Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 7

ПЕСНА 51 Се заветувавме на Бог

Што можеме да научиме од назарејците

Што можеме да научиме од назарејците

За сето време на своето назарејство тој е свет пред Јехова (4. МОЈ. 6:8)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да дознаеме како примерот на назарејците може да ни помогне да му служиме на Јехова самопожртвувано и храбро.

1. Каков убав став имале слугите на Јехова низ историјата?

 ДАЛИ го цениш твоето пријателство со Јехова? Без сомнение го цениш! Но, не си единствениот. Уште од древни времиња, голем број луѓе го чувствувале истото што го чувствуваш и ти (Пс. 104:33, 34). Многумина направиле жртви за да му служат на Јехова. Токму тоа го правеле и назарејците од древниот Израел. Кои биле тие и што можеме да научиме од нивниот пример?

2. а) Кои биле назарејците? (4. Мој. 6:1, 2). б) Зошто некои Израелци одлучувале да дадат завет дека ќе живеат како назарејци?

2 Зборот „назареец“ доаѓа од еден хебрејски израз што значи „издвоен“, „посветен“ или „предаден“. Овој израз е соодветен бидејќи назарејците биле ревносни Израелци кои правеле одредени жртви за да му служат на Јехова на посебен начин. Мојсеевиот закон дозволувал еден маж или една жена да му даде посебен завет на Јехова дека одреден период ќе живее како назареец. a (Прочитај 4. Мојсеева 6:1, 2.) Кога еден Израелец ќе дал таков завет, требало да следи упатства кои не важеле за останатите Израелци. Тогаш, зошто еден Израелец би дал завет дека ќе живее како назареец? Тоа веројатно го правел од длабока љубов кон Јехова и од голема благодарност за многуте благослови што ги добил од него (5. Мој. 6:5; 16:17).

3. Каква сличност постои меѓу Божјите слуги денес и назарејците?

3 Кога „законот Христов“ го заменил Мојсеевиот закон, Божјите слуги повеќе не можеле да станат назарејци (Гал. 6:2; Рим. 10:4). Сепак, слично на назарејците, и Јеховините слуги денес покажуваат дека имаат силна желба да му служат со сето срце, душа, ум и сила (Мар. 12:30). Ние доброволно му ветуваме на Јехова дека ќе го правиме тоа кога му го заветуваме нашиот живот. За да живееме во склад со тој завет, мора да ја вршиме Јеховината волја и да правиме жртви за да му служиме. Тоа што ќе го разгледаме примерот на назарејците кои живееле во склад со својот завет, ќе ни помогне да извлечеме важни поуки во врска со тоа како и ние можеме да живееме во склад со заветот што сме го дале b (Мат. 16:24).

БИДИ САМОПОЖРТВУВАН

4. Според 4. Мојсеева 6:3, 4, каква жртва правеле назарејците?

4 Прочитај 4. Мојсеева 6:3, 4. На назарејците не им било дозволено да пијат алкохол, ниту пак да јадат плодови од винова лоза, како на пример грозје и суво грозје. Луѓето околу нив редовно уживале во таквата храна бидејќи немало ништо погрешно во тоа. Всушност, Библијата го опишува виното како дар од Бог и вели дека тоа „го весели срцето“ на човекот (Пс. 104:14, 15). Сепак, назарејците доброволно се откажувале од правото да уживаат во ваквите работи. c

Дали си спремен да правиш жртви како што правеле назарејците? (види во пасуси 4-6)


5. Какви жртви одлучиле да направат Мадијан и Марсела, и зошто?

5 Исто како назарејците, и ние правиме жртви за да му служиме на Јехова во уште поголема мера. Да го разгледаме примерот на Мадијан и Марсела. d Овој брачен пар водел удобен живот. Мадијан добро заработувал и тоа им овозможило да живеат во убав стан. Но, тие сакале да прават повеќе во службата за Јехова. За да ја остварат таа цел, решиле да направат некои промени. Тие велат: „Почнавме да трошиме помалку пари. Се преселивме во помал стан и го продадовме нашиот автомобил“. Мадијан и Марсела не морале да ги направат овие жртви, но одлучиле да ги направат бидејќи тоа им овозможило да му служат на Јехова во поголема мера. Тие се задоволни и среќни што донеле такви одлуки.

