Каде можеш да најдеш вистинска надеж?
Каде можеш да најдеш вистинска надеж?
ЧАСОВНИКОТ ти застанал и изгледа дека е расипан. Кога размислуваш каде да го однесеш на поправка, имаш голем избор. Постојат многу реклами за поправка на часовници, сите звучат уверливо, но некои од нив контрадикторно. Но што ако дознаеш дека еден од твоите соседи е вешт човек кој пред повеќе години дизајнирал токму таков часовник? Освен тоа, дознаваш дека тој е спремен да ти го поправи часовникот, и тоа бесплатно. Очигледно е што ќе избереш, нели?
Тој часовник е како твојата надеж. Ако забележиш дека ја губиш надежта — како и многумина во овие тешки времиња — каде ќе се обратиш за помош? Многу луѓе тврдат дека можат да го решат проблемот, но големиот број предлози можат да бидат збунувачки и контрадикторни. Тогаш, зошто да не се обратиш кај оној што го создал човештвото со способност за надеж? Библијата ни кажува дека тој „не е далеку од никого од нас“ и дека е спремен да ни помогне (Дела 17:27; 1. Петрово 5:7).
Подлабока дефиниција за надеж
Зборот надеж што се користи во Библијата има пошироко и подлабоко значење од зборот надеж што денес вообичаено го користат докторите, научниците и психолозите. Зборовите од изворниот јазик што се користат во Библијата а се преведени со „надеж“, значат желно да чекаш и да очекуваш нешто добро. Во суштина, надежта е составена од два елементи. Вклучува желба за нешто добро, како и темел за увереност дека тоа добро ќе се случи. Надежта која ја дава Библијата не е само пуста желба. Таа цврсто се темели на факти и докази.
Во тој поглед надежта е слична со верата, која мора да се темели на докази, а не со лековерноста (Евреите 11:1). Сепак, Библијата прави разлика помеѓу вера и надеж (1. Коринќаните 13:13).
Еве еден пример: Кога ќе замолиш некој близок пријател за некоја услуга, се надеваш дека ќе ти помогне. Твојата надеж има темел бидејќи му веруваш на твојот пријател — добро го познаваш и си видел како во минатото постапувал љубезно и великодушно. Твојата вера и твојата надеж се тесно поврзани, дури и нераздвојни, но сепак, постои разлика меѓу нив. Како можеш да имаш таква доверба, таква надеж во Бог?
Темелот за надеж
Бог е изворот на вистинска надеж. Во библиско време, Јехова бил наречен „надеж на Израел“ (Еремија 14:8). Надежта на која неговиот народ можел да се потпре доаѓала од него; затоа тој бил нивна надеж. Таквата надеж не била само пуста желба. Бог им дал цврст темел за надеж. Низ вековите, Израелците можеле да се уверат дека Јехова секогаш ги исполнува ветувањата што ги дал. Нивниот водач, Исус Навин, им рекол: „Вие добро знаете... дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог“ (Исус Навин 23:14).
Илјадници години подоцна овие зборови се сѐ уште точни. Библијата е полна со значајни ветувања од Бог, како и точни историски записи дека тие се исполниле. Неговите пророчки ветувања се толку веродостојни што понекогаш се запишани како веќе да биле исполнети во времето кога биле дадени.
Затоа може да кажеме дека Библијата е книга на надеж. Додека ги проучуваш извештаите за тоа како Бог постапувал со луѓето, причините за твојата надеж во него ќе стануваат сѐ поцврсти. Апостол Павле напишал: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4).
Каква надеж ни дава Бог?
Кога надежта ни е најпотребна? Зарем не кога ќе се соочиме со смртта? Сепак многумина, токму во таков момент — на пример, кога ќе им почине некој близок — ја губат секоја надеж. Што е побезнадежно од смртта? Немилосрдно го следи секого од нас. Можеме да ја избегнуваме само одредено време, но беспомошни сме пред неа. Библијата со право ја нарекува смртта „последен непријател“ (1. Коринќаните 15:26).
Тогаш, како може да имаме надеж кога ќе се соочиме со смртта? Па, библискиот стих што смртта ја нарекува последен непријател исто така ни кажува дека таа „ќе биде уништена“. Јехова Бог е посилен од смртта. Тој го докажал тоа во многу прилики. Како? Така што воскреснал некои мртви. Во Библијата се запишани девет различни прилики кога Бог ја користел својата моќ за да врати во живот некои што починале.
Во една исклучителна прилика, Јехова му дал моќ на својот Син, Исус, да го воскресне својот драг пријател Лазар кој бил мртов веќе четири дена. Исус не го сторил тоа скришно, туку јавно, пред мноштво луѓе (Јован 11:38-48, 53; 12:9, 10).
Можеби си мислиш: „Зошто биле воскреснати тие луѓе? Зарем со текот на времето не остареле и не умреле повторно?“ Да. Сепак, поради веродостојните извештаи за воскресение како што е овој, можеме да имаме повеќе од само желба повторно да ги видиме нашите најблиски кои починале; имаме причина да веруваме дека ќе биде така. Со други зборови, имаме вистинска надеж.
Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 11:25). Јехова нему ќе му даде моќ да ги врати во живот оние што почиваат во смртен сон. Исус кажал: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Христовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Да, сите оние што спијат во гробовите ќе имаат можност да бидат воскреснати за живот на рајска земја.
