена. Така почнав да ја откривам вистината за мојот Творец и за неговото Царство! Го најдов скапоцениот бисер (Мат. 13:45, 46).
Памела, и ти почна да го бараш тој бисер на рана возраст. Како го пронајде?
Пораснав во религиозно семејство во градот Кофс Харбор, во Нов Јужен Велс (Австралија). Татко ми, мајка ми и нејзините родители ги прифатиле учењата на Британско-израелското движење. Јас, мојот помлад брат и постарата сестра, заедно со многу братучеди и братучетки, бевме поучени да веруваме дека Бог има посебна наклоност кон луѓето со британско потекло. Меѓутоа, јас не се согласував со тие верувања,
и се чувствував духовно гладна. Кога имав 14 години, одев во разни локални цркви, меѓу кои Англиканската, Баптистичката и Адвентистичката црква. Но тие не ми помогнаа да го запознаам Бог.Моето семејство подоцна се пресели во Сиднеј, каде што се запознав со Винстон, кој таму беше на одмор. Како што спомна тој, нашите разговори на религиозни теми со текот на времето придонесоа тој да почне да проучува со Сведоците. Оттогаш, писмата што ми ги испраќаше беа полни со библиски стихови! Мора да признаам дека на почетокот бев загрижена, па дури и му се лутев. Но, постепено сфатив дека тоа е вистината за Бог.
Во 1962 година, се преселив во Аделејд за да бидам поблиску до Винстон. Тој ми најде сместување кај Томас и Џенис Слоуман — еден брачен пар Сведоци кои служеле како мисионери во Папуа Нова Гвинеја. Тогаш имав само 18 години. Тие се грижеа за мене и многу ми помогнаа во духовен поглед. По некое време и јас почнав да ја проучувам Божјата Реч, и наскоро бев уверена дека ја најдов вистината. Откако се венчавме со Винстон, веднаш почнавме со полновремена служба. Иако имавме тешкотии, службата за Бог ни донесе многу благослови и ни помогна уште повеќе да го цениме скапоцениот бисер што го најдовме.
Винстон, раскажи ни нешто повеќе за првите години од твојата служба за Јехова.
Набрзо откако се зедовме со Памела, Јехова ни даде можност да ја зголемиме нашата служба така што ни ја отвори првата „голема врата за работа“ (1. Кор. 16:9). Тоа беше пионерската служба. Брат Џек Портер, кој беше покраински надгледник, и неговата сопруга Рослин нѐ поттикнаа да почнеме со оваа служба. (Брат Џек сега служи како член на Одборот на подружницата Австралазија.) Како општи пионери служевме пет години. Кога имав 29 години, бевме замолени да служиме во покраинското дело на островите во јужниот дел од Тихиот Океан, за кои тогаш се грижеше подружницата на Фиџи. Тие острови се Американска Самоа, Вануату, Кирибати, Науру, Ниуе, Самоа, Токелау, Тонга и Тувалу.
Во тоа време, луѓето што живееја на некои од позафрлените острови беа сомничави кон Јеховините сведоци. Затоа мораше да бидеме претпазливи и неупадливи (Мат. 10:16). Собранијата беа мали, а некои од нив не можеа да ни обезбедат сместување. Поради тоа ги прашувавме селаните дали може да престојуваме кај нив. Тие секогаш беа добри со нас и ни дозволуваа да се сместиме кај нив.
Винстон, ти многу се интересираш за активностите поврзани со преведувањето. Кажи ни како се разви тој интерес кај тебе?
Во тоа време, браќата на островот Тонга имаа само неколку трактати и брошурки на тонгански — еден од полинезиските јазици. Во служба ја користеа книгата Вистина која води до вечен живот на англиски јазик за да проучуваат со луѓето. Затоа, во текот на школата за старешини која траеше четири седмици, тројца локални старешини се согласија да ја преведат оваа книга на тонгански, иако не го знаеја добро англискиот јазик. Памела го отчука текстот од книгата на машина за пишување, и го испративме за печатење до подружницата во Соединетите Американски Држави. Целиот проект траеше околу осум седмици. Иако квалитетот на преводот не беше баш најдобар, оваа публикација им помогна на многу луѓе што зборуваат тонгански да ја дознаат вистината. Јас и Памела не сме преведувачи, но тоа искуство побуди интерес кај нас за оваа активност.
