Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали постапуваш со жените како што постапува Јехова?

Дали постапуваш со жените како што постапува Јехова?

НИЕ, браќата, имаме чест да му служиме на Јехова заедно со голем број верни сестри. Освен тоа, ја сакаме и ја цениме секоја од овие трудољубиви сестри! a Затоа треба да даваме сѐ од себе за да се однесуваме со нив љубезно, праведно и со почит. Но, бидејќи сме несовршени, понекогаш можеби ни е тешко да го правиме тоа. А на некои браќа им отежнуваат и други работи.

Некои пораснале во култура во која многу мажи сметаат дека жените вредат помалку од нив. На пример, Шенгшиен, еден старешина во Тајван, вели: „Во местото каде што живеам, многу мажи сметаат дека жените не треба да им се мешаат во ништо. Ако еден маж го спомне мислењето на некоја жена во врска со нешто, неговите пријатели би можеле да сметаат дека е слабак“. Ханс, еден покраински надгледник во Боливија, вели: „Некои мажи се пораснати во култура во која се поттикнати да станат мачо типови, поради што во нив се развива едно длабоко вкоренето чувство дека мажите се подобри од жените“. b Други мажи ги покажуваат своите предрасуди кон жените на помалку очигледни начини. На пример, тие можеби кажуваат понижувачки шеги за жените.

За среќа, еден маж може да се смени без разлика во која култура пораснал. Тој може да си го смени ставот дека мажите се подобри од жените (Еф. 4:22-24). Тоа може да го постигне така што ќе го следи примерот на Јехова. Во оваа статија ќе разгледаме како Јехова постапува со жените, како можат браќата да научат да постапуваат со жените по примерот на Јехова и како можат старешините да предводат во покажувањето почит кон сестрите.

КАКО ПОСТАПУВА ЈЕХОВА СО ЖЕНИТЕ?

Јехова е совршен пример за тоа како треба да се постапува со жените. Тој е сочувствителен Татко кој ги сака сите свои деца (Јован 3:16). А жените кои покажуваат вера во него се како скапоцени ќерки за него. Размисли за следниве начини на кои Јехова покажува дека ги сака и дека ги почитува жените.

Тој постапува со нив непристрасно. Јехова ги создал мажите и жените според неговиот лик (1. Мој. 1:27). Тој не ги создал мажите поинтелигентни или поталентирани од жените, ниту пак повеќе ги сака мажите од жените (2. Лет. 19:7). Тој ги создал мажите и жените со исти умствени способности за да можат да ги сфатат библиските вистини и да ги покажуваат неговите прекрасни особини. Јехова ги цени и мажите и жените што покажуваат вера во него. И на едните и на другите тој им дал надеж да живеат вечно на Земјата или да служат како цареви и свештеници на небото. Јасно е дека Јехова нема предрасуди кон жените.

Тој ги слуша. На Јехова му е важно како се чувствуваат жените и што ги загрижува. На пример, тој ги слушнал и одговорил на молитвите на Рахела и на Ана (1. Мој. 30:22; 1. Сам. 1:10, 11, 19, 20). Исто така, Јехова со својот свет дух поттикнал некои библиски писатели да запишат извештаи во кои се зборува за мажи кои послушале жени. На пример, Авраам постапил во склад со упатството што му го дал Јехова да ја послуша својата жена Сара (1. Мој. 21:12-14). Цар Давид ја послушал Авигеја. Всушност, тој сфатил дека Јехова ја испратил за да зборува со него (1. Сам. 25:32-35). Исус, кој совршено ги одразува особините на својот Татко, ја послушал својата мајка Марија (Јован 2:3-10). Овие примери истакнуваат дека еден начин на кој Јехова покажува почит кон жените е така што ги слуша.

Тој има доверба во нив. На пример, Јехова ѝ доверил задача на Ева да помогне околу грижата за целата Земја (1. Мој. 1:28). Со тоа тој покажал дека не ја смета за помалку вредна од нејзиниот сопруг Адам, туку дека ја смета за негово дополнение и негов соработник. Исто така, на пророчиците Девора и Олда, Јехова им доверил задача да го советуваат неговиот народ, вклучувајќи и еден цар и еден свештеник (Суд. 4:4-9; 2. Цар. 22:14-20). Денес, на жените кои му служат, Јехова им доверил задача да го извршуваат неговото дело. Овие верни сестри служат како објавители, пионери и мисионери. Тие помагаат во проектирање, изградба и одржување на сали за состаноци и подружници. Некои од нив служат во Бетел, а други во преведувачки канцеларии. Овие сестри се како една голема војска што Јехова ја користи за да ја изврши својата волја (Пс. 68:11). Јасно е дека Јехова не ги смета жените за слаби или неспособни.

