Дали си поставуваш реални цели?
Дали си поставуваш реални цели?
● Што сакаш да постигнеш во животот? Дали имаш разумни очекувања или фантазираш за работи што не се во рамките на твоите можности или средства? Еден човек кој внимателно ја набљудувал човечката природа, го дал овој мудар совет: „Подобро е да гледаш со очите отколку да се поведуваш по желбите на душата. И тоа е суета и трчање по ветар“ (Проповедник 6:9).
„Да гледаш со очите“ значи да гледаш на моменталната состојба на работите. Се разбира, нема ништо погрешно во тоа да сакаш да си го подобриш животот. Но, она што го истакнува Библијата е дека мудрите луѓе не си поставуваат нереални цели. Такви цели би можеле да бидат да се има слава, богатство, идеален брачен другар или совршено здравје.
Освен тоа, оние што ќе постигнат некоја цел, на пример, да стекнат материјално богатство, може да посакуваат уште. Библијата отворено вели: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка. И тоа е суета“ (Проповедник 5:10). Затоа, оние што се мудри во духовна смисла се трудат да бидат задоволни со она што го имаат — она што ‚го гледаат со очите‘. Ним им е многу јасен овој факт изнесен во Библијата: „Ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме од него“ (1. Тимотеј 6:7).
Најсреќни сме кога настојуваме да ги задоволиме своите духовни потреби, зашто така сме создадени (Матеј 5:3). Како можеме да го сториме тоа? Исус Христос рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Овие скапоцени зборови се запишани во Библијата и секој може бесплатно да се послужи со нив.
Слична мисла е изразена и во Псалм 37:4, каде што пишува: „Јехова нека биде твојата радост, па ќе добиеш од него што ти срце сака“. Како Семоќен Бог, Јехова ќе им даде на своите верни слуги работи што не може да ги даде ниту еден човек: совршено здравје, материјална сигурност и вечен живот во Рајот на Земјата (Лука 23:43; Откровение 21:3, 4). Да се има доверба во овие зборови не значи да се биде нереален.