Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали да ставам крај на сѐ?

Дали да ставам крај на сѐ?

Младите прашуваат

Дали да ставам крај на сѐ?

Секоја година милиони млади посегнуваат по својот живот. Илјадници успеваат во тоа. Од таа причина, издавачите на „Разбудете се!“ сметаат дека е многу важно да се зборува за оваа тема.

„ПУШТИ МЕ да умрам. Подобро е да умрам отколку да живеам.“ Чии се овие зборови? На некој што не верува во Бог? На некој што кренал раце од Бог? На некој од кого Бог кренал раце? Не. Ова го кажал побожниот, но претерано загрижен Јона a (Јона 4:3, Today’s English Version). Иако Библијата не вели дека тој планирал да се самоубие, неговата очајна молба открива една важна вистина — одвреме-навреме дури и Божјите слуги се многу потиштени (Псалм 34:19).

Некои млади запаѓаат во толку длабок очај што им се чини дека повеќе нема за што да живеат. Можеби се чувствуваат како Лора (16), b која вели: „Со години, често запаѓам во тешка депресија. Не еднаш ми се јавила желба да си го одземам животот“. Што би можел да сториш ако познаваш некој што посакува да се самоубие, или ако и самиот имаш вакви чувства? Најпрвин да разгледаме подетално зошто воопшто се јавуваат вакви мисли.

Што се крие зад очајот

Зошто некому би му дошла мисла да посегне по својот живот? Има повеќе причини. Бидејќи живееме во „особено тешки времиња“, голем број тинејџери многу трагично ги доживуваат притисокот и стресот што ги носи животот (2. Тимотеј 3:1). Освен тоа, под влијание на несовршеноста, некои добиваат претерано негативна слика за себеси и за светот што ги опкружува (Римјаните 7:22-24). Причина за ваквиот негативен став може да биде тоа што лицето било малтретирано или има некаков здравствен проблем. Интересен е фактот дека, според проценките, душевните заболувања се причина за над 90 отсто од сите самоубиства во една земја. c

Нормално, секој жив човек си има проблеми. Всушност, според Библијата, „целото создание заедно воздивнува и... е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22). Истото важи и за младите. Тие многу тешко се справуваат со тешките настани, како на пример:

◼ Смртта на некој роднина, пријател или на миленичето.

◼ Неслога во семејството.

◼ Лош успех на училиште.

◼ Раскинување со дечкото/девојката.

◼ Малтретирање (физичко, сексуално и сл.)

Порано или подоцна, повеќето млади ќе се најдат во некоја од овие ситуации. Зошто некои полесно успеваат да ги пребродат? Според стручњаците од оваа област, младите што планираат да се откажат од борбата се чувствуваат беспомошно и безнадежно. Со други зборови, тие се убедени дека нивната ситуација е безизлезна и дека нема шанси нешто да се подобри. Д-р Кетлин Мекој го даде следниов коментар за Разбудете се!: „Всушност, повеќето од нив не сакаат да умрат, туку да се ослободат од проблемите“.

Не е сѐ толку црно

Можеби познаваш некого што ‚сака да се ослободи од проблемите‘ толку многу што планира да си го одземе животот. Што можеш да сториш во ваков случај?

Ако некој твој пријател е толку потиштен што сака да умре, убеди го да побара помош, а потоа разговарај со некоја одговорна личност, сеедно дали е тоа против негова волја или не. Немој да мислиш дека со тоа ќе го изгубиш како пријател. Напротив, ако кажеш некому за тоа, ќе покажеш дека си му ‚вистински пријател‘ кој ‚станува брат во неволја‘ (Изреки 17:17). Така би можел да му го спасиш животот!