Памела, каков беше животот на островите во споредба со животот во Австралија?
Многу поразличен! Во зависност од тоа каде бевме, се соочувавме со разни тешкотии: роеви комарци, голема жештина и влажност, стаорци, болести, а понекогаш и недостиг на храна. Од друга страна, на крајот од секој ден уживавме во прекрасната глетка која ја имавме од нашето фале — самоанско име за типична полинезиска куќа со сламен покрив и без ѕидови. Понекогаш навечер месечината толку многу сјаеше што се
гледаа силуетите на кокосовите палми, а на хоризонтот нејзината светлина одблеснуваше од површината на океанот. Таквите прекрасни мигови нѐ поттикнуваа длабоко да размислуваме за Јехова и да му се молиме. А тоа ни помагаше да не мислиме на негативните туку на позитивните работи што ги доживувавме.Многу ги засакавме тамошните дечиња, кои беа многу љубопитни и интересно реагираа кога ќе видеа некој белец. Додека бевме во посета на Ниуе, едно детенце ја погали влакнестата рака на Винстон и рече: „Многу ми се допаѓаат твоите пердуви“. Очигледно, никогаш претходно немаше видено толку влакнести раце и не знаеше како да ги опише!
Ни се кинеше срцето кога ги гледавме лошите услови во кои живееја повеќето од тамошните жители. Имаа прекрасна околина, но немаа соодветна здравствена грижа и немаа доволно чиста вода за пиење. Сепак, нашите браќа не се грижеа премногу за тоа. Тие беа навикнати на таков живот. Ги правеше среќни тоа што беа заедно со семејството, што имаа место каде што можеа да го слават Јехова и што можеа да му служат. Нивниот пример ни помогна да се концентрираме на најважното и да водиме едноставен живот.
Памела, ти ни рече дека понекогаш си морала да црпиш вода од бунар и да подготвуваш храна во сосема поинакви околности. Како се снајде со тоа?
За тоа морам да му се заблагодарам на татко ми. Тој ме научи на многу корисни работи, на пример, како да запалам оган и како да готвам на него. Ме научи и како да преживеам со многу малку во материјален поглед. За време на една посета на Кирибати, престојувавме во една мала куќа која имаше сламен кров, ѕидови од бамбус и под кој беше направен од издробени, добро набиени корали. Во таа прилика, за да зготвам едноставно јадење, во подот ископав дупка за огниште и употребив лушпи од кокосов орев како гориво. За да донесам вода, на еден бунар чекав во ред заедно со жените од тоа место. Водата ја црпеа со помош на еден стап кој беше долг околу два метра и на чиј крај имаше прицврстено тенко јаже, слично како рибарска трска. Но наместо да прикачат јадица на крајот од јажето, тие врзуваа кофа. Една по една, секоја жена го фрлаше јажето и во вистинскиот момент отсечно го повлекуваше. Кофата се вртеше на страна и се полнеше. Мислев дека тоа е едноставно — сѐ додека не дојде мојот ред. Го пуштав јажето неколку пати, но кофата удираше во водата и пловеше на површината! Откако сите ми се изнасмеаја, една од жените се понуди да ми помогне. Локалните жители секогаш беа спремни да ни помогнат.
И двајцата ја засакавте службата на островите. Ќе може ли да споделите со нас некои убави спомени?
Винстон: Ни требаше време да се запознаеме со некои обичаи. На пример, кога нѐ викаа на јадење, браќата обично ни ја принесуваа целата храна што ја имаа. Во почетокот, не сфаќавме дека требаше да оставиме нешто и за нив. Затоа ја јадевме целата храна што беше пред нас! Се разбира, кога сфативме каков е нивниот обичај, остававме храна и за нив. И покрај таквите несмасни грешки, браќата имаа разбирање за нас. Тие беа многу радосни кога по шест месеци повторно ќе дојдевме кај нив на покраинска посета. Освен нас, локалните браќа немаа сретнато други Сведоци.