6. Зошто Божјите слуги денес прават жртви? (Види ја и сликата.)

6 Денес, слугите на Јехова радосно прават жртви за да имаат повеќе време за теократските активности (1. Кор. 9:3-6). Јехова не бара од нас да правиме такви жртви, ниту пак работите од кои сме се откажале се погрешни сами по себе. На пример, некои се откажале од работното место кое многу го сакале, од тоа да имаат сопствен дом или да имаат милениче. Некои одлучиле извесен период да не стапуваат во брак или да немаат деца. Некои одлучиле да служат онаму каде што има поголема потреба од објавители, иако тоа значи дека треба да живеат далеку од семејството и од пријателите. Многумина од нас доброволно прават такви жртви бидејќи сакаат да му го дадат своето најдобро на Јехова. Биди сигурен дека Јехова ја цени секоја жртва што ќе одлучиш да ја направиш за да му служиш, без разлика дали е голема или мала (Евр. 6:10).

БИДИ СПРЕМЕН ДА СЕ РАЗЛИКУВАШ ОД ДРУГИТЕ

7. Што можеби им отежнувало на некои назарејци да се држат за својот завет? (4. Мојсеева 6:5; види ја и сликата).

7 Прочитај 4. Мојсеева 6:5. Назарејците се заветувале дека нема да ја потстрижуваат косата. Тоа било еден начин на кој покажувале дека му се потполно оддадени на Јехова. Ако еден Израелец бил назареец подолго време, неговата коса била многу долга и другите лесно можеле да ја забележат. Ако другите околу него го почитувале и го охрабрувале да се држи за својот завет, на еден назареец немало да му биде толку тешко да се разликува од другите. Но за жал, во израелската историја имало периоди кога назарејците не биле ценети ниту поддржувани. Во времето на пророкот Амос, Израелците кои биле отпадници „им [давале] на назарејците да пијат вино“, веројатно за да ги наведат да го прекршат својот завет да се воздржуваат од вино (Амос 2:12). Понекогаш, назарејците требало да бидат многу храбри за да се држат за својот завет и да се разликуваат од другите.

Еден назареец кој се држел за својот завет бил спремен да се разликува од другите (види во пасус 7)


8. На кој начин те охрабри искуството на младиот Бенјамин?

8 Со Јеховина помош и ние можеме да бидеме храбри и да се разликуваме од другите дури и ако сме срамежливи или плашливи по природа. Да го разгледаме примерот на Бенјамин, еден десетгодишен сведок од Норвешка. Поради војната во Украина, во неговото школо се одржал еден настан во знак на поддршка на Украинците. На децата им било кажано да носат облека во боите на знамето на Украина и да пеат песна. За да не учествува во ваквиот националистички настан, Бенјамин стоел понастрана од местото каде што требало да се одржи настанот. Но, учителката го видела и му довикнала: „Мора да дојдеш и да ни се придружиш. Сите те чекаме!“ Бенјамин храбро ѝ пристапил на учителката и ѝ рекол: „Јас сум неутрален и не учествувам во активности поврзани со политика. Всушност, многу Јеховини сведоци се во затвор бидејќи одбиваат да учествуваат во војна“. Учителката го прифатила неговото објаснување и му рекла дека не мора да учествува во настанот. Но, неговите соученици почнале да го прашуваат зошто не им се придружил. Бенјамин имал толку голема трема што речиси ќе заплачел, но сепак, пред целиот клас, храбро го повторил истото што ѝ го кажал на учителката. Подоцна, Бенјамин им раскажал на родителите дека почувствувал како Јехова му помогнал да ги одбрани своите верувања.

