Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 1

Задоволувачки живот — само фантазија?

Задоволувачки живот — само фантазија?

ВО НЕКОЈА од развиените земји, една куќа која е опремена најлуксузно што може да биде, можеби остава впечаток на удобност и благосостојба. Меѓутоа, кога ќе го пречекориш куќниот праг, на што би можел да наидеш? На непријатна, невесела атмосфера. Децата кои се на тинејџерска возраст мрзоволно им одговараат на своите родители со „да“ или „не“. Мајката копнее по вниманието на својот сопруг. А таткото едноставно сака да го остават на мир. Остарените родители на оваа брачна двојка, кои живеат сами на друго место, копнеат да бидат заедно со своето семејство, кое не го виделе со месеци. Но, од друга страна, некои семејства кои се соочуваат со слични притисоци, успеале да ги решат проблемите и навистина се среќни. Дали се прашуваш зошто?

2 Размисли за едно семејство во една од земјите во развој, можеби во некој сосема друг крај на светот. Сите седум членови на семејството живеат во една колиба која само што не се срушила. Не се сигурни кога ќе успеат да набават храна за следниот оброк — жалосно потсетување дека човекот не може да го спаси светот од глад и сиромаштија. Сепак, на Земјината топка има многу семејства кои се соочуваат со сиромаштијата со радосен дух. Зошто?

3 Дури и во богатите земји можат да се појават финансиски проблеми. Едно семејство од Јапонија ја купило својата куќа на врвот на економскиот „бум“. Уверени дека во иднина ќе добијат покачување на платите, тие зеле високи кредити. Меѓутоа, кога „бумот“ поминал, повеќе не можеле да ги исплаќаат ратите и морале да ја продадат куќата за многу пониска цена од онаа за која ја купиле. Иако повеќе не живее во таа куќа, семејството сѐ уште го исплаќа долгот за неа. За да биде товарот уште потежок, тие се мачат да ги платат сметките што ги направиле заради немудрото користење на кредитните картички. Таткото се обложува на коњи, а семејството тоне сѐ подлабоко во долгови. Меѓутоа, многу семејства направиле преиначувања кои ги усреќиле. Сакаш ли да дознаеш како?

4 Без оглед на тоа каде живееш, меѓучовечките односи можат да бидат извор на постојан немир заради кој животот воопшто не е задоволувачки. Можеби си мета на озборување на работното место. Можеби твоите успеси предизвикуваат љубомора кај другите и затоа си жртва на неправедни критики. Можеби некој со кого мораш да работиш секој ден те нервира со својот тежок карактер. Можеби твоето дете го малтретираат, го вознемируваат или го игнорираат на училиште. Ако си самохран родител, добро ти е познато дека ова уште повеќе ти го отежнува животот кога станува збор за твоите односи со другите. Сите овие проблеми во денешно време предизвикуваат уште поголем стрес во животот на многу мажи и жени.

5 Последиците од стресот можат незабележливо да се насобираат извесно време сѐ додека не дојде до критична точка, и тоа без никакво предупредување. Затоа, стресот е наречен безгласен убиец, а хроничниот стрес — бавен отров. „Денес, стресот и болестите до кои доведува тој ги погодуваат вработените луѓе речиси во сите делови од светот“, вели професор Роберт Л. Венинга, од универзитетот во Минесота. Се вели дека болестите кои се поврзани со стресот ја чинат економијата на САД 200 милијарди долари годишно. Стресот е наречен дури и најнов американски извоз, а изрази поврзани со зборот „стрес“ можат да се чујат на многу светски јазици. Кога си под стрес и не успеваш да го завршиш она што си го планирал, кај тебе може да се јават чувства на вина. Една неодамнешна анкета известува дека просечниот човек се оддава на чувства на вина по два часа секој ден. Сепак, некои успеале да се справат со стресот и да имаат успешен живот.

6 Како можеш да се справиш со секојдневните проблеми и да имаш задоволувачки живот? Некои бараат совети во книги за самопомош и во прирачници од специјалисти. Дали можеме да се потпреме на тие книги? Д-р Бенџамин Спок, чија книга за воспитување на децата е преведена на 42 јазика и има тираж од речиси 50 милиони примероци, во една прилика рекол дека „неспособноста да се биде цврст е . . . највообичаениот проблем на родителите во Америка денес“. Потоа рекол дека за тоа многу се виновни стручњаците, вклучувајќи се и себеси. „Сѐ додека не стана предоцна“, признал тој, „не сфативме дека нашиот став ‚јас знам сѐ‘ ја поткопува самодовербата на родителите.“ Затоа, со право можеме да се запрашаме: ‚Чиј совет можеме безбедно да го следиме за да имаме задоволувачки живот денес и во иднина?‘