Игра на светлината под морските бранови
Игра на светлината под морските бранови
Додека пливал покрај подножјето на карпестиот гребен, нуркачот наеднаш здогледал една сипа долга околу половина метар како лебди над една пукнатина. Сипата била речиси совршено камуфлирана во сивкасто-сината околина. Кога ѝ се приближил, сипата ја сменила својата боја во сјајна, светкава темно-црвена. Штом нуркачот се оддалечил, сипата пак си ја попримила првобитната боја. Сте се прашале ли некогаш од каде овие прекрасни мекотели, како и некои видови октоподи и лигњи, ја имаат способноста вака да си ја менуваат бојата?
Нивната тајна се крие во пигментните клетки во кожата наречени хроматофори. Нервните импулси предизвикуваат стегање на мускулите со кое се регулира големината на ваквите клетки. На тој начин овие суштества ја менуваат бојата на кожата и на неа се создаваат различни шари.
Освен што можат да ја менуваат бојата, многу видови лигњи можат сами да создаваат и светлина, на сличен начин како што го прават тоа обичните светулки. Оваа појава, наречена биолуминисценција, која може да се забележи и кај други морски суштества — од медузи до ракови — е резултат на сложени хемиски реакции во клетките наречени фотоцити или во органите наречени фотофори. Но, може да биде резултат и на активноста на едни светликави бактерии што живеат во симбиоза со својот домаќин.
Во првиот од споменатите случаи, клетките и органите што емитуваат светлина содржат хемиска супстанција наречена луциферин, која во присуство на еден одреден ензим стапува во реакција со кислородот, и на тој начин создава светлина што обично е со сина или со зелена боја. Списанието Scientific American вели дека некои органи што пуштаат светлина „се сложени механизми кои содржат леќи за фокусирање, филтер за боја, како и подвижно капаче што служи како прекинувач. Лигњите што имаат и фотофори и хроматофори во кожата можат да ја регулираат и бојата и јачината на светлината што ја создаваат“.
Суштествата што светлат благодарение на светликавите бактерии, ги сместуваат своите микроскопски ситни гости во посебни органи, кои се богати со крв. Крвта им носи храна на микробите, со што домаќинот си ја плаќа својата „сметка за струја“.
[Извор на слика на страница 31]
Вметната слика: со љубезност на Jeffrey Jeffords/www.divegallery.com
© David Nicholson/Lepus/Photo Researchers, Inc.