ЛЕКЦИЈА 2
Како да бидат понизни
ШТО Е ПОНИЗНОСТ?
Понизните луѓе ги почитуваат другите. Тие не постапуваат вообразено и не очекуваат луѓето да се однесуваат со нив како да се нешто посебно. Понизниот човек покажува искрен интерес за другите и спремен е да учи од нив.
Некои сметаат дека понизноста е знак на слабост, но тоа не е точно. Всушност, потребна е голема сила за некој да ги признае своите маани и ограничувања.
ЗОШТО ПОНИЗНОСТА Е ВАЖНА?
-
Понизноста придонесува за добри односи со другите. Во една книга пишува: „Општо земено, понизните луѓе побрзо склопуваат пријателства“. Во истата книга се вели дека на таквите лица „им е полесно да комуницираат и да се сложуваат со другите луѓе“ (The Narcissism Epidemic).
-
Понизноста ќе му користи на твоето дете кога ќе порасне. Ако детето се научи на понизност уште како мало, тоа ќе му користи и подоцна во животот, на пример, кога ќе бара работа. „Младите кои имаат превисоко мислење за себеси и не се свесни за своите слабости, нема да остават добар впечаток на интервју за работа“, напишал д-р Леонард Сакс. „Од друга страна, младите што сакаат да знаат што му е важно на работодавачот имаат поголеми шанси да ја добијат работата.“ a
КАКО ДА ГИ НАУЧИШ ДЕЦАТА ДА БИДАТ ПОНИЗНИ
Помогни му на детето да има реална слика за себе.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот себеси се залажува“ (Галатите 6:3).
-
Не му повторувај на детето често користени фрази кои, всушност, не се точни. Можеби ти се чини дека ќе го мотивираш ако му кажеш: „Сите твои соништа можат да станат реалност“ или „Можеш да бидеш сѐ што ќе посакаш“. Но, најчесто ваквите фрази се далеку од вистината. Твоите деца најверојатно ќе бидат поуспешни ако си поставуваат достижни цели и ако вложуваат многу труд за да ги остварат.
-
Пофалувај го детето кога ќе направи нешто добро. Ако секогаш му кажуваш дека е „најдобро“, „најпаметно“ или „најубаво“, не му помагаш да биде понизно. Пофалувај го за конкретни работи.
-
Одреди колку време ќе поминува на социјалните мрежи. На ваквите мрежи, луѓето обично
имаат навика да се фалат за своите таленти и достигнувања — нешто што е сосем спротивно на понизноста. -
Поттикни го детето брзо да се извинува. Помогни му да сфати каде згрешило и да си ја признае грешката.
Поттикни ги децата да бидат благодарни.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Бидете благодарни!“ (Колошаните 3:15).
-
Благодарни за сето она што е создадено во природата. Децата треба да научат да ги ценат сите чудесни творби во природата и да сфатат колку многу зависиме од нив. Не можеме да живееме без воздух, без вода и без храна. Користи ги овие примери за да им помогнеш на децата да стекнат ценење и благодарност за чудата во природата.
-
Благодарни за другите луѓе. Потсетувај го детето дека секој е во нешто подобар од него. Наместо да им завидува на другите за нивните вештини и способности, тоа може да учи од нив.
-
Научи ги децата да изразуваат благодарност. Поучи ги да кажат „благодарам“. Но, тоа треба да го кажуваат искрено и од срце. Благодарноста е нераздвоен дел од понизноста.
Помогни им на децата да сфатат дека е добро да им помагаат на другите.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе и не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:3, 4).
-
Давај им да прават некои работи низ дома. Ако не им даваш никакви задолженија, децата можат да си мислат дека се премногу важни за да извршуваат такви „обични“ работи. Тие треба да сфатат дека домашните обврски се поважни од играњето. Објасни им како тоа што помагаат низ дома им користи на другите, и кажи им дека ќе бидат ценети поради тоа.
-
Нагласи им дека, кога им помагаат на другите, покажуваат колку се грижат за нив. Ова е една од најважните работи што ќе им помогне да созреат. Затоа, поттикни ги да забележуваат кој има потреба од помош. Разговарајте за тоа како би можеле да им помогнат на таквите лица. Пофалувај ги и биди покрај нив додека се трудат да им помагаат на другите.
a Од книгата The Collapse of Parenting.