9. Како можеме да го радуваме срцето на Јехова?

9 Бидејќи одлучуваме да му бидеме послушни на Јехова, другите забележуваат дека се разликуваме од нив. Потребна ни е храброст за да им кажеме на нашите соученици или колеги дека сме Јеховини сведоци. Како што условите во светот и однесувањето на луѓето сѐ повеќе се влошуваат, веројатно ќе ни биде сѐ потешко да живееме во склад со библиските начела и да им ја проповедаме добрата вест на другите (2. Тим. 1:8; 3:13). Но, секогаш имај на ум дека ние го радуваме срцето на Јехова кога сме храбри и кога се разликуваме од оние кои не му служат (Изр. 27:11; Мал. 3:18).

ЈЕХОВА НЕКА ОСТАНЕ НА ПРВО МЕСТО ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ

10. Зошто на назарејците можело да им биде тешко да се држат за заповедта од 4. Мојсеева 6:6, 7?

10 Прочитај 4. Мојсеева 6:6, 7. Назарејците не смееле да се приближуваат до телото на некој што починал. На прв поглед, ова можеби не ни изгледа како некоја голема жртва. Но, во библиско време ова претставувало голем испит за некој назареец кому му починал некој близок. Во погребните обичаи од тоа време било вклучено луѓето да бидат близу до телото на починатиот (Јован 19:39, 40; Дела 9:36-40). Но, поради својот завет, еден назареец не можел да се држи за ваквите обичаи. Дури и кога чувствувал огромна тага поради смртта на некој свој близок, еден назареец покажувал силна вера така што се држел до својот завет. Јехова сигурно ги зајакнал овие свои верни слуги да се справат со тешкотиите со кои се соочувале.

11. Што треба да биде решен да прави еден христијанин кога носи одлуки во врска со семејството? (Види ја и сликата.)

11 Како христијани, ние гледаме сериозно на заветот што сме му го дале на Јехова. Ова влијае врз тоа какви одлуки ќе носиме и како ќе постапуваме во одредени ситуации во кои е вклучено нашето семејство. Ние вложуваме голем труд за да ја исполнуваме библиската одговорност да се грижиме за членовите на семејството, но никогаш не ги ставаме нивните желби пред она што Јехова го бара од нас (Мат. 10:35-37; 1. Тим. 5:8). Понекогаш, можеби ќе треба да донесеме одлуки кои не им се допаѓаат на нашите роднини, но го радуваат Јехова.

Дали си спремен да ја ставиш Јеховината волја на прво место дури и во најтешките околности? (види во пасус 11) e


12. Што правел, а што не правел Александру додека се справувал со тешката ситуација во семејството?

12 Да го разгледаме искуството на Александру и неговата сопруга Дорина. Откако веќе една година ја проучувале Библијата, Дорина одлучила да престане, а сакала и Александру да престане. Сепак, тој смирено и тактично ѝ кажал дека ќе продолжи да проучува. На Дорина не ѝ се допаднало тоа и се обидувала да го натера да прекине со проучувањето. Александру вели дека се трудел да сфати зошто таа се однесува така, но не му било лесно. Понекогаш, кога Дорина го критикувала и била зајадлива, тој помислувал да се откаже од проучувањето на Библијата. Сепак, Александру продолжил да го става Јехова на прво место, а во исто време покажувал голема љубов и почит кон својата сопруга. Поради неговиот добар пример, таа била поттикната повторно да ја проучува Библијата и подоцна се крстила. (На jw.org, во рубриката „Вистината менува животи“, гледај го видеоклипот Александру и Дорина Вакар: „Љубовта е долготрпелива и љубезна“.)

13. Како можеме да покажеме љубов кон Јехова и кон нашето семејство?

