Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 35

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

Како можат старешините да им помогнат на оние што се отстранети од собранието

Како можат старешините да им помогнат на оние што се отстранети од собранието

На небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој ќе се покае отколку поради деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание (ЛУКА 15:7)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да видиме зошто некои поединци треба да бидат отстранети од собранието и како можат старешините да им помогнат на таквите лица да се покаат и повторно да ја стекнат Јеховината наклоност.

1-2. а) Како гледа Јехова на оние кои прават тежок грев, но не се каат поради тоа? б) На што се надева Јехова во врска со престапниците?

 ЈЕХОВА не е попустлив Бог. Тој го мрази гревот (Пс. 5:4-6). Јехова очекува од нас да ги почитуваме неговите праведни мерила кои се наоѓаат во неговата Реч, Библијата. Се разбира, тој не очекува совршенство од несовршени луѓе (Пс. 130:3, 4). Во исто време, Јехова не толерира „безбожници, кои [неговата незаслужена] доброта... ја претвораат во изговор за бесрамни дела“ (Јуда 4). Всушност, Библијата зборува за „уништувањето на безбожниците“ во Божјата војна Армагедон (2. Пет. 3:7; Отк. 16:16).

2 Но, Јехова не сака никој да биде уништен. Како што разгледавме претходно во оваа серија статии, Библијата јасно кажува дека тој сака „сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Старешините го следат примерот на Јехова така што стрпливо се трудат да им помогнат на престапниците да се покаат и повторно да станат блиски со Јехова. Но, понекогаш, некои поединци не се каат (Иса. 6:9). Иако старешините повеќепати се обидуваат да им помогнат, некои престапници продолжуваат да го прават она што е погрешно. Што мора да направат старешините во таков случај?

„ОТСТРАНЕТЕ ГО ЗЛОБНИОТ“

3. а) Според Библијата, што треба да се направи со престапниците кои не се каат? б) Зошто може да се каже дека, во некоја смисла, престапникот самиот избрал да биде отстранет од собранието?

3 Ако еден престапник не се кае, старешините немаат друг избор освен да го следат упатството од 1. Коринќаните 5:13: „Отстранете го злобниот од својата средина!“ Во некоја смисла, престапникот a самиот избрал да биде отстранет од собранието — го жнее она што тој го посеал (Гал. 6:7). Зошто можеме да го кажеме тоа? Бидејќи одбил да се смени и покрај тоа што старешините повеќепати се обиделе да му помогнат да дојде до покајание (2. Цар. 17:12-15). Неговите постапки покажуваат дека тој избрал да не им биде послушен на Јеховините заповеди (5. Мој. 30:19, 20).

4. Зошто се дава известување кога некој престапник што не се кае е остранет од собранието?

4 Кога некој престапник што не се кае е отстранет од собранието, се дава известување дека тој повеќе не е Јеховин сведок. b Целта на тоа известување не е да се понижи престапникот, туку да можат објавителите од собранието да ја послушаат библиската заповед да престанат да се дружат со тоа лице, па дури и да не јадат со него (1. Кор. 5:9-11). Има добри причини зошто Јехова ја дал оваа заповед. Апостол Павле напишал: „Малку квасец го потквасува целото тесто“ (1. Кор. 5:6). Ако некој што не се кае за своите гревови остане во собранието, би можел лошо да влијае врз другите така што ќе ја ослабне нивната решеност да живеат во склад со Јеховините праведни мерила (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:33).

5. Како треба да гледаме на некој што е отстранет од собранието, и зошто?

5 Како треба да гледаме на еден соверник што е отстранет од собранието? Иако не се дружиме со него, треба да имаме на ум дека неговата ситуација не е безнадежна. Тој, всушност, е како една загубена овчичка. Кога некоја овчичка ќе залута, таа може да се врати во стадото. Не заборавај дека тоа лице му го заветувало својот живот на Јехова. За жал, во моментот не живее во склад со својот завет и поради тоа е во опасност (Езек. 18:31). Но, сѐ додека има време и сѐ додека Јехова е спремен да покаже милост, има надеж дека тоа лице ќе се врати. Како старешините покажуваат дека имаат иста таква надеж, дури и кога еден престапник ќе биде отстранет од собранието?

КАКО СТАРЕШИНИТЕ ИМ ПОМАГААТ НА ОНИЕ ШТО СЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СОБРАНИЕТО

6. Кои чекори ќе ги преземат старешините за да му помогнат на некој што е отстранет од собранието?

6 Кога некој е отстранет од собранието, дали тоа значи дека е препуштен сам на себе, односно дека никој нема да му помогне да му се врати на Јехова? Ни најмалку! Кога одборот од старешини ќе извести некого дека ќе биде отстранет од собранието, тие браќа ќе му објаснат на тоа лице кои чекори може да ги преземе за да се врати во собранието. Но, старешините ќе направат и повеќе од тоа. Во повеќето случаи, тие ќе му кажат на престапникот дека би сакале повторно да се состанат со него по неколку месеци за да видат дали си го сменил ставот. Ако тој се согласи повторно да се сретне со старешините, на таа средба тие срдечно ќе го поттикнат да се покае. Дури и ако тој не го сменил својот став до тој момент, старешините одвреме-навреме ќе се обидуваат да се состанат со него за да го поттикнат да се покае.