КАКО МОЖАТ БРАЌАТА ДА НАУЧАТ ДА ПОСТАПУВААТ СО ЖЕНИТЕ ПО ПРИМЕРОТ НА ЈЕХОВА?

Браќа, за да процениме дали се однесуваме со сестрите како што се однесува Јехова, треба искрено да го преиспитаме нашиот начин на размислување и постапување. За да го направиме тоа, потребна ни е помош. Исто како што еден рендген апарат може да открие во каква здравствена состојба е нечие дословно срце, така еден добар пријател и Божјата Реч можат да ни помогнат да откриеме дали длабоко во нас се крие некој негативен став кон жените. Што може да правиме за да ја добиеме таквата помош?

Прашај некој добар пријател (Изр. 18:17). Би било добро да прашаме за мислење некој пријател во кого имаме доверба, и кој е познат по тоа што се однесува љубезно и разумно. Би можеле да го прашаме: „Што мислиш, како се однесувам со сестрите? Дали тие чувствуваат дека ги почитувам? Дали има нешто што би можел да подобрам во начинот на кој постапувам со нив?“ Ако твојот пријател спомне некои начини на кои би можел да се подобриш, немој да си бараш изговори. Наместо тоа, биди спремен да ги направиш потребните промени.

Проучувај ја Божјата Реч. Најдобриот начин да откриеме дали добро се однесуваме со сестрите е така што ќе ги преиспитаме нашиот став и нашите постапки со помош на Божјата Реч (Евр. 4:12). Додека ја проучуваме Библијата, дознаваме за некои мажи што се однесувале добро со жените и за некои мажи што се однесувале лошо со нив. Потоа, може да ги споредиме нивните постапки со нашите. Освен тоа, споредувањето на повеќе библиски стихови ќе нѐ спречи несвесно да ги вадиме стиховите од контекст за да поддржиме некое наше погрешно гледиште за жените. На пример, според 1. Петрово 3:7 мажите треба да ги почитуваат жените „како послаби садови“. c Дали тоа значи дека жената е помалку вредна, односно помалку интелигентна или помалку способна од мажот? Во никој случај! Спореди ги зборовите на Петар со она што е запишано во Галатите 3:26-29, каде што пишува дека Јехова избрал и жени и мажи да владеат заедно со Исус на небото. Ако ја проучуваме Божјата Реч и ако замолиме некој добар пријател или некоја добра пријателка да ни го каже своето мислење во врска со тоа како постапуваме со жените, ќе можеме да научиме да покажуваме исправна почит кон нашите сестри.

КАКО СТАРЕШИНИТЕ ПОКАЖУВААТ ПОЧИТ КОН СЕСТРИТЕ

Друг начин на кој браќата во собранието можат да научат да постапуваат со почит кон сестрите е така што ќе го следат примерот на грижливите старешини. Како старешините предводат во покажувањето почит кон сестрите? Да разгледаме некои конкретни начини.

Тие ги пофалуваат сестрите. Апостол Павле оставил добар пример кој старешините треба да го следат. Тој јавно пофалил неколку сестри во писмото што го напишал до собранието во Рим (Рим. 16:12). Можеш ли да си замислиш колку биле среќни овие сестри кога писмото на Павле било прочитано во собранието? Слично на тоа, старешините великодушно ги пофалуваат сестрите за нивните убави особини и за сето она што го прават за Јехова. Ова им помага на сестрите да знаат дека собранието многу ги почитува и ги цени. Охрабрувачките зборови на еден старешина можат да бидат точно она што им е потребно на овие сестри за да продолжат верно да му служат на Јехова (Изр. 15:23).

Пофалувај

Кога ги пофалуваат сестрите, старешините се искрени и конкретни. Зошто? Една сестра по име Џесика вели: „Убаво е кога браќата ќе ѝ кажат на една сестра ’браво‘. Но, ние особено цениме кога браќата ќе нѐ пофалат за нешто конкретно. На пример, за тоа што ги поучуваме нашите деца да седат мирни на состаноците или за тоа што одвојуваме време да отидеме до домот на некоја интересентка и да ја земеме со нас на состанок“. Со тоа што ги пофалуваат за нешто конкретно, старешините придонесуваат сестрите да чувствуваат дека се потребни и ценети во собранието.

