ЏЕЈ КЕМБЕЛ | ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Јехова ме подигна од земјата и ми даде достоинство
Како мала, бев многу срамежлива. Воглавно седев дома и се криев од луѓето, и честопати се чувствував безвредно. Ретко комуницирав со други луѓе и се плашев дека луѓето нема да се однесуваат со мене со достоинство и со почит. Да ви раскажам нешто повеќе за мене.
Родена сум во Фритаун (Сиера Леоне) како здраво бебе. Но во август 1967 год., кога сум имала 18 месеци, сум кренала висока температура. Следното утро, кога сум се разбудила, не сум можела да застанам на нозе. Ме однеле во болница каде што ми било дијагностицирано дека имам детска парализа — вирусна инфекција која воглавно ги напаѓа децата до пет години. Физикалната терапија не ми помогнала. Со текот на времето, моите нозе толку атрофирале што не сум можела ниту да стојам ниту да одам. Поради мојот инвалидитет, мојот татко честопати ми велеше дека сум „пола дете“. Бидејќи можев само да ползам и се борев со чувства на безвредност, се чувствував многу бедно.
Пораснав ползејќи по земјата
Пораснав со мајка ми. Дворот го делевме со неколку крајно сиромашни семејства. Иако луѓето ме сакаа, јас копнеев по татковска љубов која не ја добивав. Некои мислеа дека мојата болест не е нормална болест, туку дека е предизвикана од црни магии. Други ѝ велеле на мајка ми да ме остави пред вратата на некој дом за деца со инвалидитет за повеќе да не ѝ бидам на товар. Мајка ми не сакала да го направи тоа и даваше сѐ од себе за добро да се грижи за мене.
Бидејќи не можев да стојам, ниту пак да одам, морав да ползам. Поради тоа што се влечев по земјата и по други површини, на телото имав гребнатини и рани. За да се заштитам, носев дебела облека, а на рацете ставав папучи кои ми служеа како ракавици. Подоцна, носев дрвени подлоги за подобро да си ги заштитам рацете. Се движев така што ќе ги испружев двете раце и ќе се потпрев на дрвените подлоги за тежината да се префрли на рацете и на рамениците. А потоа ќе го свиткав грбот и со сета сила ќе се повлечев нанапред. Сето ова многу ми ги оптоваруваше рацете и рамениците, и затоа секој таков „чекор“ ми беше многу напорен. Поради тоа, ретко излегував од дома. Не можев да одам на училиште, ниту пак да си играм со другите деца. Се прашував што ќе биде со мене ако еден ден ѝ се случи нешто на мајка ми.
Го молев Бог да ми помогне и да не дозволи да просам за леб. Си размислував дека, ако му се приближам и ако му служам на исправен начин, Бог ќе се грижи за моите потреби. Затоа, еден ден во 1981 год., иако ми беше многу напорно, отидов во црквата која се наоѓаше на улицата каде што живеев. Ми беше многу непријатно поради начинот на кој луѓето ме гледаа. Пасторот не ми изрази добредојде и ја прекори мајка ми затоа што седнав на една клупа за која имаа платено други луѓе. Одлучив никогаш повеќе да не одам таму.
Како го запознав мојот небесен Татко
Деновите ги поминував така што седев на спратот покрај прозорецот за да гледам што се случува надвор. Но, едно утро во 1984 год., кога имав 18 години, одлучив да слезам долу во дворот каде што обично немаше никој. Таму сретнав двајца мажи кои проповедаа од куќа до куќа. Тие ми кажаа за една прекрасна иднина во која ќе бидам потполно здрава. Ми ги прочитаа стиховите од Исаија 33:24 и Откровение 21:3, 4. Потоа ми ја дадоа брошурата Радувај се засекогаш на животот на Земјата!, во која имаше живописни слики, и ми ветија дека повторно ќе дојдат за да разговараме за Библијата.
Кога ме посетија по вторпат, ми кажаа дека наредниот пат ќе дојдат со Полин, една мисионерка која неодамна се имаше преселено во Сиера Леоне, за да го продолжиме нашиот разговор. Тие си стоеја на зборот, и потоа јас и Полин толку многу се зближивме што станавме како мајка и ќерка. На мајка ми не ѝ пречеше тоа што ја проучував Библијата со Полин. Напротив, дури и ме поттикнуваше на тоа. Полин беше самопожртвувана, полна со љубов, стрплива, љубезна и секогаш се грижеше за мене. Таа ме научи да читам. Со помош на публикацијата Мојата книга со библиски приказни, Полин постепено ми помагаше да го запознаам Таткото кој е полн со љубов и по кој толку многу копнеев.
Она што го научив од Библијата ме исполни со радост. Еден ден, ја прашав Полин дали може да присуствувам на состанокот што го одржуваа Јеховините сведоци, познат како Собраниско проучување на книга a, кој се одржуваше во домот на еден од Сведоците во близина каде што живеев. Полин рече дека може. Следниот вторник, таа дојде и ме почека да се избањам и да се облечам за да може потоа заедно да одиме на состанокот. Некој ми рече дека треба да ѝ кажам на Полин да ми плати такси, но јас реков: „Ќе пешачам дотаму со моите дрвени подлоги“.
Кога тргнавме, мајка ми и соседите ме гледаа загрижено. Додека одевме низ дворот, некои од соседите ѝ довикнаа на Полин: „Зошто ја тераш со сила?“
Полин љубезно ме праша: „Џеј, сакаш ли да дојдеш?“ Тоа беше можност да покажам дека имам доверба во Јехова (Изреки 3:5, 6). Јас ѝ одговорив: „Да! Ова е моја одлука“. Додека ме гледаа како се приближувам кон портата, соседите замолкнаа и си го сменија мислењето. Кога излегов од дворот, почнаа да ми аплаудираат.
