Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

5. Ќе му дојде ли крај на страдањето?

5. Ќе му дојде ли крај на страдањето?

Зошто е важен одговорот

Ако имаме основа да веруваме дека на страдањето ќе му дојде крај, таквата надеж може да ни помогне да имаме позитивен став кон животот и да се зближиме со Бог.

Размисли

Многу луѓе би сакале да му стават крај на страдањето, но не можат многу да направат во тој поглед. Размисли за следниве работи:

И покрај напредокот во медицината...

  • Срцевите заболувања сѐ уште се една од главните причини за смрт кај луѓето.

  • Секоја година од рак умираат милиони луѓе.

  • „Светот се соочува со разни видови заразни болести. За некои од нив сѐ уште не е пронајден лек, оние болести што биле искоренети повторно се враќаат, а се појавуваат и нови“, вели д-р Дејвид Блум во списанието Frontiers in Immunology.

И покрај тоа што некои земји се многу богати...

  • Секоја година умираат милиони деца. Ова особено се случува на места каде што луѓето се сиромашни.

  • Четири и пол милијарди луѓе немаат соодветни санитарни услови.

  • Стотици милиони луѓе немаат чиста вода за пиење.

И покрај тоа што е зголемена свесноста за човековите права...

  • Во многу земји сѐ уште има трговија со луѓе, а во некои држави оние што го прават тоа не одговараат пред законот. Причината е тоа што властите „не се свесни за овој проблем или не се во состојба да се справат со него“, пишува во еден извештај на Обединетите нации.

    ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

    Гледај го видеоклипот Што е Божјето Царство? на jw.org.

Што вели Библијата

Бог нѐ сака и се грижи за нас.

Тој не е рамнодушен кога чувствуваме болка и тага.

„[Бог] не ја презира неволјата на страдалникот... Своето лице не го скри од него и го чу кога викаше кон него за помош“ (ПСАЛМ 22:24).

„Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. ПЕТРОВО 5:7).

Страдањата нема да постојат засекогаш.

Библијата ни ветува дека Божјата намера во врска со луѓето ќе се исполни.

„[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (ОТКРОВЕНИЕ 21:3, 4).

Бог ќе ги отстрани сите причини за човечкото страдање.

Ова ќе го постигне преку своето Царство, за кое од Библијата дознаваме дека е влада која ќе владее од небото.

„Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ... Самото ќе стои довека“ (ДАНИЕЛ 2:44).