Дали археологијата ѝ дава поткрепа на Библијата?
Дали археологијата ѝ дава поткрепа на Библијата?
АРХЕОЛОГИЈАТА им е од голема помош на оние што ја проучуваат Библијата, зашто преку неа дознаваат повеќе за животот, обичаите и јазиците во библиски времиња. Таа дава и корисни информации во врска со исполнувањето на библиските пророштва, како што биле пророштвата за падот на Вавилон, Ниневија и Тир (Еремија 51:37; Езекиел 26:4, 12; Софонија 2:13-15). Но, науката има граници. Археолошките пронајдоци мора да бидат протолкувани, а толкувањата доаѓаат од несовршени луѓе, па затоа може да има грешки и промени во мислењата.
Христијанската вера не се темели на скршени вазни, распаднати цигли или срушени ѕидови, туку на целокупната, складна духовна вистина содржана во Библијата (2. Коринќаните 5:7; Евреите 11:1). Се разбира, внатрешниот склад на Библијата, искреноста на нејзините писатели, исполнетите библиски пророштва и многуте други нејзини обележја даваат убедлив доказ дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Сепак, да разгледаме и некои интересни археолошки откритија кои им даваат поткрепа на библиските записи.
Еден тим археолози што копале во Ерусалим во 1970 год., откриле една куќа оштетена во пожар. „На секој археолог веднаш би му било јасно што се случило“, напишал Наман Авигад, водачот на археолошкиот тим. „Куќата била уништена во пожар, а ѕидовите и таванот биле срушени.“ Во една соба имало коски [1] од рака на која прстите ѝ биле испружени кон едно скалило.
На подот имало расфрлано пари [2]‚ кои датираат од 69 год. од н.е., околу четири години по бунтот на Евреите против Рим. Парите и други работи биле расфрлани пред да се сруши куќата. Авигад вели: „Кога го видовме ова, се сетивме дека Јосиф [Флавиј] опишал како римските војници ги пљачкале куќите откако го освоиле градот“. Според историчарите, Римјаните го опустошиле Ерусалим во 70 год. од н.е.
Анализите покажаа дека коските се од жена на 20-тина години. Во списанието Biblical Archaeology Review се вели: „Заробена од огнот кога Римјаните нападнале, младата жена која била во кујната на запалената куќа се спуштила на подот и посегнала кон скалилата близу вратата, но тогаш умрела. Пожарот се проширил толку брзо... што не можела да избега и била затрупана од рушевините што паднале врз неа“.
Оваа сцена нѐ потсетува на пророштвото што, речиси 40 години пред тоа, Исус го кажал во врска со Ерусалим: „Твоите непријатели... ќе те срамнат со земјата, тебе и твоите деца во тебе. И нема да остават во тебе ни камен на камен“ (Меѓу археолошките откритија што ги потврдуваат библиските записи има и имиња на лица што се спомнати во Светото писмо. Со некои од овие откритија беа побиени претходните тврдења на критичарите дека библиските писатели измислиле некои ликови или, пак, дека претерале кога ја опишувале нивната слава.
Натписи со имиња од Библијата
Едно време, угледните изучувачи мислеа дека асирскиот цар Саргон II, чие име се наоѓа во Библијата во Исаија 20:1, никогаш не постоел. Но, во 1843 год., во близина на денешниот град Корсабад (Ирак), кој се наоѓа на една притока на реката Тигар, беше откриена палатата на Саргон [3]. Таа се простира на површина од околу 10 хектари. Така, Саргон II повеќе не беше само некој мистериозен лик од Библијата. Сега тој е еден од најпознатите асирски цареви. Во еден од неговите анали [4]‚ тој тврди дека го освоил израелскиот град Самарија. Според библиската хронологија, Асирците ја освоиле Самарија во 740 год. пр.н.е. Саргон запишал дека го освоил и Азот, што уште повеќе ја потврдува точноста на Исаија 20:1.
Додека вршеле ископувања во урнатините на древниот град Вавилон, во денешен Ирак, во близината на Портата на Иштар археолозите нашле околу 300 плочки со клинесто писмо. Во нив се зборува за времето кога владеел вавилонскиот цар Навуходоносор и има список со неколку имиња, меѓу кои и „Јаукин, цар на земјата Јахуд“. Ова се однесува на царот Јоахин од земјата Јуда, кој бил однесен во ропство во Вавилон во времето кога Навуходоносор за првпат го освоил Ерусалим во 617 год. пр.н.е. (2. Царевите 24:11-15). На плочките се спомнати и петмина од синовите на Јоахин (1. Летописи 3:17, 18).
