Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Викинзите — освојувачи и колонизатори

Викинзите — освојувачи и колонизатори

Викинзите — освојувачи и колонизатори

ЈУНСКИ ден, 793 н.е. Покрај брегот на Нортамберленд (Англија), калуѓерите на малото островче Линдисферн, наречено и Холи, спокојно си ја вршеле својата работа без да бидат свесни за елегантните, ниски бродови кои брзо се приближувале сечејќи ги брановите. Бродовите незабележливо дошле до брегот, а луѓе со бради и страшен изглед кои ракувале со мечеви и секири, испоскокале од бродовите и се стрчале кон манастирот. Се нафрлиле врз престрашените калуѓери и извршиле страшен колеж. Напаѓачите ги заплениле златото, среброто, скапоцените камења и преостанатото богатство на манастирот. Потоа повторно се упатиле кон Северното Море и исчезнале.

Ограбувачите биле викинзите, кои со своите брутални, секавични напади го привлекле вниманието на луѓето во Европа и го означиле почетокот на викиншката ера. Наскоро викинзите предизвикувале толкав ужас што низ цела Англија ечела молитвата: „Од бесот на Нордијците избави нѐ, о Господи“. *

Кои биле викинзите? Зошто одеднаш се појавиле на страниците на историјата како да никнале од земја, останале на истакнато место три века а потоа како да исчезнале?

Земјоделци и ограбувачи

Предци на викинзите биле Германите кои, околу 2.000 години пред викиншката ера, почнале да мигрираат од северозападна Европа во Данска, Норвешка и Шведска — во Скандинавија. Исто како своите предци, викинзите биле земјоделци — дури и оние кои учествувале во нападите. Во постудените делови на Скандинавија тие повеќе зависеле од ловот, риболовот и ловот на китови. Викиншките трговци живееле во поголеми заедници, од каде што редовно пловеле по европските трговски патишта со своите моќни бродови. Тогаш, што било причина овие навидум простодушни луѓе да се издигнат од непознати до озлогласени само во една генерација?

Една од можните причини е пренаселеноста, но многу историчари мислат дека тоа би можело да важи само за западна Норвешка бидејќи таму немало доволно обработливо земјиште. The Oxford Illustrated History of the Vikings (Оксфордовата илустрирана историја на викинзите) вели: „Повеќето од првите генерации на викинзите биле во потрага по богатство, а не по земја“. Ова било случај особено со царевите и поглаварите на кои им требале значителни приходи за да ја задржат својата моќ. Други викинзи можеби ја напуштиле Скандинавија за да ги избегнат семејните караници и локалните војни.

Друг фактор можеби бил тоа што богатите викинзи обично имале повеќе од една жена. Заради тоа имале многу деца. Меѓутоа, обично само првородениот син го добивал семејното наследство, оставајќи ги своите помлади браќа и сестри да се снаоѓаат сами. Според книгата The Birth of Europe (Раѓањето на Европа), синовите кои биле лишени од наследство „оформиле една голема и опасна елита од војници кои биле принудени да успеат сами како знаат и умеат, сеедно дали преку освојувања во својата татковина или преку пиратство во други земји“.

Викинзите имале идеално превозно средство за своите секавични напади — викиншкиот брод. Историчарите го фалат викиншкиот брод како едно од најдобрите технички достигнувања на раниот Среден век. Со овие елегантни бродови кои имале плиток труп и се движеле на погон на едра или весла, викинзите станале господари на секое море, езеро и река каде што стигнале.

Експанзија на викинзите

Некои историчари велат дека ерата на викинзите започнала во средината на осмиот век, непосредно пред викинзите да го нападнат Линдисферн. Како и да е, нападот на Линдисферн им помогнал на викинзите да бидат забележани во јавноста. Од Англија заминале во Ирска, каде што повторно мета им биле манастирите полни со богатство. Со своите бродови целосно натоварени со плен и робови, на зима викинзите отпловувале дома. Меѓутоа, во 840 н.е., тие ја прекинале оваа традиција и ја минале зимата во местата каде што ограбувале. Ирскиот град Даблин, всушност, бил основан како викиншка енклава. Од 850 н.е. почнале да ја минуваат зимата во Англија, а нивна прва база бил островот Танет, на устието на реката Темза.

Наскоро, на Британските Острови пристигнале данските и норвешките викинзи, но повеќе не како групи кои вршат напади туку како војски со флоти од викиншки бродови. Некои од овие бродови биле долги можеби 30 метри и носеле и до 100 војници. Следните години, викинзите ја потчиниле североисточна Англија, предел кој станал познат како Данло затоа што таму доминирала данската култура и закон. Меѓутоа, на југот на Англија, во Весекс, саксонскиот цар Алфред и неговите следбеници ги држеле викинзите на отстојание. Но тогаш, по една голема битка кај Ашингтон во 1016 и по смртта на кралот Едмунд од Весекс подоцна истата година, викиншкиот водач Кнут — кој се исповедувал како христијанин — станал единствен цар на Англија.

