Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се приспособиш на ново собрание

Како да се приспособиш на ново собрание

ДАЛИ некогаш си се преселил во ново собрание? Ако да, тогаш веројатно се согласуваш со Жан-Шарл, кој вели: „Предизвик е да се приспособиш на ново собрание, а во исто време да се трудиш сите во твоето семејство да останат блиски со Јехова“. Кога некој ќе се пресели, освен што треба да најде работа, место за живеење и можеби ново училиште за децата, треба да се навикне на поинаква клима, на различна култура и на ново подрачје за сведочење.

Никола и Селин се соочиле со друг предизвик. Тие ја прифатиле задачата од подружницата во Франција да се преселат во друго собрание. Тие велат: „Од почеток бевме многу восхитени. Но, потоа почнаа да ни недостигаат нашите пријатели. Сѐ уште се немавме зближено со браќата од нашето ново собрание“. a Со оглед на тоа што преселбата си има предизвици, што можеш да направиш за да бидеш среќен и продуктивен во твоето ново собрание? Како можат другите да помогнат? И на кои други начини можеш да ги храбриш другите, а и ти да бидеш охрабрен од нив?

ЧЕТИРИ НАЧЕЛА ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДА СЕ ПРИСПОСОБИШ

Потпирај се на Јехова

1. Потпирај се на Јехова (Пс. 37:5). Казуми, од Јапонија, морала да го остави собранието во кое била 20 години кога нејзиниот сопруг бил преместен на друго работно место. Како таа „[му ги префрлила] на Јехова животните грижи“? Казуми вели: „Отворено му кажував на Јехова дека чувствувам паника, дека сум осамена и многу загрижена. Секогаш кога го правев тоа, тој ми ја даваше силата што ми беше потребна“.

Како можеш уште повеќе да се потпираш на Јехова? Исто како што на едно растение му се потребни вода и хранливи материи од почвата за да може да расте, така и ние мора да си ја храниме верата за да може таа да расте. Никола, кого го спомнавме претходно, сфатил дека тоа што размислувал за примерите на Авраам, Исус и Павле — луѓе кои направиле многу жртви за да ја вршат Божјата волја — му ја зајакнало довербата дека Јехова ќе му помага. Ако редовно ја проучуваш Библијата, тоа ќе ти помогне да се справиш со која и да било промена во твојот живот и ќе научиш работи со кои ќе можеш да ги храбриш другите во твоето ново собрание.

Немој да правиш споредби

2. Немој да правиш споредби (Проп. 7:10). Жуел морал да се навикне на многу поинаква култура кога се преселил од Бенин во САД. Тој се сеќава: „Имав впечаток дека на секого што ќе го запознаам треба да му кажам сѐ за мене“. Бидејќи ова било различно од она на што бил навикнат, тој почнал да се изолира од другите во собранието. Но, откако подобро ги запознал браќата и сестрите, Жуел си го сменил гледиштето. Тој вели: „Сега сфаќам дека, каде и да сме во светот, луѓето се исти. Тие само се изразуваат и се однесуваат поинаку. Многу е важно да ги прифатиме луѓето такви какви што се“. Затоа, немој да правиш споредби со твоето поранешно собрание. Една сестра по име Ен-Лиз, која служи како пионер, рекла: „Не се преселив за да го најдам она што го оставив. Се преселив за да откријам нови работи“.

И старешините не треба да прават споредби со нивното поранешно собрание. Само затоа што некој прави нешто на различен начин, не значи дека тоа е погрешно. Пред да дадеш предлози, мудро е да се запознаеш со локалните околности (Проп. 3:1,). Подобро е да ги поучуваш браќата и сестрите со твојот добар пример, отколку да се обидуваш да ги натераш да размислуваат како тебе (2. Кор. 1:24).

Вклучи се во активностите на собранието

3. Вклучи се во активностите на собранието (Фил. 1:27). Преселувањето бара многу време и енергија, но многу е важно уште од самиот почеток да присуствуваш на собраниските состаноци — ако е можно во салата. Всушност, ако оние од твоето ново собрание ретко те гледаат, или никогаш, како ќе можат да ти помогнат? Лусинда, која со своите две ќерки се преселила во еден голем град во Јужна Африка, се сеќава: „Моите пријатели ми дадоа совет да се концентрирам на тоа да се зближам со браќата и сестрите од новото собрание, да одам со нив во служба и да коментирам на состаноците. Исто така, на браќата им кажавме дека нашиот дом го ставаме на располагање за во него да се одржуваат состаноците за проповедање“.

Тоа што ќе ги извршуваш теократските активности заедно со браќата и сестрите од новото собрание, ќе ти помогне да се зајакнеш себеси, а ќе ги зајакнеш и другите. Ен-Лиз, која ја спомнавме претходно, била поттикната од нејзините старешини да се труди да оди во служба со сите од собранието. Кој бил резултатот? Таа вели: „Набрзо сфатив дека тоа е важен начин за да се чувствувам како дел од собранието“. Исто така, со тоа што ќе се пријавиш да учествуваш во некои активности, како на пример во чистењето и одржувањето на салата, ќе покажеш дека новото собрание сега го сметаш за твое собрание. Колку повеќе си вклучен во активностите на собранието, толку побрзо ќе бидеш прифатен и ќе чувствуваш дека си дел од твоето ново духовно семејство.

