Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Толеранција — како може да помогне Библијата

Толеранција — како може да помогне Библијата

 „Толеранцијата [е] доблест која овозможува да има мир“ (Декларација на УНЕСКО за принципите на толеранција од 1995 год.).

 Од друга страна, пак, нетолеранцијата може да предизвика непочитување, па дури и омраза. Ваквите чувства честопати прераснуваат во говор на омраза, дискриминација и насилство.

 Но, луѓето имаат различни мислења во врска со тоа што значи толеранција. Некои сметаат дека едно лице е толерантно само ако покаже дека го прифаќа сето она што го прават другите. Други, пак, во склад со она што го поучува Библијата, сметаат дека некој е толерантен ако го почитува правото на другите самите да изберат во што ќе веруваат и какви вредности ќе имаат, дури и ако самите не се согласуваат со таквите вредности и верувања.

 Може ли Библијата да им помогне на луѓето навистина да бидат толерантни во овој современ свет?

Каква основа дава Библијата за толеранција

 Библијата поттикнува на толеранција. Во неа пишува: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Библијата нѐ поттикнува да постапуваме со другите на обѕирен, учтив и праведен начин. Оние што го применуваат овој совет сметаат дека другите имаат право да изберат според кои вредности ќе живеат иако самите можеби не се согласуваат со нивниот избор.

 Сепак, од Библијата дознаваме дека Бог одредил мерила според кои луѓето треба да живеат. Во неа стои: „[Бог] ти кажа, земен човеку, што е добро“ (Михеј 6:8). Во неа се запишани корисни совети кои Бог им ги дал на луѓето за да можат да имаат колку што е можно подобар живот (Исаија 48:17, 18).

 Бог не ни дал право да им судиме на другите. Според Библијата, само „еден е законодавец и судија... А кој си ти да го осудуваш својот ближен?“ (Јаков 4:12). Бог му дал на секој од нас слобода сам да носи одлуки за кои лично ќе поднесе сметка (5. Мојсеева 30:19).

Што вели Библијата за почитта

 Во Библијата пишува: „Почитувајте го секого“ (1. Петрово 2:17). Затоа, оние што одлучуваат да живеат според библиските мерила се однесуваат со почит кон сите луѓе, без оглед на нивните верувања или вредности според кои живеат (Лука 6:31). Ова не значи дека оние што живеат според мерилата на Библијата ќе се согласат со секое верување или мислење што го имаат другите, или пак дека ќе ја поддржат секоја нивна одлука. Но, наместо да постапуваат на начин кој е груб и без почит, тие ќе даваат сѐ од себе за да постапуваат со другите онака како што постапувал Исус.

 На пример, еднаш, Исус зборувал со една жена која припаѓала на религија со чии верувања тој не се согласувал. Исто така, оваа жена живеела со маж кој не ѝ бил сопруг — начин на живот што Исус не го одобрувал. Сепак, тој зборувал со неа со почит (Јован 4:9, 17-24).

 Исто како Исус, христијаните се подготвени да им објаснат на оние што сакаат да слушаат зошто веруваат во нешто, но тоа го прават „со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Библијата ги советува христијаните да не им го наметнуваат своето мислење на другите. Во неа пишува дека оној што го следи Христос „не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите“, вклучувајќи ги и оние што имаат поинакви верувања од него (2. Тимотеј 2:24).

Што вели Библијата за омразата

 Во Библијата пишува: „Тежнејте кон мир со сите“ (Евреите 12:14). Мирољубивиот човек не дозволува да се развива омраза во неговото срце. Без да ги погази своите вредности, тој дава сѐ од себе да биде во мир со другите (Матеј 5:9). Всушност, Библијата ги поттикнува христијаните да ги сакаат своите непријатели така што ќе постапуваат добро со оние што постапуваат лошо со нив (Матеј 5:44).

 Библијата вели дека Бог ги мрази, односно дека му се одвратни постапките со кои се гази нечие достоинство или им се нанесува штета на другите (Изреки 6:16-19). Зборот „мрази“ во овој контекст значи да се чувствува силна одбивност кон лоши постапки. Сепак, Библијата покажува дека Бог е спремен да им прости и да им помогне на луѓето што сакаат да го сменат својот начин на живот и да живеат според неговите мерила (Исаија 55:7).

Библиски стихови поврзани со толеранцијата и почитта

 Тит 3:2: „Да [бидеме] разумни... сосема благи спрема сите луѓе“.

 Оној што е разумен реагира на благ начин кон оние што имаат поинакво мислење од неговото, и така придонесува за меѓусебна почит.

 Матеј 7:12: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“.

 Сите ние цениме кога другите постапуваат со почит со нас и покажуваат дека им се важни нашите гледишта и чувства. За да дознаеш нешто повеќе за тоа како може да го применуваш ова познато правило на однесување за кое поучувал Исус, види ја статијата „Шта је златно правило?

 Исус Навин 24:15: „Изберете си денес кому ќе му служите“.

 Сите луѓе имаат право да носат свои одлуки. Кога го почитуваме тоа право, придонесуваме да има мир.

 Дела 10:34: „Бог не е пристрасен“.

 Бог никого не дискриминира. Културата, полот, националноста, расата или потеклото на некој не влијаат врз тоа како Бог ќе постапува со него. Оние кои сакаат да го следат примерот на Бог покажуваат почит кон сите.

 Авакум 1:12, 13: „Боже мој... ти не можеш да гледаш неволја“.

 Божјата толеранција има граници. Тој нема да дозволи луѓето да прават зло засекогаш. За да дознаеш нешто повеќе за ова, гледај го видеоклипот Зошто Бог ги дозволува страдањата?

 Римјаните 12:19: „Дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ’Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“. a

 Јехова Бог никому не му дал право да се одмаздува. Тој ќе се погрижи секој да добие правда кога тој смета дека е вистинското време за тоа. За да дознаеш нешто повеќе во врска со ова, прочитај ја статијата „Вистинска правда под Божјата влада“.

a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата „Кој е Јехова?