Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 4

Чувства на вина — „исчисти ме од мојот грев“

Чувства на вина — „исчисти ме од мојот грев“

„Мојата нова работа му овозможи на моето семејство повисок животен стандард, но и ме доведе во ситуација да правам работи што Јехова не ги одобрува. Почнав да славам празници, да се мешам во политика, па дури и да одам во црква. Цели 40 години бев неактивна како Јеховин сведок. Колку повеќе време минуваше толку поуверена станував дека Јехова нема да ми прости. Ниту јас самата не можев да си простам бидејќи знаев дека свесно постапувам погрешно“ (Марта).

ЧУВСТВАТА НА ВИНА може да бидат голем товар кој силно нѐ притиска. Цар Давид напишал: „Моите престапи ми се прелија преку глава, како тежок товар, претешки се за мене“ (Псалм 38:4). Некои христијани се скршени од преголема тага бидејќи се убедени дека Јехова нема никогаш да им прости (2. Коринќаните 2:7). Дали ваквото размислување е исправно? Дури и да си направил сериозни гревови, дали толку си се оддалечил од Јехова што тој нема никогаш да ти прости? Не, ти можеш да се вратиш кај него.

„Дојдете да расчистиме и јас ќе ви помогнам да се помирите со мене“

Јехова не ги отфрла оние што вистински се каат за своите гревови. Всушност, тој ги бара за да им помогне да се вратат кај него. Во споредбата за расипничкиот син, Исус го споредил Јехова со еден добар татко чиј син го напуштил семејството и почнал да води развратен живот. Но, по некое време синот решил да се врати дома. Во Библијата пишува: „Додека [синот] уште беше далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па потрча, му падна околу вратот и го избакна“ (Лука 15:11-20). Дали и ти сакаш да му се приближиш на Јехова, но чувствуваш дека си далеку од него? Исто како таткото од споредбата на Исус, Јехова многу те сака и копнее да му се вратиш.

Но, што ако мислиш дека си направил премногу гревови или дека тие се претешки за Јехова да ти ги прости? Те молиме размисли за поканата запишана во Исаија 1:18: „,Дојдете да расчистиме и јас ќе ви помогнам да се помирите со мене‘, вели Јехова. ‚Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег‘“. Јехова може да ги прости дури и гревовите кои изгледаат како неизбришлива црвена дамка на бело платно.

Јехова не сака постојано да се измачуваш со чувства на вина. Тогаш, што треба да направиш за Бог да ти прости и да имаш чиста совест? Да разгледаме две работи што ги направил цар Давид. Прво, тој рекол: „Ќе му ги признаам на Јехова своите престапи“ (Псалм 32:5). Сети се дека Јехова веќе те покани да му се обратиш во молитва и ‚да се помириш со него‘. Прифати ја оваа покана. Признај ги своите гревови пред Јехова и кажи му како се чувствуваш. Бидејќи бил уверен дека Јехова нема да го отфрли, Давид се молел: „Исчисти ме од мојот грев... Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“ (Псалм 51:2, 17).

Второ, Давид ја прифатил помошта што Бог му ја дал преку својот пророк Натан (2. Самоилова 12:13). Денес, Јехова поставил старешини во собранијата кои им помагаат на оние што се каат за своите гревови повторно да се зближат со него. Ако отидеш кај старешините, тие ќе ја користат Библијата и ќе се молат со тебе за да ти помогнат повторно да имаш внатрешен мир, да се избориш со негативните чувства и духовно да закрепнеш (Јаков 5:14-16).

Јехова сака да имаш чиста совест

„Среќен е оној кому престапот му е простен“

Можеби си мислиш дека една од најтешките работи која треба да ја направиш е да ги признаеш твоите гревови пред Јехова и да зборуваш со старешините. И Давид имал слични чувства. Тој некое време „молчел“ за своите гревови (Псалм 32:3). Но, на крајот, сепак ги признал и се сменил. Давид сфатил колку добра била таа одлука затоа што му донела големо олеснување. Во која смисла?

Па, Давид повторно бил радосен. Тој напишал: „Среќен е оној кому престапот му е простен, кому гревот му е покриен“ (Псалм 32:1). Исто така, се молел: „Јехова, отвори ги моиве усни, и мојата уста ќе ја објавува твојата слава“ (Псалм 51:15). Давид се ослободил од чувствата на вина и бил исполнет со благодарност поради тоа што Бог му простил. Ова го поттикнало да им кажува на другите за Јехова.

Јехова сака да се ослободиш од чувствата на вина и да имаш чиста совест. Освен тоа, сака со радосно срце да им кажуваш на другите за него и за неговата намера (Псалм 65:1-4). Не заборавај дека тој сака да ти „бидат избришани гревовите, за да дојдат времиња на закрепнување“ (Дела 3:19).

Тоа се случило и со Марта. Таа раскажува: „Син ми редовно ми ги испраќаше списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Малку по малку, повторно се зближив со Јехова. Најтешко ми беше да побарам простување за гревовите што ги направив. Сепак, му се обратив на Бог во молитва и побарав да ми прости. Не ми се верува дека бев неактивна цели 40 години. Јас сум жив доказ дека, дури и по многу години, некој повторно може да почне да му служи на Јехова и да биде близок со него“.