Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се справиш со пелтечењето

Како да се справиш со пелтечењето

Како да се справиш со пелтечењето

„Кога пелтечам, ме фаќа трема, па пелтечам уште повеќе. Имам чувство дека сум во длабока јама од која не можам да излезам. Еднаш побарав помош од психолог. Таа ми рече да си фатам девојка и да имам полови односи со неа за да ми се зголеми самопочитта! Излишно е да кажам дека никогаш повеќе не се вратив кај неа. Сакам луѓето да ме прифатат онаков каков што сум“ (Рафаел, 32).

ЗАМИСЛИ СИ како би ти било ако при обично купување на автобуска карта те облева студена пот и ако, додека зборуваш, честопати запнуваш на некои зборови повторувајќи ја првата буква. Ваков проблем имаат околу 60 милиони лица низ целиот свет, односно секој 100-ти човек на планетата. Лицата што пелтечат се честопати исмејувани и дискриминирани. Некои ги сметаат дури и за помалку интелигентни бидејќи проблематичните зборови ги заменуваат со поедноставни зборови што можат да ги изговорат.

Што го предизвикува пелтечењето? Може ли да се лекува? Можат ли лицата што пелтечат да сторат нешто за да зборуваат потечно? * И како можат да помогнат другите?

Се знае ли причината?

Некои древни народи верувале дека пелтечењето го предизвикуваат злите духови кои мора да бидат истерани. Во средниот век, владеело мислењето дека за тоа е виновен јазикот. Кој бил „лекот“? Вжештено железо и зачини! Неколку векови подоцна, хирурзите ги сечеле нервите и мускулите на јазикот, па дури и ги ваделе крајниците за да го излечат пелтечењето. Но, сите овие сурови методи на лекување се покажале безуспешни.

Според најновите медицински сознанија, за пелтечењето се одговорни повеќе фактори, а не само еден. Една причина може да биде начинот на кој едно лице реагира на стресот. Друга причина се можеби гените бидејќи околу 60 отсто од луѓето кои пелтечат имаат роднини со истиот проблем. Освен тоа, со помош на снимки на нервниот систем, истражувачите откриле дека мозокот на едно лице што пелтечи ги обработува поинаку информациите поврзани со јазикот. Некои „почнуваат да зборуваат пред мозокот да им каже како да ги изговорат зборовите“, вели д-р Нејтан Лавид во својата книга Да се разбере пелтечењето (Understanding Stuttering). *

Според тоа, главната причина за пелтечењето не е од психолошка природа, како што се мислеше порано. „Со други зборови, пелтечењето не се лекува преку убедување на лицето дека може да зборува течно“, вели книгата Нема чудотворен лек (No Miracle Cures). Меѓутоа, кај лицата кои пелтечат може да се јават психички проблеми како последица од нивното нарушување. На пример, може да имаат страв од одредени ситуации, како зборување во јавност или по телефон.

Што може да им помогне

Интересно е тоа што лицата кои пелтечат обично можат да пеат, да шепотат, да си зборуваат со себе или со своите миленичиња, да зборуваат во хор и да имитираат некого без пелтечење или сосема малку да пелтечат. Освен тоа, 80 отсто од децата кои пелтечат го надминуваат овој проблем спонтано. Но, што е со другите 20 отсто?

Денес постојат програми за подобрување на говорот. Некои од техниките се: опуштање на вилицата, усните и јазикот и дишење на дијафрагма. Некои пациенти се поттикнати да земаат краток здив на дијафрагма и бавно да го ослободат воздухот пред да почнат да зборуваат, или да ги издолжуваат самогласките и некои согласки. Со подобрување на изговорот, брзината се зголемува.

Овие вештини може да се стекнат за само неколку часа. Но, за да се применат овие техники во стресни ситуации, потребни се илјадници часови вежбање.

Колку рано треба да се почне со ваквите вежби? Дали е мудро да се чека за да се види дали детето ќе го совлада пелтечењето само? Статистиката покажува дека помалку од 20 отсто од децата кои пелтечат во период од пет години ја надминуваат оваа говорна маана автоматски. Книгата Нема чудотворен лек вели: „Без стручна помош, детето најверојатно нема да ја преодолее тешкотијата пред шестата година“. Затоа, „децата кои пелтечат треба да отидат на логопед колку што е можно поскоро“, вели оваа книга понатаму. Се проценува дека говорните вежби даваат резултати кај 60 до 80 отсто од оние 20 отсто од децата кои продолжуваат да пелтечат и како возрасни. *

Биди реалистичен

Според логопедот д-р Роберт Кесал, кој и самиот пелтечи, за повеќето пелтеци совршениот говор е невозможна цел, без оглед на нивните околности. Рафаел, кого го спомнавме на почетокот, не успеал целосно да го совлада ова нарушување, иако сега зборува потечно. Тој вели: „Мојот проблем станува поочигледен кога треба да читам пред публика, да држам говор или кога сум во друштво на некоја убава девојка. Порано имав голем комплекс бидејќи другите ме исмејуваа. Но, во последно време се трудам да се прифатам себеси онаков каков што сум и да не се сфаќам премногу сериозно. Сега, кога ќе подзапрам на некој збор, обично се смеам на тоа, а потоа се трудам да се опуштам и да продолжам понатаму“.

