Проблемот со географската должина
Проблемот со географската должина
На 22 октомври 1707 год., една група британски воени бродови отпловила кон Ла Манш. Поради грешка во пресметката на положбата, четири бродови доживеале бродолом на Сили, група острови во Атлантскиот Океан југозападно од Лендс Енд (Англија). Загинале речиси 2.000 лица.
МОРЕПЛОВЦИТЕ од тоа време лесно можеле да ја одредат географската ширина, односно нивната оддалеченост северно и јужно од екваторот. Но, немале прецизна метода за одредување на географската должина — колку изминале кон исток или кон запад. Во почетокот на 18 век, Атлантскиот Океан го преминувале стотици бродови годишно, а бродоломите биле вообичаена појава. Но, катастрофата во 1707 год. поттикнала некои Англичани да му се посветат на таканаречениот проблем со географската должина.
Во 1714 год., Британскиот парламент понудил награда од 20.000 фунти за секој што ќе успее прецизно да ја одреди географската должина на отворено море. Денес, таа награда би била еднаква на неколку милиони евра.
Возбудлив предизвик
Одредувањето на географската должина било многу тешка задача бидејќи зависело од прецизно мерење на времето. Еве една споредба што може да ти помогне да имаш појасна слика. Замисли си дека живееш во Лондон. Напладне добиваш телефонски повик од пријателка што живее на иста географска ширина како и ти, но нејзиниот часовник покажува 6 часот наутро од истиот ден. Тоа би значело дека таа е шест часа назад. Бидејќи добро стоиш со географијата, можеш да утврдиш дека таа живее во Северна Америка, каде што Сонцето тукушто изгреало. А сега замисли си дека знаеш кое е нејзиното локално време до секунда, но не според временската зона, туку според нејзината точна положба во однос на Сонцето. Тогаш многу прецизно би можел да ја пресметаш и нејзината географска должина.
Пред неколку века, еден морепловец, каде и да бил во светот, можел да одреди кога е пладне само врз основа на положбата на Сонцето. Ако доволно прецизно знаел колку е часот во неговата земја, ќе можел да ја одреди и својата географска должина со промашување од околу 50 километри. Всушност, таква прецизност требало да се постигне на крајот од едно патување од шест седмици за да се освои наградата спомната на почетокот.
Меѓутоа, најтешко било да се утврди точното време дома. Морепловецот можел да понесе со себе часовник со клатно, но тој би му бил бескорисен во брод што го лулаат силните бранови, а другите часовници со пружини и запченици сѐ уште не биле прецизни и доусовршени.
Освен тоа, врз нив влијаела и промената на температурата. Но, што е со големиот часовник околу нас, или поточно небесните тела, меѓу кои и Месечината?„Астрономска“ задача
Астрономите изнеле теорија за мерење според оддалеченоста на Месечината. Требало да се изработат посебни табели што ќе им помогнат на морепловците да ја одредат географската должина на темел на положбата на Месечината во однос на одредени ѕвезди.
Повеќе од еден век, со овој проблем се занимавале астрономи, математичари и морепловци, но неговата сложеност оневозможувала секаков напредок.
Еден дрводелец го прифаќа предизвикот
Еден дрводелец по име Џон Харисон од селото Бероу Апон Хамбер во областа Линколншир се задлабочил во проблемот со географската должина. Во 1713 год., уште пред да наполни 20 години, Харисон направил часовник со клатно речиси целосно од дрво. Подоцна, конструирал механизми за намалување на триењето и за прилагодување кон промените на температурата. Во време кога дури и најдобрите часовници во светот застранувале по една минута на ден, часовниците на Харисон промашувале за само една секунда на месец. *
Подоцна Харисон се посветил на задачата да се измери точното време на отворено море. Откако поминал четири години на овој проект, заминал за Лондон за да му ги претстави резултатите на Одборот за географска должина кој бил овластен да ја додели наградата. Овде Харисон се запознал со Џорџ Греам, најдобриот часовничар од тоа време, кој му дал великодушен заем без камата за да конструира часовник. Во 1735 год., Харисон го презентирал првиот точен поморски хронометар во светот пред одушевените членови на Кралското друштво составено од најистакнатите научници во Британија. Овој часовник бил изработен од месинг и тежел 34 килограми.