Додека бев на состанокот, се чувствував многу убаво. Навистина се охрабрив! Сите ми изразија добредојде и никој не ме гледаше со потценување. Се чувствував пријатно и затоа оттогаш редовно присуствував. Кратко потоа, прашав дали може да присуствувам и на поголемите состаноци што се одржуваа во Салата за состаноци на Јеховините сведоци. Бидејќи бев сиромашна, имав само два фустана и еден пар папучи. И покрај тоа, бев уверена дека Божјиот народ нема да ме отфрли. И навистина беше така.
За да стигнам до Салата за состаноци, требаше да „пешачам“ до крајот на улицата, а потоа да земам такси кое ќе ме одвезеше до подножјето на ридот каде што се наоѓаше Салата за состаноци. Потоа браќата ќе ме земеа од таксито и на раце ќе ме однесеа до салата.
Бидејќи почувствував колку е добар Јехова, сакав тој да ми биде прибежиште. Затоа одлучив редовно да присуствувам на состаноците (Псалм 34:8). За време на дождовната сезона, во салата честопати пристигнував мокра и со кал. Затоа, таму морав да се пресоблекувам. Но вредеше сиот труд!
Во Годишникот на Јеховините сведоци за 1985 година, накратко беше спомнато за мојата ситуација. Откако прочитала за мене во Годишникот, Жозет, една сестра од Швајцарија, била поттикната да ми испрати инвалидска количка на три тркала на рачен погон, со убави браници и задни светла во боја. Благодарение на тоа, можев да се движам со поголемо достоинство. Децата ме гледаа со воодушевување и ми кажуваа колку многу им се допаѓа што ме гледаат како се возам во мојата модерна количка. Повеќе не морав да ползам по земјата и поради тоа да се чувствувам безначајно. Сега се чувствував како царица — почитувана и ценета.
Живот со многу благослови
Не ми беше тешко да напредувам во духовен поглед бидејќи веќе водев едноставен и морално чист живот. Инвалидската количка ми овозможи да одам во служба, и така на 9 август 1986 год. се крстив. По моето крштавање, мојот живот потполно се промени. Конечно чувствував радост и задоволство, и стекнав самопочит и самодоверба бидејќи сега имав Татко кој ме сака и бев опкружена со луѓе кои искрено се грижат за мене.
Бидејќи барав начин како да му возвратам на Јехова, размислував да започнам со општа пионерска служба, но не бев сигурна дали ќе успеам (Псалм 116:12). Се молев во врска со тоа и решив да се обидам. На 1 јануари 1988 год. започнав со тој вид служба и оттогаш никогаш не престанав. Пионерската служба ми донесе многу благослови! Имам прекрасни браќа и сестри кои ми помагаат да ја исполнам месечната квота часови. Можев да почувствувам како Јехова ме поддржува со својот свет дух (Псалм 89:21).
Бидејќи како пионер се движев повеќе, почнав да чувствувам некакво подобрување иако моите нозе и понатаму беа слаби. По некое време, отидов во една новоотворена клиника со надеж дека ќе ми дадат физикална терапија и дека ќе ми предложат некои вежби. Но, една медицинска сестра ми рече дека не мора да се мачам да доаѓам бидејќи и онака наскоро ќе умрам. Кога и нејзината колешка ми го кажа истото, многу се обесхрабрив. Затоа, кога се вратив дома, го молев Јехова да ми помогне да се изборам со разочарувањето и да најдам некој вид терапија што ќе ми помогне.
Службата на проповедање се покажа како најдобра терапија за мене бидејќи така повеќе се движев. Неколку години подоцна, една од медицинските сестри, која ми кажа дека наскоро ќе умрам, ме виде додека минуваше покрај Салата за состаноци. Беше изненадена што сѐ уште сум жива.
И покрај мојата здравствена состојба, се трудам да останам зафатена во службата за Јехова. Браќата често ме пофалуваат за мојата ревност и за тоа што порано доаѓам на состаноците. Секогаш го правам тоа бидејќи така имам време да се поздравам со браќата и сестрите и можам да им покажам дека се грижам за нив.
Ја почувствував Јеховината добрина и доживеав многу благослови во мојот живот. Многу сум среќна што имав можност да им помогнам на три личности да се крстат. Една од нив, Амелија, присуствуваше на 137-от клас на Школата Гилеад. Неколкупати присуствував на Школата за пионери, што е еден прекрасен подарок од Јехова. Бог ми помогна да бидам посреќна, да имам самопочит и самодоверба. Сега луѓето ме почитуваат и повеќе не се срамам од себеси. Имам добри пријатели не само во Фритаун, градот каде што живеам, туку и низ целата држава и низ целиот свет.
Поминаа речиси 40 години откако дознав за Божјето ветување за еден нов свет во кој повеќе нема да има болести. Тоа ветување продолжува да ме храбри и едвај чекам да се исполни. И понатаму стрпливо чекам да дојде тоа време бидејќи знам дека мојот Бог, Јехова, нема да задоцни (Михеј 7:7). Иако имам многу проблеми и предизвици, никогаш не престанав да му служам на Јехова, и поради тоа тој богато ме благословува. Јехова секогаш ми помагаше во вистинското време. Сега сум вистински среќна и на лицето постојано имам насмевка бидејќи Јехова ме подигна од земјата по која ползев и ми подари живот кој никогаш не ни замислував дека ќе го имам.
a Сега се нарекува Собраниско проучување на Библијата.