Нашите посети даваа добро сведоштво и во околината. Многу од жителите сметаа дека локалните Сведоци измислуваат дека се дел од некоја меѓународна организација, и дека таа не постои. Бидејќи јас и Памела бевме од друга земја, кога ќе дојдевме на посета кај локалните браќа, жителите сфаќаа дека нашата организација навистина постои и дека се грижи за секој нејзин член. Ова многу ги импресионираше.
Памела: Еден од најубавите спомени ми е поврзан со Кирибати, каде што имаше собрание составено само од неколку браќа и сестри. Единствениот старешина, Стинаки Матера, даде сѐ од себе за да се грижи за нас. Еден ден се појави со кошница во која имаше едно јајце. Ни рече: „За вас!“ Во тоа време за нас беше
вистинска реткост и посебно задоволство да јадеме јајце од кокошка. Тој мал, но великодушен гест, многу нѐ трогна.Памела, неколку години подоцна, ти доживеа спонтан абортус. Што ти помогна да го поднесеш тој тежок период?
Забременив во 1973 год. Тогаш со Винстон бевме на островите во јужниот дел на Тихиот Океан. Решивме да се вратиме во Австралија, каде што четири месеци подоцна го загубивме нашето бебе. И двајцата бевме скршени од болка. Со текот на времето, болката во моето срце се намалуваше, но не исчезна потполно сѐ додека не ја добивме Стражарска кула од 15 април 2009. Во рубриката „Прашања од читателите“ беше разгледано следново прашање: „Има ли надеж да биде воскреснато бебе кое умрело во матката на мајката?“ Статијата нѐ увери дека Јехова ќе одлучи што да стори во врска со тоа и дека тој секогаш го прави она што е исправно. Јехова преку својот Син ќе ги „уништи делата на Ѓаволот“ и така ќе ги излечи сите наши рани што сме ги добиле во овој свет (1. Јов. 3:8). Исто така, таа статија ни помогна уште повеќе да го цениме скапоцениот „бисер“ што го имаме како Јеховини слуги! Што ќе беше со нас ако ја немавме надежта за Божјето Царство!?
Некое време откако го загубивме нашето бебе, повторно почнавме со полновремена служба. Неколку месеци служевме во Бетелот во Австралија и потоа продолживме со покраинското дело. Во 1981 год., откако четири години служевме во Сиднеј и руралното подрачје на Нов Јужен Велс, бевме поканети да служиме во подружницата, каде што сме до ден-денес.
Винстон, дали искуството што го стекна на островите ти помогна во службата како член на Одборот на подружницата Австралазија?
Да, и тоа на неколку начини. Прво, Австралија беше замолена да се грижи за Американска Самоа и Самоа. Потоа, подружницата во Нов Зеланд беше споена со таа во Австралија и така беше формирана подружницата Австралазија. Сега, во подрачјето на подружницата Австралазија спаѓаат Австралија, Американска Самоа, Источен Тимор, Куковите Острови, Ниуе, Нов Зеланд, Самоа, Токелау и Тонга — а многу од нив имав можност да ги посетам како бетелски говорник и како претставник на подружницата. Тоа што порано соработував со верните браќа и сестри од островите многу ми помага додека им служам од подружницата.
На крајот можам да кажам дека јас и Памела одамна сфативме дека Бог не го бараат само возрасните. Ова го научивме од нашето искуство. И младите го бараат скапоцениот „бисер“ — дури и кога другите членови на семејството не се заинтересирани (2. Цар. 5:2, 3; 2. Лет. 34:1-3). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова е грижлив Бог кој сака сите — и млади и стари — да добијат вечен живот!
Пред повеќе од 50 години, јас и Памела почнавме да го бараме Бог. Тогаш не можевме ни да си замислиме каков живот нѐ чека поради таа потрага. Вистината за Божјето Царство без сомнение е бисер со непроценлива вредност! Решени сме со сета сила да го чуваме тој скапоцен бисер!