13 Јехова е основачот на семејството, и тој сака да имаме среќно семејство (Еф. 3:14, 15). Ако сакаме да бидеме вистински среќни, треба да ги правиме работите онака како што ни вели Јехова. Биди уверен дека Јехова многу ги цени жртвите што ги правиш за да му служиш додека истовремено се грижиш за членовите на твоето семејство и се однесуваш кон нив со љубов и почит (Рим. 12:10).

ДА СИ ПОМАГАМЕ ЕДЕН НА ДРУГ ДА БИДЕМЕ КАКО НАЗАРЕЈЦИТЕ

14. Кого особено треба да се трудиме да го охрабриме со нашите зборови?

14 Сите кои одлучуваат да му служат на Јехова, треба да бидат спремни да прават жртви поттикнати од љубов кон него. Понекогаш, тоа не е лесно. Како можеме да си помагаме еден на друг да правиме жртви за Јехова? Така што меѓусебно ќе се храбриме со нашите зборови (Јов 16:5). Дали во твоето собрание има некој што се обидува да си го поедностави животот за да може во уште поголема мера да учествува во теократските активности? Дали познаваш некои млади кои покажуваат храброст со тоа што се разликуваат од останатите во нивното училиште иако тоа не им е лесно? Дали има некои интересенти или соверници кои можеби се борат да му останат верни на Јехова бидејќи се соочуваат со противење од семејството? Да ја користиме секоја прилика за да ги охрабриме таквите драги лица така што ќе им кажеме колку многу ги цениме поради тоа што се самопожртвувани и храбри (Филим. 4, 5, 7).

15. Како некои им помагаат на оние кои се во полновремена служба?

15 Понекогаш, можеби ќе бидеме во можност да им помогнеме на практичен начин на нашите соверници кои се во полновремена служба (Изр. 19:17; Евр. 13:16). Ваква искрена желба имала една постара сестра која живее во Шри Ланка. Таа добила покачување на пензијата и сакала да им помогне на две млади пионерки да продолжат со својата служба и покрај економските тешкотии. Затоа, одлучила секој месец да им дава одредена сума пари за да им помогне да си ги платат сметките за телефон. Оваа сестра навистина има прекрасен став!

16. Што учиме од назарејците од минатото?

16 Без сомнение, можеме да научиме многу од добриот пример што ни го оставиле назарејците од минатото. Но, од заветот на назарејците учиме нешто и за нашиот небесен Татко, Јехова. Тој е уверен дека имаме искрена желба да му угодиме и дека спремно правиме жртви за да живееме во склад со заветот што сме му го дале. Тој ни укажува чест така што ни дава можност самите да избереме на кој начин ќе ја изразиме нашата љубов кон него (Изр. 23:15, 16; Мар. 10:28-30; 1. Јов. 4:19). Од назарејците учиме дека Јехова ги забележува и ги цени жртвите што ги правиме за да му служиме. Затоа, да бидеме решени да продолжиме да му служиме на Јехова така што од срце ќе му го даваме нашето најдобро.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • На кои начини назарејците покажувале дека се самопожртвувани и храбри?

  • Како можеме да си помагаме еден на друг да бидеме како назарејците?

  • Што учиме од заветот на назарејците за довербата што Јехова ја има во своите слуги?

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

a За некои Израелци, Јехова одредил да бидат назарејци. Но, повеќето назарејци доброволно одлучувале да служат на таков начин одреден период. (Види ја рамката „ Назарејци избрани од Јехова“.)

b Понекогаш, нашите публикации ги споредуваат назарејците со оние кои се во полновремена служба. Но, во оваа статија ќе видиме како можат сите слуги на Јехова да покажат самопожртвуван дух како назарејците.

c Општо земено, изгледа дека еден назареец не требало да извршува некоја конкретна задача за да го исполни својот завет.

d На jw.org види ја статијата „Одлучивме да си го поедноставиме животот“ во рубриката „Искуства на Јеховини сведоци“.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Од покривот на една куќа, еден назареец ја гледа погребната поворка за еден драг член на семејството. Поради заветот што му го дал на Јехова тој не може да учествува во погребот.