Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог е сочувствителен?

Дали Бог е сочувствителен?

ШТО НИ КАЖУВА НАЧИНОТ НА КОЈ СМЕ СОЗДАДЕНИ

Сочувството се дефинира како способност да ги разбереш чувствата на другите или она што го доживуваат така што ќе си замислиш како би ти било да си на нивно место. Доктор Рик Хансон, кој е стручњак за ментално здравје, вели дека сочувството ни е во крвта.

РАЗМИСЛИ: Зошто како луѓе имаме способност да покажуваме сочувство, и тоа во далеку поголема мера од животните? Библијата објаснува дека Бог ги создал луѓето според неговиот лик (1. Мојсеева 1:26). Поради тоа, можеме да ги покажуваме неговите особини до одреден степен. Значи, кога сочувството ги поттикнува луѓето да им помагаат на другите, тие го одразуваат сочувството на својот Творец, Јехова Бог (Изреки 14:31).

ШТО НИ КАЖУВА БИБЛИЈАТА

Бог е сочувствителен кон нас и мрази кога гледа дека страдаме. Во врска со древните Израелци, кои биле под тешко ропство во Египет а потоа минале 40 мачни години во пустината, Библијата вели: „Во сите нивни неволји тој чувствуваше болка“ (Исаија 63:9). Забележи дека Бог не само што бил свесен за нивната мака туку можел и да ја почувствува нивната болка. Тој рекол: „Добро ги знам нивните болки“ (2. Мојсеева 3:7). Бог вели: „Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око“ (Захарија 2:8). Кога другите нѐ повредуваат, и тој ја чувствува нашата болка.

Можеби се осудуваме и сметаме дека не заслужуваме Бог да покажува сочувство кон нас. Сепак, Библијата нѐ уверува дека „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1.  Јованово 3:19, 20). Бог нѐ познава подобро отколку ние самите. Тој е потполно свесен за нашите околности, мисли и чувства. И покажува сочувство кон нас.

Можеме да бараме утеха, мудрост и поддршка од Бог затоа што тој им помага на оние што се во неволја

Библијата нѐ уверува

  • „Да повикаш, Јехова би ти одговорил. Кога би повикал за помош, тој би рекол: ’Еве ме!‘“ (ИСАИЈА 58:9).

  • „’Зашто, јас добро знам какви се моите намери со вас,‘ вели Јехова, ’намери за мир, а не за неволја, за да ви дадам иднина и надеж. Вие ќе ме повикувате, ќе доаѓате кај мене и ќе ми се молите, а јас ќе ве слушам‘“ (ЕРЕМИЈА 29:11, 12).

  • „Стави ги моите солзи во својата мешина. Не се ли тие во твојата книга?“ (ПСАЛМ 56:8).

БОГ НЀ ЗАБЕЛЕЖУВА, НЀ РАЗБИРА И СОЧУВСТВУВА СО НАС

Дали тоа што знаеме дека Бог сочувствува со нас ни помага кога имаме проблеми? Размисли за искуството на Марија.

„Мислев дека животот е тежок и неправеден затоа што доживеав огромна болка кога го изгубив мојот 18-годишен син кој две години се бореше со ракот. Му се лутев на Јехова затоа што не се вмеша и не го излечи!

Шест години подоцна, една грижлива и сочувствителна пријателка внимателно ме слушаше додека ѝ кажував дека се чувствувам како Јехова да нѐ ме сака. Откако ме слушаше со часови без да ме прекинува, ми цитираше еден стих кој ме погоди. Тоа беше 1. Јованово 3:19, 20. Таму вели дека ’Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ‘. Таа ми објасни дека Јехова ги разбира нашите маки.

И покрај ова, сѐ уште чувствував гнев. Потоа, го прочитав Псалм 94:19, каде што пишува: ’Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата‘. Имав чувство како овие стихови да беа напишани за мене. Со текот на времето, почувствував олеснување затоа што можев да му кажам на Јехова што ме мачи знаејќи дека ме слуша и разбира.“

Колку утешно е тоа што знаеме дека Бог нѐ разбира и сочувствува со нас! Но тогаш, зошто има толку многу страдања? Дали Бог нѐ казнува за нашите гревови? Дали тој ќе преземе нешто за да им стави крај на страдањата? Овие прашања ќе бидат разгледани во следните статии.