Но, што ако и самиот размислуваш за самоубиство? „Барај помош“, вели д-р Мекој. „Отвори си го срцето пред некого — на еден од родителите, на некој роднина, на пријател, на наставник или на свештеник — некој што е сочувствителен, што ќе те сфати сериозно, ќе те сослуша или ќе им помогне на оние што ти значат во животот да те сослушаат.“

Нема што да изгубиш — можеш само да добиеш ако разговараш со некого за твојот проблем. Размисли за следниов библиски пример. Во еден момент од животот, праведниот Јов рекол: „Ѝ одмилеа животот на мојата душа“. Но, потоа додал: „Отворено ќе ја изразам грижата што ја чувствувам поради својата состојба. Ќе зборувам од горчина во душата“ (Јов 10:1). Јов западнал во очај, и морал некому да му ја открие својата болка. И тебе може да ти помогне тоа што ќе се довериш на некој зрел пријател.

Ако си христијанин, тогаш можеш да им се обратиш и на старешините во собранието (Јаков 5:14, 15). Се разбира, самиот разговор нема да ти ги отстрани проблемите, но ќе ти помогне да ги гледаш од поинаков агол. А поддршката што ќе ти ја даде некој во кого имаш доверба може да биде токму она што ти е потребно за да дојдеш до практично решение.

Околностите се менуваат

Секогаш кога минуваш низ некој тежок период во животот, имај на ум дека, сеедно колку безнадежно изгледа една ситуација, по извесно време околностите ќе се сменат. Псалмистот Давид, кој добро знаел што се тоа проблеми, го рекол следново во една молитва: „Премалев од воздивнување, цела ноќ со плачење го залевам леглото, со солзи ја натопувам постелата“ (Псалм 6:6). Сепак, во друг псалм тој напишал: „Ти ми ја претвори тагата во играње“ (Псалм 30:11).

Од лично искуство Давид знаел дека ниеден проблем не трае вечно. Мора да признаеме, понекогаш изгледа дека некои проблеми не можат да се решат — барем засега. Но, биди стрплив. Околностите се менуваат, најчесто на подобро. Проблемите може да се намалат на некој неочекуван начин или одненадеж да добиеш идеја како да ги решиш. Како и да е, никогаш не заборавај дека, кога-тогаш, проблемите ќе се решат (2. Коринќаните 4:17).

Многу е важно да се молиш

Молитвата е најважниот разговор. Би можел да се молиш како што се молел Давид: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен!“ (Псалм 139:23, 24).

Молитвата не е само начин да излезеш на крај со проблемите. Таа е вистински разговор со твојот небесен Татко, кој сака да му го ‚излеваме срцето‘ (Псалм 62:8). Еве неколку основни вистини за Бог:

◼ Тој добро знае што те мачи (Псалм 103:14).

◼ Те познава подобро отколку што се познаваш ти самиот (1. Јованово 3:20).

◼ „Тој се грижи за [тебе]“ (1. Петрово 5:7).

◼ Во својот нов свет, Бог „ќе ја избрише секоја солза“ од твоите очи (Откровение 21:4).

Кога се работи за здравствен проблем

Како што беше спомнато, честа причина за самоубиствениот нагон е некоја болест. Ако е тоа случај и со тебе, немој да се срамиш да побараш стручна помош. Исус признал дека на болните им треба лекар (Матеј 9:12). За среќа, постојат најразлични терапии што можат многу да ти помогнат!

Библијата ветува дека, во Божјиот нов свет, „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Во меѓувреме, прави сѐ што можеш за да се справиш со тешкотиите следејќи го примерот на Хајди од Германија. „Понекогаш ќе паднев во толку длабока депресија што едноставно посакував да умрам“, вели таа, „но сега можам да водам нормален живот бидејќи редовно се молам и примам терапија.“ Истото може да ти помогне и тебе! d

Во некоја идна статија од рубриката „Младите прашуваат“ ќе бидат разгледани предлози што можат да ти помогнат да се справиш со самоубиството на твој брат или сестра

[Фусноти]

a Слично нешто кажале и Ревека, Мојсеј, Илија и Јов (1. Мојсеева 25:22; 27:46; 4. Мојсеева 11:15; 1. Царевите 19:4; Јов 3:21; 14:13).

b Имињата во оваа статија се сменети.

c Меѓутоа, вреди да се спомне дека повеќето млади што страдаат од душевно растројство не се самоубиваат.

d Повеќе информации за тоа како да се излезе на крај со проблемите можеш да најдеш во уводните статии со наслов: „Помош за депримираните тинејџери“, во Разбудете се! од 8 декември 2001, и „Да се разберат растројствата на расположението“ во Разбудете се! од 8 април 2004.

