ИНТЕРВЈУ | ХАНС КРИСТИЈАН КОТЛАР
Биотехнолог зборува за својата вера
Во 1978 год., д-р Ханс Кристијан Котлар почнал да врши научни истражувања во една болница за лекување рак во Норвешка. Тој ги испитувал причините за ракот и методите на лекување, како и имунолошкиот систем на човекот. Во тоа време, почнал да се интересира и за потеклото на животот. Разбудете се! зборуваше со него за неговата професија и верувања.
Зошто почнавте да се интересирате за потеклото и смислата на животот?
Татко ми беше католик, а мајка ми протестант. Но, за нив религијата не беше важна. Како тинејџер се прашував која е смислата на животот и читав книги за будизмот, хиндуизмот и исламот. Дури и го молев Бог да ми ја открие вистината.
Во 1970-тите, на полето на молекуларната биологија беше постигнат значаен напредок, и се прашував дали новите сознанија ќе откријат како започнал животот. Особено ме интересираа механизмите во живите клетки, па затоа решив да станам биотехнолог. Освен тоа, повеќето мои професори сметаа дека животот еволуирал преку природните процеси. Нивното мислење ми влијаеше и мене.
Зошто Библијата Ви го привлече вниманието?
Двајца Јеховини сведоци ми дојдоа на врата. Иако беа љубезни, јас бев груб со нив и им реков дека не сум заинтересиран. Жена ми ме слушна и ми рече: „Зошто беше толку груб со луѓето? Нели отсекогаш сакаше да знаеш која е смислата на животот?“ Таа беше во право и многу се засрамив од мојата постапка. Веднаш отрчав по нив. Откако поразговаравме кратко, ги прашав дали Библијата е во склад со науката.
Каков одговор Ви дадоа?
Ми покажаа што вели Библијата за тоа од каде извира сета енергија во универзумот. Ми ги прочитаа овие зборови: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа?.. Поради изобилството енергија со која задвижува сѐ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно [небесно тело]“. * Ова ми остави силен впечаток. Бидејќи во вселената владее таков ред, логично е дека енергијата мора да доаѓа од некој што има огромна интелигенција.
Дали го сменивте Вашиот став кон еволуцијата?
Со текот на времето сфатив дека теориите на еволуција не се поткрепени со цврсти научни докази. Всушност, тие се само приказни кои се измислени за да се објасни дека сложените системи во живите суштества, како што е имунолошкиот систем, настанале без интелигентен Творец. Колку повеќе го изучував имунолошкиот систем толку повеќе сфаќав дека е неверојатно сложен и дека многу добро си ја врши функцијата. Од моите истражувања заклучив дека животот е дело на мудар Творец.
Од моите истражувања заклучив дека животот е дело на мудар Творец
Дали можете да ни кажете нешто повеќе за овој сложен систем?
Имунолошкиот систем е сложена мрежа од клетки, ткива, органи и механизми кои го штитат организмот од разни агенси, како што се бактериите и вирусите. Одбранбените механизми сочинуваат два система кои се надополнуваат еден со друг. Механизмите од првиот систем ги наоѓаат и ги напаѓаат микробите за само неколку часа. А на механизмите од вториот систем им се потребни неколку денови за да реагираат, но многу поефикасно се борат против микроорганизмите. Исто така, овој систем има добра меморија. Ако одреден агенс по неколку години повторно го нападне телото, организмот веднаш ќе се брани. Целиот имунолошки систем толку добро ја извршува својата функција што често не сме ни свесни дека нашето тело било нападнато и успешно одбрането. Неверојатен е и начинот на кој имунолошкиот систем прави разлика меѓу туѓите тела и стотиците видови клетки од кои е составен нашиот организам.
Ќе сакате ли да ни кажете што се случува кога микробите ќе нападнат?
Микробите влегуваат во телото преку воздухот, храната, урогениталниот тракт и преку повредите на кожата. Кога имунолошкиот систем ќе ги препознае напаѓачите, предизвикува серија последователни реакции во кои се вклучени голем број протеини што имаат различни функции. Секоја реакција ја активира наредната за да ја зајакне одбраната. Овој процес е несфатлив за нашиот ум.
Дали може да се каже дека Вашите познавања од науката Ви ја зајакнаа верата во Бог?
Апсолутно! Тоа што нашиот имунолошки систем е толку моќен и сложен покажува дека постои Творец кој е многу мудар и кој се грижи за луѓето. Освен тоа, науката ми ја зајакна верата во Библијата. На пример, во Изреки 17:22 пишува дека „веселото срце дејствува добро како лек“. И научниците заклучија дека мислите можат да влијаат врз имунитетот. На пример, познато е дека стресот ја ослабнува природната одбрана на организмот.
Зошто многу луѓе што ги познавате не веруваат во Бог?
Од различни причини. Некои, како и јас, едноставно го прифаќаат она за кое биле поучени. Веројатно мислат дека еволуцијата е поткрепена со научни докази. Жално е тоа што други не ни размислуваат за тоа како настанал животот. Мислам дека би требало повеќе да се заинтересираат.
Зошто станавте Јеховин сведок?
Многу голем впечаток ми остави гостољубивоста на Сведоците и довербата што ја имаат во ветувањата на Творецот за подобра иднина. * Таа доверба се темели на цврсти и логични докази, а не на измислени приказни. *