Стекни нови пријателства

4. Стекни нови пријателства (2. Кор. 6:11-13). Најдобар начин да се спријателиш со некого е така што ќе покажеш дека си лично заинтересиран за него. Затоа, планирај да дојдеш порано пред состанокот и да останеш откако ќе заврши состанокот за да имаш доволно време да разговараш со другите. Потруди се да ги запомниш нивните имиња. Ако ги запомниш имињата на другите и ако си срдечен и пристаплив, другите ќе сакаат да те запознаат и веројатно ќе станете добри пријатели.

Наместо да бидеш загрижен за тоа дали другите ќе те прифатат, дозволи им на новите браќа и сестри да те запознаат таков каков што навистина си. Учи од Лусинда, која рекла: „Сега имаме блиски пријателства затоа што презедовме иницијатива да ги каниме другите во нашиот дом“.

„ПРИМАЈТЕ СЕ ЕДЕН СО ДРУГ“

За некој може да биде многу стресно кога за првпат треба да оди на состанок во сала полна со непознати луѓе. Затоа, што можеш да направиш за да им олесниш на оние кои се префрлиле во твоето собрание? Апостол Павле нѐ поттикнал: „Примајте се еден со друг, како што и Христос нѐ прими нас“ (Рим. 15:7). Со тоа што ќе го следат примерот на Исус, старешините можат да им помогнат на новите да се чувствуваат добредојдено. (Види ја рамката „ Што може да придонесе за преселбата да биде успешна“.) Сепак, сите во собранието, вклучувајќи ги и децата, можат да им помогнат на новите да се чувствуваат убаво.

За да придонесеме другите да се чувствуваат добредојдено, можеме да ги поканиме во нашиот дом, но можеме и да им понудиме практична помош. На пример, една сестра одвоила дел од своето скапоцено време за да ѝ го покаже градот на една друга сестра која неодамна се преселила во тоа место и за да ѝ објасни како да го користи јавниот превоз. Тоа ѝ оставило голем впечаток на новата сестра и ѝ помогнало да се приспособи.

МОЖНОСТ ДА НАПРЕДУВАШ ВО ДУХОВЕН ПОГЛЕД

Како што еден скакулец расте, тој неколку пати ја отфрла својата кожа пред неговите крилја да бидат оспособени за летање. Слично на тоа, кога ќе се префрлиш во ново собрание, треба да ја отфрлиш која и да било грижа која ќе те спречи, така да се каже, да ги рашириш своите крилја во службата за Јехова. Ова го потврдуваат Никола и Селин. Тие велат: „Преселбата е одлична обука. За да се приспособиме на нови луѓе и на различни места, мораше да развиеме нови особини“. Жан-Шарл, кого го спомнавме на почетокот, кажува како преселбата му користела на неговото семејство: „Промената им овозможи на нашите деца да станат позрели и поблиски со Јехова. По само неколку месеци, нашата ќерка почна да има задачи на состанокот Нашиот живот и служба, а нашиот син стана некрстен објавител“.

Што можеш да правиш ако околностите не ти дозволуваат да се преселиш таму каде што има поголема потреба? На твоето сегашно собрание би можел да гледаш како на ново така што ќе примениш некои од предлозите што беа спомнати во оваа статија. Потпирај се на Јехова и биди потполно вклучен во активностите на твоето собрание така што ќе направиш план да соработуваш со другите во службата, и така што ќе стекнеш нови пријателства или ќе ги зајакнеш оние што веќе ги имаш. Би можел да преземеш иницијатива да им помогнеш на практичен начин на оние што се нови или на оние што имаат некаква потреба. Бидејќи љубовта е знакот по кој се препознаваат вистинските христијани, тоа што ќе им помагаш на другите ќе придонесе да напредуваш во духовен поглед (Јован 13:35). Можеш да бидеш сигурен дека „со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евр. 13:16).

И покрај предизвиците, многу христијани што се преселиле во ново собрание, успеале да бидат среќни и продуктивни — а можеш и ти! Ен-Лиз вели: „Тоа што служев во повеќе собранија, ми помогна широко да си го отворам срцето“. Казуми сега е уверена дека преселбата „може да ти овозможи да ја почувствуваш Јеховината поддршка на нови начини“. А што мисли Жуел? Тој вели: „Пријателствата што ги стекнав ми помогнаа да се чувствувам како дома. Сега толку добро се вклопив во моето ново собрание, што би ми било тешко да го напуштам“.

a Совети за тоа како да се избориш со чувствата на носталгија можеш да најдеш во статијата „Борба со носталгијата во Божјата служба“, која излезе во Стражарска кула од 15 мај 1994.