Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

2. Како да ги решиш проблемите

2. Како да ги решиш проблемите

Некои проблеми во животот траат многу долго, дури и со години. Уште пред да станеме свесни за нив, можеби веќе фатиле корен. Може ли Библијата да ни даде мудрост да решиме некои проблеми кои долго време нѐ измачуваат? Да разгледаме неколку примери.

ПРЕТЕРАНА ЗАГРИЖЕНОСТ

Рози вели: „Постојано бев загрижена затоа што некои работи си ги преувеличував во главата и си го замислував најцрното сценарио“. Кои библиски стихови ѝ помогнале? Еден од нив е Матеј 6:34: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“. Рози вели дека тие зборови, кои ги кажал Исус, ѝ помогнале да не биде загрижена за тоа што би можело да се случи утре. Таа додава: „Имав доволно проблеми и без да ја додавам грижата за работи кои не се случиле и кои најверојатно нема ни да се случат“.

И Јасмина се чувствувала преплавена од грижи. Таа вели: „Плачев неколку дена во неделата и имаше ноќи кога не спиев. Негативното размислување како да ме јадеше однатре“. Ѝ помогнал библискиот стих 1. Петрово 5:7: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“. Јасмина вели: „Не престанав да му се молам на Јехова, и тој ми одговори на молитвите. Како да ми падна камен од срце. Одвреме-навреме пак ми доаѓаат негативни мисли, но сега знам како да се справам со нив“.

ОДОЛГОВЛЕКУВАЊЕ

Една девојка по име Изабела вели: „Мислам дека одолговлекувањето е наследно бидејќи и татко ми е таков. Ги одложувам важните работи, а потоа не правам ништо — си се релаксирам и си гледам телевизија. Таа навика е штетна бидејќи те става под силен стрес, и на крај она што ќе го сработиш не е сработено како што треба“. Многу ѝ помогнал советот од 2. Тимотеј 2:15, кој гласи: „Дај сѐ од себе за да стекнеш признание од Бог, да бидеш работник кој нема од што да се срами“. Изабела вели: „Не сакав Јехова да се срами од мене бидејќи нешто не сум сработила добро само затоа што сум одолговлекувала“. Со текот на времето, таа многу се подобрила во овој поглед.

И Келси вели нешто слично: „Имав проекти со рок, но ги одложував до последен момент. Плачев, не спиев и се секирав. Тоа стварно ми штетеше“. На Келси ѝ помогнал библискиот стих Изреки 13:16: „Секој умен човек прво проучува, па делува, а безумникот си ја истакнува глупоста“ (Радосна Вест). Таа објаснува што научила откако размислувала за овој стих: „Мудро е да си организиран и да имаш план. Сега на бирото секогаш си имам тефтер во кој си ја организирам работата. Тоа ми помага да бидам во тек со сѐ и да не чекам до последен момент“.

ОСАМЕНОСТ

„Маж ми ме напушти и ме остави сама со четири мали деца“, раскажува Кристина. Во таа ситуација, многу ѝ помогнале зборовите од Изреки 17:17: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“. Кристина побарала помош од нејзините пријатели кои исто така му служат на Јехова. Таа вели: „Добив огромна поддршка од нив! Некои ми оставаа намирници и цвеќиња пред вратата. Цела војска пријатели трипати ни помогнаа мене и на децата да се преселиме. Еден пријател ми помогна да најдам работа. Пријателите секогаш беа тука за мене“.

Со осаменост се борела и Делфина, која веќе ја спомнавме. После сите тие болни загуби, таа објаснува: „Се чувствував како да не живеам, како да стојам сама во некој ќош и гледам како сите други си го живеат животот. Бев толку осамена“. Еден од стиховите кој ѝ помогнал бил Псалм 68:6: „Бог ги населува во куќа оние што се сами“. Таа објаснува: „Знаев дека не е можно овој стих да се однесува само на дословна куќа. Сфатив дека Бог ни нуди дом во симболична смисла, безбедно место каде што може да најдеме вистински и грижливи пријатели кои го сакаат Јехова. Но знаев дека, за да бидам блиска со другите, најпрво мора да сум блиска со Јехова. Во тоа ми помогна Псалм 37:4: ’Јехова нека биде твојата радост, па ќе добиеш од него што ти срце сака‘“.

На крај Делфина вели: „Сфатив дека треба да станам уште поблиска со Јехова. Тој е најдобриот пријател. За да си стекнам пријатели кои го сакаат Јехова, си направив список со работи што би можеле да ги правиме заедно. Научив да го гледам доброто кај другите и да не се концентрирам на нивните маани“.

Се разбира, и оние што му служат на Бог се несовршени. Како и сите луѓе, и Јеховините сведоци се борат со разни проблеми. Сепак, тоа што ја проучуваат Библијата ги поттикнува да им помагаат на другите секогаш кога е можно. Зар не би било убаво човек да има такви пријатели? Но, дали Библијата може да ни помогне кога станува збор за проблеми што не можеме да ги решиме — на пример, хроничен здравствен проблем или тага поради нечија смрт?

Советите од Библијата можат да ти помогнат да стекнеш добри пријатели