Подлабоко во Европа и уште понатаму

Во 799 н.е., данските викинзи почнале да ја напаѓаат областа која тогаш била наречена Фризија — крајбрежната област на Европа која се протега некаде од Данска до Холандија. Оттаму тие веслале горе-долу по реките Лоара и Сена и ограбувале градови и села длабоко во срцето на Европа. Во 845 н.е., викинзите го ограбиле дури и Париз. Франкскиот крал Шарл Ќелавиот им платил 3.000 килограми сребро за да се повлечат од градот. Но, тие се вратиле и нападнале дури и подалеку од Париз, во Троа, Верден и Тул.

Викинзите отпловиле дури и во Шпанија и Португалија, каде што во 844 н.е. го извршиле првиот познат напад. Тие ограбиле неколку помали гратчиња, па дури и привремено ја окупирале Севиља. „Меѓутоа“, вели Cultural Atlas of the Viking World (Културолошкиот атлас на викиншкиот свет), „арапските бранители давале толку жесток отпор што викинзите брзо биле поразени а нивните сили речиси уништени“. Сепак, тие се вратиле во 859 н.е. — овојпат со флота од 62 брода. Откако пустошеле низ делови од Шпанија, нападнале и во Северна Африка; иако нивните бродови сега биле до врв полни со плен, тие отишле во Италија и ги ограбиле Пиза и Лина (поранешна Луна).

Викинзите од Шведска отпловиле на исток преку Балтичкото Море и навлегле во некои од најголемите водни патишта на Источна Европа — реките Волхов, Ловат, Днепар и Волга. Тие на крајот ги однеле до Црното Море и до богатите земји на Византиското царство. Некои викиншки трговци стигнале дури и до Багдад преку реката Волга и Каспиското Море. На крајот, шведските поглавари станале владетели на огромните подрачја на Словените по должината на Днепар и Волга. Освојувачите биле наречени Рус, термин за кој некои сметаат дека од него потекнува зборот „Русија“ — „Земјата на Русите“.

До Исланд, Гренланд и Њуфаундленд

Норвешките викинзи се сосредоточиле на голем број оддалечени острови. На пример, во осмиот век тие ги окупирале Оркниските и Шетландските Острови, а Фарските, Хебридските Острови и источна Ирска во деветтиот век. Викинзите го колонизирале дури и Исланд. Таму го основале парламентарното тело Алтинг. И ден-денес Алтинг сѐ уште постои како управно тело на Исланд и тоа е најстарото парламентарно собрание на Западот.

Во 985 н.е., викингот по име Ерик Црвениот основал една колонија на Гренланд. Подоцна истата година, еден негов земјак, Норманот Бјарни Херјолфсон, заминал од Исланд за да им се придружи на своите родители на Гренланд. Но, ветрот го однел од курсот и тој го промашил Гренланд. „Веројатно Бјарни бил првиот Норман кој ја здогледал Северна Америка“, вели Културолошкиот атлас на викиншкиот свет.

Врз основа на извештајот на Бјарни, и веројатно после 1000 година, Лејф Ериксон, синот на Ерик Црвениот, отпловил западно од Гренланд кон Бафиновата Земја, а потоа пловел покрај крајбрежјето на Лабрадор. Дошол до еден земјен ’рт што го нарекол Винланд, според дивото грозје, односно бобинки кои растеле таму. * Лејф ја поминал зимата таму пред да се врати на Гренланд. Следната година, брат му на Лејф, Торвал, повел експедиција на Винланд, но бил убиен во престрелка со домородците. Меѓутоа, по неколку години, од 60 до 160 викинзи основале една населба во Винланд, но заради постојаното непријателство од страна на староседелците, тие останале таму само околу три години и никогаш повторно не се вратиле. Дури после речиси 500 години, еден италијански истражувач во служба на Англија, Џон Кабот, положил право на Северна Америка во корист на Англија.

Крајот на викиншката ера

До крајот на нивната ера, викинзите создале голем број нови политички држави над кои владееле скандинавски династии. Но, тие не останале туѓинци долго време, бидејќи многу викинзи со текот на времето се претопиле во новопронајдените култури, па дури и во поглед на религијата. На пример, викиншкиот поглавар Роло, кој зазел дел од територијата на францускиот брег наречена Нормандија (што значи „Земја на Нордијците“, односно Норманите), се преобратил во католицизам. Еден од неговите потомци бил Вилијам, војводата од Нормандија. По битката кај Хејстингз во 1066, во која биле свртени еден против друг потомците на норманските и на англиските викинзи, победничкиот војвода Вилијам бил крунисан за крал на Англија.