7. Кога некој е отстранет од собранието, како старешините покажуваат сочувство по примерот на Јехова? (Еремија 3:12).

7 Старешините се трудат да го следат примерот на Јехова така што покажуваат сочувство кон некој што е отстранет од собранието. На пример, Јехова не чекал неговиот бунтовен народ во древниот Израел да го преземе првиот чекор. Наместо тоа, тој презел иницијатива да им помогне на Израелците уште пред да покажат какви и да било знаци на каење. Како што видовме во втората статија од овој број, Јехова покажал колку е сочувствителен со тоа што му кажал на пророкот Осија да оди кај својата жена и да ѝ даде можност да се помират, иако таа сѐ уште правела тежок грев (Оси. 3:1; Мал. 3:7). По примерот на Јехова, старешините навистина сакаат престапникот да се врати и не му отежнуваат да го направи тоа. (Прочитај Еремија 3:12.)

8. Како споредбата на Исус за загубениот син ни помага подобро да разбереме колку сочувствителен и милостив е Јехова? (Лука 15:7).

8 Сети се како реагирал таткото од споредбата на Исус за загубениот син. Кога го видел својот син како се враќа дома, таткото притрчал, го прегрнал и го избакнал (Лука 15:20). Забележи дека таткото не чекал неговиот син да моли за простување. Наместо тоа, презел иницијатива и му притрчал во пресрет, како што би направил секој татко полн со љубов. Старешините се трудат да покажуваат сличен став кон оние што застраниле од Божјето стадо. Тие сакаат овие загубени овчички „да се вратат дома“ (Лука 15:22-24, 32). Кога некој грешник ќе се врати, има голема радост и на небото и на Земјата. (Прочитај Лука 15:7.)

9. Каков срдечен поттик им упатува Јехова на грешниците?

9 Од она што го разгледавме досега, јасно е дека Јехова не дозволува да остане во собранието некој што непокајнички прави грев. Но, тој не им врти грб на престапниците. Тој сака да се вратат. Во Осија 14:4 е опишано какви чувства има Јехова кон оние што се каат за своите гревови. Таму пишува: „Јас ќе ја излекувам нивната неверност. Ќе ги сакам со задоволство, зашто мојот гнев се одврати“. Колку голем поттик за старешините да реагираат на секоја промена која е показател дека личноста почнува да се кае. И колку силен поттик за оние што го напуштиле Јехова да му се вратат без одложување!

10-11. Како старешините ќе се обидат да им помогнат на оние што пред многу години биле отстранети од собранието?

10 Како старешините ќе се обидат да им помогнат на оние што во минатото биле отстранети од собранието, можеби пред многу години? Таквите лица можеби престанале да го прават гревот поради кој биле отстранети од собранието. Некои од нив можеби не се ни сеќаваат зошто биле отстранети од собранието. Без разлика колку долго некој не е дел од собранието, старешините ќе се обидат да го најдат и да го посетат. За време на таквите посети, старешините дури и ќе му предложат на тоа лице да се молат со него и срдечно ќе го поттикнат да се врати во собранието. Се разбира, ако некој со години не е дел од собранието, тој без сомнение е многу слаб во духовен поглед. Затоа, ако лицето каже дека сака да се врати во собранието, старешините можат да организираат некој да води библиски курс со него иако сѐ уште не е примен назад во собранието. Во секој случај, старешините ќе бидат тие кои ќе организираат таков библиски курс.

11 Бидејќи старешините сакаат да покажуваат сочувство по примерот на Јехова, тие се трудат да ги најдат оние што се оддалечиле од него и ги поттикнуваат да му се вратат. Кога еден грешник ќе покаже дека се кае и дека го сменил начинот на кој размислува и постапува, тој може без одложување повторно да биде примен во собранието (2. Кор. 2:6-8).

12. а) Во кои ситуации старешините треба да бидат особено претпазливи? б) Зошто не треба да мислиме дека некои што направиле одреден вид грев никогаш нема да можат да ја добијат Јеховината милост? (Види ја и фуснотата.)

12 Во одредени ситуации, старешините треба да бидат особено претпазливи пред да одлучат дали некој ќе биде повторно примен во собранието. На пример, ако некој е виновен за злоупотреба на дете или за отпадништво, или пак подмолно смислил план за да му стави крај на неговиот брак, старешините треба да бидат особено внимателни кога проценуваат дали тој искрено се кае (Мал. 2:14; 2. Тим. 3:6). Тие мора да го штитат стадото. Во исто време, треба да сфатиме дека Јехова ќе го прими назад во собранието секој престапник кој покажува дека вистински се кае и престанува да постапува погрешно. Значи, иако треба да бидат особено претпазливи со оние што постапиле сурово и подмолно со другите, старешините не треба да мислат дека некои што направиле одреден вид грев никогаш нема да можат да ја добијат Јеховината милост c (1. Пет. 2:10).