Харисон бил испратен да го испроба својот часовник на едно поморско патување до Лисабон наместо до Карибите, што било услов да се добие наградата. Справата одлично функционирала. Ќе можел веднаш да побара да ја испроба на пат низ Атлантикот за да докаже дека навистина ја заслужува наградата. Всушност, на првиот состанок со Одборот за географска должина, единствениот кој го критикувал неговиот часовник бил тој самиот! Бидејќи бил перфекционист, мислел дека може да го подобри својот модел. Затоа, само побарал малку пари и повеќе време за да конструира уште подобар часовник.
Шест години подоцна, вториот хронометар на Харисон, кај кој биле направени неколку технички подобрувања и тежел 39 килограми, бил целосно одобрен од Кралското друштво. Но, Харисон, кој тогаш имал 48 години,
сѐ уште не бил задоволен. Се вратил во својата работилница и посветил уште 19 години на трет, сосема различен модел.Додека работел на својот гломазен модел, Харисон открил нешто и тоа сосема случајно. Некој часовничар направил џебен часовник врз основа на неговиот модел. Отсекогаш владеело мислењето дека големите часовници се поточни од џебните часовници. Но, Харисон бил вчудовиден од точноста на оваа нова направа. Затоа, во 1761 год., кога конечно било организирано пробно преминување на Атлантикот, својата потполна доверба не ја положил во третиот, туку во својот четврт хронометар од 1 килограм изработен според џебниот модел. Се вели дека Харисон изјавил: „Од срце му благодарам на Семоќниот Бог што живеев доволно долго за да можам да го довршам барем до извесна мера“.
Пристрасна одлука
Меѓутоа, во тоа време астрономите биле многу близу до решавањето на проблемот со географската должина. Освен тоа, на чело на стручната комисија овластена да ја додели наградата стоел еден астроном, Невил Маскелин. Часовникот на Харисон бил испробан при преминувањето на Атлантикот кое траело 81 ден. Како се покажал? Доцнел само 5 секунди! Меѓутоа, членовите на одборот одложувале да му ја доделат наградата тврдејќи дека биле прекршени одредени правила и дека точноста на часовникот била чиста среќа. Така Харисон добил само дел од наградата. Во меѓувреме, во 1766 год., Маскелин издал табели со предвидените положби на Месечината кои им овозможувале на морепловците да ја пресметаат својата географска должина за само половина час. Харисон се плашел дека Маскелин би можел самиот да си ја додели наградата.
Во 1722 год., на сцената се појавил британскиот истражувач капетан Џејмс Кук. На своето второ историско патување, Кук користел копија од часовникот на Харисон за кој подоцна известил дека ги надминал сите негови очекувања. Во меѓувреме, Харисон, кој тогаш имал 79 години, толку се разочарал од Одборот за географска должина што поднел жалба до кралот на Англија. Така, во 1773 год., му биле доплатени средствата од наградата, но никогаш не бил официјално прогласен за победник. Џон Харисон починал три години подоцна, на својот 83-ти роденден.
За неколку години, точни поморски хронометри можеле да се купат за само 65 фунти. Невозможното станало стварност, а тоа во голема мера се должи на генијалноста и посветеноста на еден селски дрводелец.
[Фуснота]
^ пас. 13 Со помош на брат му, Харисон долги ноќи ја мерел точноста на својата направа означувајќи го прецизниот момент кога некои ѕвезди исчезнувале од неговиот видик зад оџакот на соседите.
[Графикон/слика на страница 21]
(Види во публикацијата)
Утврдување на географската должина со мерење на времето
6.00 ЧАСОТ 12.00 ЧАСОТ
СЕВЕРНА АМЕРИКА БРИТАНИЈА
[Слика на страница 22]
Часовничарот Џон Харисон
[Извор на слика]
SSPL/Getty Images
[Слика на страница 22]
Првиот модел на Харисон бил хронометар од 34 килограми
[Извор на слика]
National Maritime Museum, Гринич, Лондон, Ministry of Defence Art Collection
[Слика на страница 22]
Четвртиот модел на Харисон бил хронометар од 1 килограм (не е во природна големина)
[Извор на слика]
SSPL/Getty Images
[Извори на слики на страница 20]
Брод во неволја: © Tate, London/Art Resource, NY; компас: © 1996 Visual Language