Вилијам брзо го запрел секое понатамошно скандинавско влијание во Англија и вовел една нова феудална ера која ги опфаќала средновековните француски системи на владеење, земјопоседништво и економија. Затоа, „ако треба да се избере еден датум кој го означува крајот на викиншката ера“, вели книгата The Vikings (Викинзите) од Елза Роездал, „тоа треба да биде 1066 година“. Во 11 век, и првобитните викиншки кралства во Скандинавија станале независни држави.

Трите века историја на викинзите се преполни со акција. Сепак, претставата дека викинзите не се ништо друго освен варвари кои напаѓаат и ракуваат со мечеви и секира не е потполна. Тие покажале дека се и приспособливи со тоа што колонизирале далечни земји, па дури биле претопени во локалните култури. Како земјоделци се населувале во трајни живеалишта, а како владетели седеле на туѓи престоли. Да, викинзите биле вешти не само во пловидбата и мечот туку и во плугот и политиката.

[Фусноти]

^ пас. 3 Надвор од Скандинавија, викинзите обично биле нарекувани варвари, Данци, Нордијци или Нормани. Бидејќи повеќето денешни историчари го користат зборот „викинг“ за сите Скандинавци од ерата на викинзите, тој термин се користи и во оваа статија. Потеклото на зборот „викинг“ е непознато.

^ пас. 20 Во Л’анс о Медоуз, на северниот врв на Њуфаундленд, се реконструирани нордиски градби покриени со трева, врз основа на археолошките докази кои беа пронајдени таму во почетокот на 1960-тите. Овие докази покажуваат дека викинзите биле присутни овде уште пред илјада години, но постојат сомневања дали оваа населба била дел од легендарната земја Винланд. (Видете го српското издание на Разбудете се! од 8 јули 1999.)

[Рамка на страница 27]

РЕЛИГИЈАТА НА ВИКИНЗИТЕ

Викинзите обожавале многу митски богови, меѓу кои биле Один, Тор, Фреј, Фреја и Хел. Один, богот на мудроста и војната, бил на чело на овој пантеон. Негова сопруга била Фрига. Тор бил убиец на џиновите и господар на ветровите и на дождот. Фреј бил неморален бог на мирот и плодноста. Неговата сестра Фреја била божица на љубовта и плодноста. Хел била божица на подземниот свет.

Нордиската митологија е основа за имињата на некои денови од седмицата во англискиот и во некои други јазици. На пример, има денови кои го добиле името според Тир, Один (кој е познат и како Водан), Тор и Фрига.

Исто како нивните обожаватели, и викиншките богови наводно го стекнувале своето богатство со крадење, дрскост и измама. Один ветил дека оние кои херојски ќе умрат во битка, ќе добијат место во небесното царство Асгард (дом на боговите), во големата сала Валхала. Таму можеле да се гоштаваат и да се борат колку им душа сака. Викиншките благородници честопати биле погребувани со чамец покрај нив или со камења наредени во облик на чамец. Заедно со нив се закопувало и храна, оружје, украси, заклани животни, а можеби дури и жртвувани робови. Можно е и кралицата да била закопувана со својата слугинка.

Шлемот со рогови кој честопати се поврзува со викинзите, претходи на викиншката ера повеќе од 1.000 години и очигледно се носел церемонијално. Викиншките војници носеле едноставни конусни шлемови направени од метал или кожа, ако веќе носеле шлем.

[Карта на страница 26]

(Види во публикацијата)

ЕКСПАНЗИЈА НА ВИКИНЗИТЕ

НОРВЕШКА

ИСЛАНД

ГРЕНЛАНД

Бафинова Земја

Лабрадор

Њуфаундленд

ДАНСКА

АНГЛИЈА

ИРСКА

ХОЛАНДИЈА

ФРАНЦИЈА

ПОРТУГАЛИЈА

ШПАНИЈА

АФРИКА

ИТАЛИЈА

ШВЕДСКА

РУСИЈА

Касписко Море

Багдад

УКРАИНА

Црно Море

Истанбул

[Извор на слика]

Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

[Слика на страница 24]

Репродукција на викиншкиот брод

[Извор на слика]

Страница 24: Antonion Otto Rabasca, со љубезна дозвола на Gunnar Eggertson

[Слики на страница 25]

Викиншка воена опрема

Викиншки шлем

[Извор на слика]

Воена опрема и шлем: Ракотворби кои се изложени во Музејот за национални антиквитети, Стокхолм (Шведска)

[Слика на страница 27]

Лејф Ериксон