Во затвор, а сепак слободни!
Во затвор, а сепак слободни!
Од дописникот на Разбудете се! во Мексико
НА 90 километри од централниот западен брег на Мексико лежат Ислас Маријас (Мариините Острови). a Еден од овие пацифички острови, Марија Мадре, служи како државна затворска колонија на Мексико од 1905 година. Во минатото, протерувањето на овој остров претставуваше страшна казна, но сега може да се случи дури и затвореници што се примерни во однесувањето да побараат да бидат пратени таму!
Една причина е тоа што на некои затвореници им е дозволено да живеат на островот заедно со своите семејства. Осудениците не престојуваат во ќелии со решетки, туку живеат во мали куќички. Во овие населби се достапни многу од услугите што ги има во кое и да било друго гратче. Телефонот, телеграфот, телевизијата и поштенскиот систем им помагаат на затворениците да бидат во контакт со надворешниот свет. Децата можат да одат во основно училиште на островот, иако за да продолжат со средно мораат да се вратат на копното. Пристапот до островите е под строга контрола, но еднаш седмично пристигнува еден брод на морнарицата што им носи сѐ што им е потребно, како и посетители.
Како оди процесот на рехабилитација? Од затворениците — кои самите се нарекуваат „доселеници“ — се бара да работат некоја работа неколку часа дневно. Ова не само што им помага да се приспособат на надворешниот свет подоцна туку помага и да се покријат трошоците за нивниот престој. „Доселениците“ исто така имаат слобода да се занимаваат со нешто за своја душа, како што се градинарство или рачна изработка на предмети што потоа ги продаваат. Ова не значи дека нема никаква затворска дисциплина. Затворениците мораат да се јават секое утро на прозивка и мораат да се придржуваат на „полицискиот час“, кој започнува во 9 часот навечер.
На островите пристигнува духовна слобода
Некаде во 1985 година, еден „доселеник“, кој во семејството има Јеховини сведоци, побара духовна помош. Со него беше започната библиска студија преку писма. Со текот на времето беше
формирана една група за проучување на Библијата, и тие почнаа да одржуваат христијански состаноци. Откако добија дозвола од Владата, Јеховините сведоци почнаа редовно да го посетуваат островот. Тргнуваат од Мацатлан, кој се наоѓа на копното, и патуваат 13 часа во текот на ноќта. Низ годините, околу 40 затвореници ја дознаа вистината од Божјата реч, се крстија и, откако ја одлежаа казната, беа ослободени. Кога се пишуваше оваа статија, на островот сѐ уште имаше 6 крстени Сведоци, и во просек околу 25 лица доаѓаа на состаноци.Властите ги ценат Јеховините сведоци и трудот што го вложуваат, а затворениците што стануваат Сведоци се почитувани од сите. Неодамна заменикот-управник на казнениот завод му рекол на еден Сведок кој бил во посета: „Колку е убаво што и вие сте заинтересирани за физичкото и моралното добро на затворениците и се грижите за нив! Во целост ве поддржуваме!“ Тој понудил да ја поправи зградата каде што на браќата им е дозволено да се состануваат.
Еден крстен Сведок — кој е во затворот 10 години — рече: „Кога браќата што доаѓаат ме прашуваат дали сакам да си одам, им велам дека сакам да продолжам да служам овде. Сметам дека ова е мое подрачје на кое треба да проповедам, бидејќи овде има голема потреба. Се разбира, би сакал да можам да одам на конгреси и да се запознаам со многу други христијани“. Догодина овој Сведок треба да биде пуштен поради примерно однесување.
Наводно, казнениот систем на Ислас Маријас уште порано имал извесен успех во рехабилитирањето на затворениците. Меѓутоа, пораката за Царството донесе вистинска духовна слобода и рехабилитација, „ослободување на заробените“ и „отворање на очите на заточениците“ (Лука 4:18; Исаија 61:1, NW).
[Фуснота]
a Иако е наречен и Ислас трес Маријас, што во превод значи „Трите Марии“, овој архипелаг официјално се состои од четири острови, од кои три не се населени.
[Рамка/слики на страница 21]
Од наркоман до христијански старешина
Гилермо бил затворен поради тоа што продавал и користел дрога. Останал зависник од дрога и откако бил испратен на Ислас Маријас. Но, забележал дека некои од затворениците што отслужувале долги казни како, на пример, за препродавање на дрога, биле дотерани, оптимистични и им служеле за пример на другите. Кога дознал дека ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци, тој се согласил да појде на нивните состаноци. Подоцна со него започнале редовно да ја проучуваат Библијата.
Гилермо направил големи промени во својот живот и недолго потоа бил ослободен. Веднаш ги побарал Јеховините сведоци за да продолжи да проучува со нив. Денес служи како старешина во едно христијанско собрание, а 17 члена од неговото семејство се Јеховини сведоци. Тој вели: „Голема чест е да се познава Јехова и да се остават сите пороци. Мнозина од моите поранешни пријатели умреа од дрога. Дрогата влијаеше и на мојот мозок и ми го отежна памтењето. Но, методите на проучување што ги користеа Сведоците во голема мера ми помогнаа во овој поглед. Докторите беа вчудовидени бидејќи мислеа дека никогаш нема да закрепнам. Библијата направи нешто неверојатно за мене и за моето семејство. Никогаш порано не си покажувавме љубов, но сега сме едно обединето семејство“.
[Карти на страница 20]
(Види во публикацијата)
Марија Мадре
Ислас Маријас
Мацатлан
[Слика на страница 20]
„Доселениците“ и нивните семејства одат на состаноци во Салата на Царството на Марија Мадре