Коментарите на Рафаел се во согласност со ставовите на Американската фондација за лица што пелтечат, според која „совладувањето на пелтечењето повеќе зависи од тоа дали ќе се надмине стравот од пелтечењето отколку од вложениот напор“.

Многумина кои се борат со овој проблем не дозволиле нивната говорна маана да ги спречи да водат исполнет живот. Некои од нив станале дури и познати личности како физичарот Исак Њутн, британскиот државник Винстон Черчил и американскиот актер Џејмс Стјуарт. Други развиле вештини во кои не е вклучен говорот, како на пример свирење на некој музички инструмент, сликање или научиле знаковен јазик. Оние, пак, што не пелтечат треба да го ценат големиот напор што го вложуваат лицата што пелтечат. Затоа, да им ја дадеме сета можна поддршка и охрабрување.

[Фусноти]

^ пас. 4 Во оваа статија се користи машки род бидејќи повеќе од 80 отсто од лицата кои пелтечат се машки.

^ пас. 7 Иако имаат многу заеднички елементи, сегашните теории за причините за пелтечењето и за соодветните терапии не се секогаш во согласност. Разбудете се! не се залага за некој посебен став или терапија.

^ пас. 13 Во некои случаи, лекарите може да препорачаат апарати против пелтечење со кои лицето може да се слуша себеси со мало задоцнување, или лекови кои ја намалуваат загриженоста поради лошиот говор.

[Рамка/слика на страница 13]

КАКО ДА МУ ПОМОГНЕШ НА ЕДНО ЛИЦЕ ШТО ПЕЛТЕЧИ

● Придонеси за опуштена и мирна атмосфера. Денешното брзо темпо на живот и силниот притисок честопати го влошуваат ваквиот проблем.

● Наместо само да му кажеш да зборува побавно, дај му пример така што и самиот ќе зборуваш побавно. Слушај стрпливо. Не упаѓај му во збор. Не довршувај му ги речениците. Кога ќе се искаже докрај, не почнувај веднаш да зборуваш, туку почекај малку.

● Избегнувај критики и исправки. Преку соодветни коментари, визуелен контакт, израз на лицето и гестови покажи дека те интересира она што го кажува, а не како го кажува.

● Пелтечењето не треба да биде табу-тема. Лицето што пелтечи можеме да го опуштиме ако пријателски му се насмееме или одвреме-навреме љубезно го споменеме неговиот проблем со говорот. Би можел да кажеш нешто како: „Понекогаш не е лесно да го кажеме она што сакаме да го кажеме“.

● Пред сѐ, увери го дека го прифаќаш онаков каков што е.

[Рамка/слика на страница 14]

„ПОСТЕПЕНО, ПРЕСТАНАВ ДА ПЕЛТЕЧАМ“

Виктор, кој пелтечел неколку години додека неговото семејство минувало низ големи проблеми, успеал да ја совлада својата говорна маана без никаква стручна помош. Тој е Јеховин сведок и е запишан во Теократската школа за служба, која се одржува еднаш седмично во секое собрание. Иако првенствена цел на оваа Школа не е да дава говорна терапија, таа им помага на учениците да го подобрат својот говор и да стекнат самодоверба.

Учебникот кој се користи има наслов Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба. Во рамката „Да се излезе на крај со пелтечењето“, оваа книга вели: „Важно е и понатаму да се прават обиди... Ако треба да држиш говор, добро подготви се. Внеси се во твоето изнесување... Ако почнеш да пелтечиш во текот на говорот, тогаш, колку што е можно, задржи смирен глас и однесување. Олабави ги мускулите на вилицата. Користи кратки реченици. Минимизирај го користењето извици, како што се ‚а-мм‘ и ‚ааа‘“.

Дали Школата му помогнала на Виктор? Тој вели: „Толку се концентрирав на она што требаше да го кажам, наместо на тоа како да го кажам, што заборавав дека имам некаков проблем. Исто така, многу вежбав. Постепено, престанав да пелтечам“.