Во 2005 год., додека се вршеа ископувања на местото каде што се надеваа дека ќе ја најдат палатата на цар Давид, археолозите ископаа една голема камена градба. Претпоставуваа дека била уништена кога Вавилонците го разориле Ерусалим пред повеќе од 2.600 години, во времето на Божјиот пророк Еремија. Сѐ уште не е извесно дали се работи за остатоци од палатата на Давид. Меѓутоа, археологот Елат Масар сепак успеа да идентификува еден особено интересен предмет — глинен печат [5], широк 1 сантиметар, на кој пишува: „Сопственост на Јехухал, син на Селемијаху, син на Совај“. Очигледно се работи за печатот на Јехухал (познат и како Јеухал или Јухал), еврејски царски службеник за кого во Библијата се вели дека му бил противник на Еремија (Еремија 37:3; 38:1-6).
Масар вели дека, по Гемарија, синот на Сафан, Јехухал е „втор министер на царот“ чие име го има на еден печат што беше најден во Градот на Давид. Во Библијата, за Јехухал, синот на Селемија (Селемијаху), се зборува како за јудејски кнез. Пред да биде пронајден печатот, за Јехухал немало никакви други докази освен оние од Библијата.
Знаеле ли да читаат и пишуваат?
Библијата покажува дека Израелците биле писмени луѓе (4. Мојсеева 5:23; Исус Навин 24:26; Исаија 10:19). Но, критичарите не се согласуваа и тврдеа дека библиската историја главно се пренесувала преку усни преданија на кои не може многу да им се верува. Во 2005 год., оваа теорија претрпе силен удар кога археолозите што работеа кај месноста Тел Зајит, која се наоѓа на полпат меѓу Ерусалим и Средоземното Море, најдоа едно парче варовник на кое имаше испишано текст со архаична азбука, можеби најстарата хебрејска азбука [6] што некогаш била најдена.
Некои изучувачи велат дека од овој варовник, кој потекнува од десеттиот век пр.н.е., може да се види дека во Ерусалим имало „писарски школи“, „напредна култура“ и „брз развој на израелската бирократија“. Значи, спротивно на тврдењата на критичарите, се чини дека во десеттиот век пр.н.е., Израелците веќе биле писмени и можеле да ја запишуваат својата историја.
Асирските записи даваат поткрепа
Во Библијата често се спомнува некогашната моќна империја Асирија, а многу археолози на тоа подрачје наоѓаат докази за точноста на библиските записи. На пример, при едно ископување во подрачјето на древниот град Ниневија, главниот град на Асирија, во палатата на царот Сенахирим била пронајдена изрезбана камена плоча [7] на која е прикажано како асирски војници водат во ропство еврејски заробеници по падот на градот Лахис во 732 год. пр.н.е. Библискиот запис за овој настан се наоѓа во 2. Царевите 18:13-15.
Во аналите на Сенахирим [8]‚ пронајдени во Ниневија, опишан е неговиот воен поход за време на владеењето на јудејскиот цар Езекија, кој е спомнат по име. Во записи со клинесто писмо спомнати се и други јудејски владетели, како што се царевите Ахаз и Манасија, и израелските цареви Амри, Јуј, Јоас, Менаим и Осиј.
Во овие записи Сенахирим се фали со своите воени успеси, но интересно, не спомнува дека го освоил Ерусалим. Ова е значајно, бидејќи му дава тежина на библискиот запис во кој се вели дека царот никогаш не го опсадил Ерусалим, туку дека претрпел пораз од Бог. Потоа, понижениот Сенахирим се вратил во Ниневија, каде што, според Библијата, го убиле неговите синови (Исаија 37:33-38). Интересно, два асирски натписа го потврдуваат тоа убиство.
Жителите на Ниневија биле многу злобни, и затоа Јеховините пророци Наум и Софонија прорекле дека градот ќе биде потполно уништен (Наум 1:1; 2:8 — 3:19; Софонија 2:13-15). Нивните пророштва се исполниле кога здружените сили на вавилонскиот цар Набополасар и мидијскиот цар Сијаксарс ја опсадиле и ја освоиле Ниневија во 632 год. пр.н.е. Кога биле откриени и ископани урнатините на Ниневија, уште еднаш била потврдена точноста на библиските записи.