ШТО МОЖЕ ДА ПРАВИ СОБРАНИЕТО

13. Која е разликата помеѓу начинот на кој постапуваме со некој што бил укорен од старешините и начинот на кој постапуваме со некој што бил отстранет од собранието?

13 Како што видовме во претходната статија, понекогаш се дава известување дека некој соверник е укорен. Во таков случај, можеме да продолжиме да се дружиме со него бидејќи знаеме дека се покајал и дека го сменил начинот на размислување и постапување (1. Тим. 5:20). Тој сѐ уште е дел од собранието и потребно му е охрабрувањето кое може да го добие преку дружењето со соверниците (Евр. 10:24, 25). Но, ситуацијата е сосема поинаква кога некој е отстранет од собранието. Ние сме послушни на библиската заповед: „Престанете да се дружите со [таквото лице]... — со таков дури и да не јадете“ (1. Кор. 5:11).

14. Во склад со својата совест обликувана на темел на Библијата, каква одлука може да донесе еден христијанин за тоа како ќе постапува со оние што се отстранети од собранието? (Види ја и сликата.)

14 Дали упатството од 1. Коринќаните 5:11 значи дека треба потполно да игнорираме некое лице што е отстрането од собранието? Не. Се разбира, ние нема да се дружиме со него. Но, во склад со својата совест обликувана на темел на Библијата, христијаните можат да одлучат дали ќе поканат некое лице што е отстрането од собранието да дојде на собраниски состанок. На пример, можеби некој ќе сака да покани некој свој роднина или некој со кого бил близок. Ако на состанок дојде лице што било отстрането од собранието, како треба да постапиме со него? Во минатото, немаше да поздравиме едно такво лице. Но сега, и во овој случај, секој христијанин треба да постапи во склад со својата совест обликувана на темел на Библијата. Некои можеби ќе одлучат да го поздрават тоа лице и да му изразат добредојде на состанокот. Сепак, ние нема да водиме долги разговори ниту да се дружиме со него.

Во склад со својата совест обликувана на темел на Библијата, еден христијанин може да одлучи дали ќе покани на собраниски состанок некое лице што е отстрането од собранието и дали кратко ќе се поздрави со него на состанокот (види во пасус 14)

15. За какви грешници станува збор во 2. Јованово 9-11? (Види ја и рамката „ Дали Јован и Павле зборувале за ист вид грев?“)

15 Некои можеби се прашуваат: „Зарем Библијата не вели дека еден христијанин што поздравува такво лице ’учествува во неговите зли дела‘?“ (Прочитај 2. Јованово 9-11.) Контекстот на овие стихови покажува дека ова упатство се однесува на отпадниците и на секој што ги поттикнува другите да го прават она што Библијата вели дека е погрешно (Отк. 2:20). Затоа, ако некој шири отпаднички учења или на друг начин ги поттикнува другите да постапуваат погрешно, старешините нема да го посетат тоа лице. Се разбира, постои надеж дека тој некогаш ќе се вразуми и ќе се покае. Но, сѐ додека не се случи тоа, ние нема ниту да го поздравуваме тоа лице ниту да го каниме да присуствува на собраниски состанок.

СОЧУВСТВО И МИЛОСТ ПО ПРИМЕРОТ НА ЈЕХОВА

16-17. а) Што сака Јехова да направат грешниците? (Езекиел 18:32). б) Како можат старешините да соработуваат со Јехова кога се трудат да им помогнат на оние што направиле грев?

16 Што научивме во оваа серија од пет статии? Јехова не сака никој да биде уништен! (Прочитај Езекиел 18:32.) Тој сака грешниците да се помират со него (2. Кор. 5:20). Токму затоа, низ историјата, Јехова секогаш одново ги поттикнувал неговите слуги кои го напуштиле да се покаат и да му се вратат. Собраниските старешини имаат чест да соработуваат со Јехова додека се трудат да им помогнат на оние што направиле тежок грев да се покаат (Рим. 2:4; 1. Кор. 3:9).

17 Замисли колкава радост има на небото кога еден грешник ќе се покае! Нашиот небесен Татко Јехова многу се радува секојпат кога една од неговите загубени овчички ќе се врати во собранието. Нашата љубов кон Јехова продолжува да расте додека размислуваме за неговото сочувство, за неговата милост и за неговата незаслужена доброта (Лука 1:78).

ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост

a Во оваа статија, зборот „престапник“ е во машки род. Но, информациите во неа се однесуваат и на лица од женски пол.

b За едно такво лице, повеќе нема да го користиме изразот „исклучен“. Во склад со зборовите на Павле запишани во 1. Коринќаните 5:13, отсега за едно такво лице ќе го користиме изразот отстранет од собранието.

c Во Библијата пишува дека на некои луѓе не може да им биде простено. Тоа не е поради видот на нивниот грев, туку поради ставот со кој го направиле тој грев. Таквите лица имаат закоравен став секогаш да му се противат на Бог. Само Јехова и Исус можат да пресудат дали некој направил непростлив грев (Мар. 3:29; Евр. 10:26, 27).