ЧИТАТЕЛИТЕ ПРАШУВААТ...
Дали христијаните треба да слават Божиќ?
За милиони луѓе низ целиот свет, Божиќ е празник на кој се слави роденденот на Исус Христос. Но, дали луѓето што му биле најблиски на Исус, на пример неговите апостоли и ученици, славеле Божиќ? Што вели Библијата за родендените? Одговорот на овие прашања ќе ни помогне да дознаеме дали христијаните треба да слават Божиќ.
Како прво, во Библијата не се спомнуваат роденденски прослави на Исус ниту, пак, на некој друг верен Божји слуга. Во неа се запишани само роденденските прослави на две лица. Но, тие не му служеле на Јехова — Богот за кого се зборува во Библијата. Освен тоа, и на двете прослави се случиле трагедии (1. Мојсеева 40:20; Марко 6:21). Според една енциклопедија, првите христијани не го одобрувале „паганскиот обичај да се слават родендени“ (Encyclopædia Britannica).
На кој датум бил роден Исус?
Библијата не кажува кога точно бил роден Исус. „Датумот кога се родил Христос не може да се дознае од Новиот завет ниту, пак, од некој друг извор“, вели енциклопедијата од Меклинток и Стронг. Се разбира, ако Исус сакал неговите следбеници да го слават неговиот роденден, сигурно ќе се погрижел да дознаат на кој датум се родил.
Како второ, во Библијата не пишува дека Исус или некој од неговите ученици славел Божиќ. Според една католичка енциклопедија, славењето Божиќ првпат се спомнува „во Хронографот на Филокал, римски календар кој содржи материјал што датира од 336 [год. од н.е.]“ (New Catholic Encyclopedia). Тоа е прилично долго време откако било завршено пишувањето на Библијата, и неколку векови по смртта на Исус. Освен тоа, Меклинток и Стронг забележале дека „славењето Божиќ не го воспоставил Бог ниту, пак, потекнува од Новиот завет“. *
Кој настан им рекол Исус на своите ученици да го одбележуваат?
Големиот учител Исус дал јасни упатства за тоа што очекува од своите следбеници, и тие упатства се запишани во Библијата. Меѓутоа, тој не го ни спомнал Божиќ. Исто како што еден учител сака неговите ученици да се држат за она за кое ги поучува, така и Исус сака неговите ученици да не одат „преку она што е напишано“ во Библијата (1. Коринќаните 4:6).
Од друга страна, првите христијани одбележувале еден друг важен настан — Спомен-свеченоста, односно годишнината од смртта на Исус. Самиот Исус им кажал на своите ученици кога да го одбележуваат тој настан и им покажал како да го прават тоа. Тие конкретни упатства, како и датумот на неговата смрт, се запишани во Библијата (Лука 22:7, 19; 1. Коринќаните 11:25).
Како што можевме да видиме, Божиќ е роденденска прослава, а првите христијани не го следеле тој пагански обичај. Освен тоа, во Библијата не се спомнува дека Исус или некој друг славел Божиќ. Од овие јасни причини, милиони христијани низ целиот свет дошле до заклучок дека не треба да слават Божиќ.
^ пас. 6 Нешто повеќе за потеклото на повеќето божиќни обичаи можеш да дознаеш од статијата „Читателите прашуваат... Која е вистината за Божиќ?“, во Стражарска кула од 1 декември 2014, која е достапна и онлајн, на www.jw.org/mk.