Во Нузи, древен град источно од реката Тигар и југоисточно од Ниневија, во кој се вршеле ископувања помеѓу 1925 и 1931 год., најдени се многу предмети, меѓу кои и околу 20.000 глинени плочки. Текстот на нив е испишан на вавилонски јазик и содржи многу детали во врска со закони и обичаи слични на оние од времето на патријарсите, опишано во 1. Мојсеева. На пример, од текстот се гледа дека семејните богови, честопати мали глинени фигурички, претставувале еден вид поседовен лист, со кои сопственикот имал право да бара наследство. Можеби овој обичај објаснува зошто Рахела, жената на Јаков, ги зела семејните богови што му припаѓале на татко ѝ Лаван, кога се селело семејството на Јаков. Нормално, Лаван се обидел да си ги добие назад (1. Мојсеева 31:14-16, 19, 25-35).
Пророштвото на Исаија и Кировиот цилиндар
Натписот со клинесто писмо испишан на древниот цилиндар на сликата потврдува уште еден библиски запис. Познат како Киров цилиндар [9]‚ овој документ бил пронајден на местото каде што се наоѓал древниот град Сипар на реката Еуфрат, околу 32 километри од Багдад. Во него се зборува за освојувањето на Вавилон од страна на Кир Велики, основачот на Персиското Царство. Интересно, околу 200 години пред тоа, Јехова, преку својот пророк Исаија, за медо-персискиот владетел кој ќе се вика Кир го рекол следново: „,Тој е мој пастир и ќе изврши сѐ што сакам‘, ќе го изврши она што го реков за Ерусалим: ‚Пак ќе биде изграден‘“ (Исаија 13:1, 17-19; 44:26 — 45:3).
Значајно е тоа што цилиндарот спомнува дека Кир имал обичај — кој бил во остра спротивност со другите древни освојувачи — да ги пушти да си одат дома луѓето што биле донесени како заробеници од претходните владетели. И библиската и световната историја потврдуваат дека Кир ги ослободил Евреите, кои потоа повторно го изградиле Ерусалим (2. Летописи 36:23; Езра 1:1-4).
Иако релативно нова наука, библиската археологија сега е многу важна научна гранка која дава некои многу вредни информации. А како што видовме, многу археолошки откритија ја потврдуваат автентичноста и точноста на Библијата, понекогаш дури и до најситен детаљ.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ
Може ли Библијата да ти помогне да имаш среќен и исполнет живот? Во двочасовното DVD, Библијата — книга на факти и пророштва, е обработена оваа важна тема и има некои интервјуа кои го потврдуваат тоа. (Го има на 32 јазика.)
Библијата — Реч Божја или човечка?
Дали би сакал уште докази дека во Библијата нема никакви митови и противречности? Дали чудата што се опишани во Библијата се вистина? Испитај ги фактите во оваа книга со 192 страници. (Ја има на 56 јазици.)
[Извор на слика]
Александар Велики: Roma, Musei Capitolini
Што навистина учи Библијата?
Во 19-те поглавја од оваа книга опфатени се сите важни библиски учења и објаснета е Божјата намера за Земјата и луѓето. (Сега ја има на 162 јазика.)
Мојата книга со библиски приказни
Наменета посебно за децата, во оваа книга со убави слики се зборува за 116 луѓе и настани — и тоа по хронолошки редослед. (Ја има на 194 јазици.)
[Извор на слика на страница 15]
Монети: Љубезна донација на Company for Reconstruction & Development of Jewish Quarter, Jerusalem Old City
[Извор на слика на страница 15]
Society for Exploration of Land of Israel and its Antiquities
[Извори на слики на страница 16]
3: Musée du Louvre, Париз; 4: Фотографија направена со љубезна дозвола на Британскиот музеј; 5: Gabi Laron/Institute of Archaeology/Hebrew University © Eilat Mazar
[Извори на слики на страница 17]
6: AP Photo/Keith Srakocic; 7, 8: Фотографија направена со љубезна дозвола на Британскиот музеј
[Извор на слика на страница 18]
Фотографија направена со љубезна дозвола на Британскиот музеј