ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО Е ВИСТИНСКИ УСПЕХ?
Како ти го мериш успехот?
За да откриеш како гледаш на успехот, размисли за следниве замислени ситуации.
Што би рекол, која од овие личности е вистински успешна?
АЛЕКСАНДАР
Александар е бизнисмен. Тој е чесен, вреден и љубезен човек. Бидејќи бизнисот му оди добро, неговото семејство живее убаво.
НИКОЛА
Никола има сличен бизнис како Александар, ама заработува многу повеќе од него. Меѓутоа, сакајќи да е подобар од конкуренцијата, Никола сега е работохолик и има неколку болести.
ЛИДИЈА
Лидија е средношколка која е посветена на учењето и сака да стекнува нови знаења, па затоа добива добри оценки.
ЕЛЕНА
Елена има уште подобри оценки од Лидија и е ученик на генерацијата. Но, препишува на тестови и не е баш заинтересирана за своето образование.
Ако мислиш дека Никола и Елена — или сите четворица — се успешни, можеби го мериш успехот само според резултатите, сеедно по која цена биле постигнати.
Ако, пак, си ги избрал само Александар и Лидија, веројатно го мериш успехот според особините и работната етика. Така и би требало да биде. Размисли за следново:
Долгорочно гледано, што е подобро за Лидија — да добива највисоки оценки или да развива љубов кон учењето?
Што е подобро за децата на Александар — да имаат сѐ што може да се купи со пари или да имаат татко кој ќе поминува време со нив?
Заклучок: Лажниот успех се темели на желба да се остави впечаток, а вистинскиот успех се темели на желба да се следат исправни вредности.