Неправдата боли!
Неправдата боли!
ВО 2010 год., Мајкл бил пуштен од затвор во Тексас (САД) откако одлежал 27 години за силување — злосторство што не го направил. Бил ослободен кога резултатите од ДНК анализите — кои не се правеле во времето кога бил осуден — докажале дека е невин. Подоцна, полицијата ги нашла вистинските силувачи, но не можела кривично да ги гони затоа што според законот поминало предолго време од злосторството.
Многу криминалци успеваат да ѝ избегаат на правдата. На пример, во Британија, „во последниве десет години, бројот на нерешени убиства дупло се зголеми, поради што граѓаните стравуваат дека полицијата и правниот систем не се способни да му се спротивстават на криминалот“, пишуваше во весникот The Telegraph.
Во август 2011 год., британската полиција се обиде да стави под контрола еден друг облик на криминал — немирите во Бирмингем, Ливерпул, Лондон и во други делови од земјата. Разбеснетите толпи палеа огнови, кршеа излози и пљачкаа, уништувајќи фирми, домови и возила, а со тоа оставајќи ги луѓето без егзистенција. Кој беше мотивот зад сето тоа? Мнозина се водеа од чиста алчност. Други, пак, сметаа дека ваквите дела се само реакција на неправдите. Според некои репортери, учесниците во протестите веројатно беа гневни млади луѓе „фрлени на маргините на општеството“ кои растеле во сиромашни населби без никакви изгледи за подобра иднина.
Јов, за кого читаме во Библијата, рекол: „Викам за помош, но нема правда“ (Јов 19:7). И денес мнозина го креваат својот глас во потрага по правда, но многу често нивните повици наидуваат на глуво уво. Дали некој навистина има моќ да им стави крај на неправдите? Или, пак, надежта дека ќе дојде подобро утре е само нереална желба? За да добиеме задоволувачки одговор, мораме да испитаме некои од причините за неправдата.