Пророкот Исаија дал трогателна слика за воскресението: „Твоите мртви ќе оживеат. Ќе стане мртвото тело на мојот народ. Разбудете се и извикувајте, вие што живеете во правта! Зашто, вашата роса е изобилна како росата на слезот, и земјата ќе ги врати на свет немоќните мртовци“ (Исаија 26:19).
Ова ветување е многу утешно. Мртвите се на најбезбедното место, како што едно бебе е заштитено во утробата на мајката. Навистина, оние кои почиваат во гробот се совршено заштитени во неограниченото сеќавање на Семоќниот Бог (Лука 20:37, 38). Тие наскоро ќе бидат вратени во живот и ќе бидат пречекани срдечно и со радост, исто како што едно новороденче е срдечно пречекано од едно семејство полно со љубов кое со нетрпение го очекува! Значи, има надеж дури и кога се соочуваме со смртта.
Како може да ти помогне надежта
Павле зборувал многу за тоа колку е важна е надежта. Ја споредил со еден важен дел од духовната воена опрема — шлемот (1. Солуњаните 5:8). Што сакал да каже со тоа? Во библиско време, кога еден војник одел во битка, носел метален шлем, честопати врз капа од филц или кожа. Благодарение на шлемот, повеќето удари во главата кои би довеле до смртни последици биле одбиени. Која е поуката од оваа споредба? Како што шлемот ја штити главата, така и надежта го штити умот, односно способноста за размислување. Ако имаш цврста надеж во склад со Божјата намера, кога ќе се соочиш со неволји, нема да се вознемируваш или да очајуваш, туку ќе имаш внатрешен мир. На сите ни е потребен таков шлем.
Павле употребил уште една живописна споредба за да покаже како надежта е поврзана со Божјата волја. Тој запишал: „Таа надеж ни е како сигурна и цврста котва за душата“ (Евреите 6:19). Павле преживеал неколку бродоломи и добро знаел колку е важна котвата. Кога еден брод ќе го зафатело бура, морнарите ја спуштале котвата. Ако котвата цврсто се зариела во морското дно, бродот имал шанса да ја преживее бурата наместо да биде однесен кон брегот и да се разбие на карпите.
Слично на тоа, ако имаме „сигурна и цврста“ надеж во Божјите ветувања, таа надеж може да ни помогне да ги пребродиме овие бурни времиња. Јехова ветил дека наскоро човештвото нема повеќе да се соочува со војни, криминал, тага, па дури ни смрт. (Види ја рамката на страница 10.) Ако цврсто се држиме за таа надеж, тоа може да ни помогне да избегнеме катастрофа и да ни ја даде силата што ни е потребна за да живееме според Божјите мерила наместо да се препуштиме на хаотичниот и неморален дух кој преовладува во светот денес.
Во надежта што Јехова ја дава си вклучен и ти. Тој сака да живееш онака како што имал намера луѓето да живеат. Негова желба е „најразлични луѓе да се спасат“. Како? Прво, секој мора добро да ја запознае вистината (1. Тимотеј 2:4). Издавачите на ова списание те поттикнуваат подобро да се запознаеш со вистината од Божјата Реч. Надежта што Бог ќе ти ја даде е далеку подобра од која било надеж што можеш да ја најдеш во овој свет.
Со надежта од Бог нема потреба да се чувствуваш беспомошно бидејќи тој може да ти даде сила да ги постигнеш целите кои ги имаш што се во склад со неговата волја (2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:13). Зарем не ти е потребна таква надеж? Затоа, ако си ја изгубил надежта, ако бараш надеж, не се откажувај. Надежта е тука, можеш да ја најдеш!
[Рамка/Слика на страница 10]
Причини за надеж
Овие библиски мисли може да ти помогнат да ја зајакнеш својата надеж:
◼ Бог ветува среќна иднина.
Во неговата Реч пишува дека целата Земја ќе стане рај во кој ќе живеат среќни и обединети луѓе (Псалм 37:11, 29; Исаија 25:8; Откровение 21:3, 4).
◼ Бог не може да лаже.
Тој ги мрази сите облици на лага. Јехова е свет, односно совршено чист, и затоа е невозможно да лаже (Изреки 6:16-19; Исаија 6:2, 3; Тит 1:2; Евреите 6:18).
◼ Бог има неограничена моќ.
Само Јехова е семоќен. Ништо не може да го спречи да ги исполни своите ветувања (2. Мојсеева 15:11; Исаија 40:25, 26).
◼ Бог сака да живееш вечно.
—(Јован 3:16; 1. Тимотеј 2:3, 4).
◼ Бог го бара доброто во нас.
Тој не се концентрира на нашите грешки и пропусти, туку ги забележува нашите добри особини и нашиот труд (Псалм 103:12-14; 130:3; Евреите 6:10). Тој се надева дека ќе постапуваме исправно и се радува кога го правиме тоа (Изреки 27:11).
◼ Бог ветува дека ќе ти помогне да ги постигнеш целите кои се во склад со неговата волја.
Неговите слуги нема потреба да се чувствуваат беспомошно. Бог великодушно ни дава свет дух, најмоќната сила што постои, за да ни помогне (Филипјаните 4:13).
◼ Надежта во Бог никогаш нема да разочара.
Бог никогаш нема да те разочара затоа што е верен и достоен за доверба (Псалм 25:3).
[Слика на страница 12]
Како што шлемот ја штити главата, така надежта го штити умот
[Слика на страница 12]
Како една котва, цврсто втемелената надеж може да ни даде стабилност
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на René Seindal/Su concessione del Museo Archeologico Regionale A. Salinas di Palermo