Тие ги слушаат сестрите. Понизните старешини сфаќаат дека тие не се единствените што имаат добри идеи. Таквите старешини ги прашуваат сестрите за предлози и внимателно ги слушаат додека тие зборуваат. Правејќи го тоа, самите старешини извлекуваат корист, а ги охрабруваат и сестрите. Како? Еден старешина по име Херардо, кој служи во Бетел, вели: „Сфатив дека тоа што ги прашувам сестрите за нивното мислење ми помага подобро да си ја извршувам работата. Честопати, тие правеле некоја работа подолго време од повеќето браќа“. Во собранијата, многу сестри служат како пионери и затоа тие знаат многу повеќе за луѓето што живеат на тоа подрачје. Еден старешина по име Брајан вели: „Нашите сестри имаат многу убави особини и вештини кои им се потребни на организацијата. Затоа, извлечи корист од нивното искуство!“

Слушај

Мудрите старешини не ги игнорираат предлозите на сестрите. Зошто? Еден старешина по име Едвард вели: „Мислењето и искуството на некоја сестра можат да му помогнат на еден брат да има поцелосна слика за некоја работа и подобро да ги разбере чувствата на другите“ (Изр. 1:5). Дури и ако еден старешина не може да го примени предлогот на една сестра, сепак тој може да ѝ се заблагодари што го кажала нејзиното мислење и за тоа што ги споделила своето знаење и искуство.

Тие ги обучуваат сестрите. Проникливите старешини бараат прилики за да ги обучуваат сестрите. На пример, тие можат да ги поучат сестрите како да водат состанок за проповедање за да бидат подготвени доколку на состанокот нема крстен брат. Можат да ги обучат да ракуваат со одредени алати или машини за да можат да помагаат при изградба и одржување на теократските објекти. Во Бетел, надгледниците ги обучуваат сестрите да извршуваат различни задачи, како на пример одржување, набавка, сметководство, компјутерско програмирање и друго. Кога ги обучуваат сестрите, старешините покажуваат дека ги сметаат за способни и достојни за доверба.

Обучувај

Многу сестри ја користат обуката што ја добиле од старешините за да им помагаат на другите. На пример, некои сестри ја користат обуката што ја добиле за изградба на сали за да им помогнат на другите повторно да ги изградат своите домови по некоја природна катастрофа. Други сестри ги користат вештините што ги научиле додека сведочеле на јавни места за да им помогнат на повеќе сестри да учествуваат во оваа гранка од службата. Какво мислење имаат сестрите за старешините кои ги обучувале? Една сестра по име Џенифер вели: „Додека помагав во изградбата на една сала за состаноци, еден надгледник одвои време за да ме обучи. Тој ја забележа работата што ја правев и ме пофали за тоа. Многу ми беше убаво да соработувам со него бидејќи чувствував дека ме цени и дека има доверба во мене“.

ЗОШТО Е ДОБРО ДА ПОСТАПУВАМЕ СО СЕСТРИТЕ КАКО ДА НИ СЕ СЕМЕЈСТВО

Ние ги сакаме нашите верни сестри исто како што ги сака Јехова! Затоа постапуваме со нив како да ни се семејство (1. Тим. 5:1, 2). Ние сме горди што можеме да му служиме на Јехова заедно со нив. За нас тоа е голема чест! Исто така, многу сме радосни кога тие чувствуваат дека ги сакаме и дека ги поддржуваме. Една сестра по име Ванеса вели: „Многу сум му благодарна на Јехова што сум дел од неговата организација која е полна со браќа кои многу ме охрабруваат“. Една сестра во Тајван вели: „Многу сум благодарна што Јехова и неговата организација ги ценат жените и покажуваат почит кон нашите чувства. Ова ми ја зајакнува верата и ми го зголемува ценењето за честа што ја имам да бидам дел од Јеховината организација“.

Јехова сигурно многу се гордее кога гледа дека верните браќа во собранието даваат сѐ од себе за да ги ценат и почитуваат жените исто како него! (Изр. 27:11). Еден старешина во Шкотска по име Бенџамин вели: „Многу мажи во светот воопшто не ги почитуваат жените. Затоа, кога нашите сестри ќе влезат во салата за состаноци, сакаме да ја почувствуваат разликата“. Да дадеме сѐ од себе да го следиме примерот на Јехова така што ќе се однесуваме со нашите драги сестри со љубов и со почит како што и заслужуваат (Рим. 12:10).

a Во оваа статија, зборот „сестри“ се однесува на сестрите во христијанското собрание, а не на сестри како членови на семејството.

b Со изразите „мачо“ или „мачоизам“ се опишуваат мажи кои покажуваат претерано чувство на машка гордост или моќ. Овие мажи често го величаат размислувањето и однесувањето на мажите, а ги понижуваат жените.

c За подетално објаснување на изразот „послаб сад“, види ја статијата со наслов „Вредноста на еден ’послаб сад‘“, која излезе во Стражарска кула од 15 мај 2006, и статијата со наслов „Мудри упатства за брачните двојки“, која излезе во Стражарска кула од 1 март 2005.