РАЗМИСЛИ

◼ Се вели дека самоубиството не ги решава проблемите, туку само му ги префрла на некој друг. Што мислиш, зошто?

◼ Со кого би можел да разговараш кога ти е многу тешко?

[Рамка/слика на страница 29]

ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ

Во некои земји, бројот на самоубиства достигна алармантни размери. На пример, во Македонија, самоубиството е втора главна причина за насилна смрт кај младите на возраст под 25 години. Најзагрозена група се младите што патат од некоја душевна болест, оние во чие семејство некој извршил самоубиство и оние што веќе се обиделе да го сторат тоа. Како ќе препознаете дали некој младинец можеби планира да си го одземе животот? Еве неколку знаци:

◼ Не разговара со семејството или со пријателите.

◼ Не јаде и не спие како порано.

◼ Не е заинтересиран за активности во кои порано уживал.

◼ Станува сосема поинаква личност.

◼ Почнува да се дрогира или претерано да пие.

◼ Се откажува од предмети што му биле многу драги.

◼ Зборува за смрт и е преокупиран со вакви теми.

Д-р Кетлин Мекој за Разбудете се! изјави дека една од најголемите грешки што би можел да ги направи еден родител е да ги игнорира ваквите знаци. „Никој не сака да мисли дека нешто не е во ред со неговото дете“, вели таа, „па така некои родители одбиваат да веруваат дека постои некаков проблем. Тие се залажуваат со мислата: ‚Тоа му е само фаза од животот‘, ‚Ќе му пројде‘, или: ‚Моето дете отсекогаш било малку чудно‘. Тоа е опасно. Сите знаци треба да се сфатат сериозно.“

Ако син ти или ќерка ти страда од тешка депресија или од друго душевно растројство, не срами се да побараш стручна помош. Ако се посомневаш дека твоето дете планира да се самоубие, разговарај со него за тоа. Погрешно е да мислиш дека, ако со него разговараш за самоубиство, тоа само ќе го поттикне да си го одземе животот. Всушност, кога родителите ќе ја начнат оваа тема, многу млади се спремни за разговор. Затоа, ако твојот тинејџер признае дека има вакви мисли, дознај дали и колку конкретно испланирал како да си го скрати животот. Колку поконкретен му е планот толку побрзо треба да преземеш нешто. e

Немој да се залажуваш дека депресијата ќе пројде сама од себе. Дури и ако изгледа дека ќе пројде, немој да мислиш дека проблемот е решен. Според некои стручни лица, ова е најопасниот момент. Зошто? „На еден тинејџер што е во тешка депресија обично му фали мотивација за да си го одземе животот“, вели д-р Мекој. „Тогаш кога ќе излезе од депресијата, има доволно сила да се самоубие.“

Жалосно е тоа што многу млади помислуваат на самоубиство кога ќе паднат во очај. Ако ги забележат и ако реагираат на знаците што ги даваат младите, родителите и другите сочувствителни лица ќе знаат кога да ‚ги тешат потиштените души‘, и со тоа да ги заштитат (1. Солуњаните 5:14).

[Фуснота]

e Стручњаците предупредуваат и дека е посебно опасно ако во куќата има лекови што не смеат да се земаат без дозвола на лекар или наполнето и лесно достапно огнено оружје. Американската фондација за спречување самоубиства го вели следново во врска со вториот случај: „Иако повеќето од оние што имаат огнено оружје си го чуваат за ‚самоодбрана‘, 83 отсто од убиствата во овие домови се, всушност, самоубиства што најчесто ги извршиле други лица, а не сопственикот на оружјето“.

[Слика на страница 28]

Молитвата е најважниот разговор