Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 45

Што е Божјето Царство? Како да покажеме дека сакаме да дојде

Што е Божјето Царство? Како да покажеме дека сакаме да дојде

ЈА ЗНАЕШ ЛИ молитвата што им ја кажал Исус на своите ученици за да ги научи да се молат?— Ако не ја знаеш, можеме да ја прочитаме заедно од Библијата во Матеј 6:9—13. Во молитвата, која многу луѓе ја нарекуваат Оченаш, стојат зборовите: „Нека дојде царството твое“. Знаеш ли што е Божјето Царство?—

Па, цар е владетелот на една земја или на една област. А неговата влада се вика царство. Во некои земји главниот на владата е наречен претседател. Како е наречен Владетелот на Божјата влада?— Цар. Затоа Божјата влада се вика Царство.

Дали знаеш кого Јехова Бог го избрал да биде Цар на Неговата влада?— Неговиот Син, Исус Христос. Зошто тој е подобар од кој и да било владетел што може да го изберат луѓето?— Бидејќи Исус навистина го сака својот Татко, Јехова. Затоа тој секогаш го прави она што е исправно.

Долго пред Исус да се роди во Витлеем, Библијата кажала за неговото раѓање и рекла дека тој ќе стане Владетелот што Бог го избрал. Ајде да прочитаме за тоа во Исаија 9:6, 7. Таму стои: „Ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде . . . Кнез на Мирот. Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот“ (Курзив од нас).

Овде, Исус како Владетел на Божјето Царство е наречен „кнез“. Тој, исто така, е синот на Големиот Цар, Јехова. Но, Јехова го поставил Исус и за Цар на Неговата влада, која ќе владее со земјата илјада години (Откровение 20:6). Откако се крстил, Исус почнал да „проповеда и да вели: ‚Покајте се, зашто се приближи небесното царство‘ “ (Матеј 4:17).

Што мислиш, зошто Исус рекол дека Царството се приближило?— Затоа што Царот, кој подоцна требало да владее на небото, бил таму, со нив! Затоа Исус им рекол на луѓето: „Божјето царство е во вашата средина“ (Лука 17:21). Зарем ти не би сакал Јеховиниот Цар да биде толку близу до тебе што би можел дури и да го допреш?—

Сега, кажи ми, која важна работа дошол да ја изврши Исус на земјата?— Исус одговорил на тоа прашање, велејќи: „И на другите градови морам да им ја објавувам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Исус знаел дека не може да го изврши целото проповедање сам. Па, што мислиш, што направил?—

Кое дело дошол да го изврши Исус на земјата?

Исус зел луѓе со себе и им покажал како да го вршат делото на проповедање. Првите што ги поучил биле оние 12-мина што ги избрал за апостоли (Матеј 10:5, 7). Но, дали Исус ги поучил само своите апостоли да ја вршат оваа работа? Не, Библијата вели дека Исус исто така поучил и многу други да проповедаат. Со време, тој испратил пред себе 70 други ученици во парови. И за што ги поучувале тие луѓето?— Исус рекол: „Кажувајте им: ‚Ви се приближи Божјето царство‘ “ (Лука 10:9). На тој начин луѓето дознавале за Божјата влада.

Пред многу време во Израел, за да се појават пред народот, новите цареви влегувале во градот јавајќи на прле. Токму ова го прави и Исус кога доаѓа за последен пат во Ерусалим. Да, Исус ќе биде владетел на Божјето Царство. Дали луѓето сакаат да им биде Цар?—

Па, додека тој јава, повеќето од мноштвото почнуваат да ги постилаат своите горни облеки на патот пред него. Други сечат гранчиња од дрвјата и ги ставаат на патот. Со ова покажуваат дека сакаат Исус да им биде Цар. Тие извикуваат: „Благословен нека е Оној кој доаѓа како Цар во Јеховино име!“ Но, не се сите среќни. Всушност, некои верски водачи дури и му велат на Исус: ‚Кажи им на твоите ученици да замолкнат‘ (Лука 19:28-40).

Зошто луѓето прво сакаат Исус да им биде Цар, а потоа не сакаат?

По пет дена Исус е уапсен и однесен во една палата за да излезе пред управителот Понтиј Пилат. Непријателите на Исус велат дека тој е против римската влада и оти тврди дека е цар. Затоа Пилат го прашува Исус што ќе каже за ова. Исус вели дека тој не се обидува да ја преземе власта. Му кажува на Пилат: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36).

Потоа Пилат излегува надвор и им вели на луѓето дека не наоѓа никаква кривица кај Исус. Но, сега луѓето не сакаат Исус да им биде Цар. Не сакаат тој да биде ослободен (Јован 18:37-40). Откако пак зборува со Исус, Пилат е сигурен дека тој не направил ништо лошо. Конечно, откако го изнесува Исус надвор за последен пат, Пилат вели: „Гледајте, вашиот цар!“ Но, луѓето викаат: „Тргни го! Тргни го! Прикови го!“

Пилат прашува: „Вашиот цар ли да го приковам?“ Главните свештеници одговараат: „Ние немаме никаков цар освен цезарот“. Можеш ли да си замислиш!? Тие злобни свештеници успеале да ги свртат луѓето против Исус! (Јован 19:1-16).

Денес ситуацијата е многу слична на ситуацијата во тоа време. Повеќето луѓе всушност не сакаат Исус да им биде Цар. Можеби велат дека веруваат во Бог, но не сакаат Бог или Христос да им кажуваат што да прават. Сакаат да имаат свои сопствени влади, овде на земјата.

А како е со нас? Кога учиме за Божјето Царство и за сите прекрасни работи што ќе ги направи тоа, што чувствуваме кон Бог?— Го сакаме, нели?— Тогаш, како можеме да му покажеме на Бог дека навистина го сакаме и дека сакаме неговото Царство да владее над нас?—

Зошто Исус се крстил, и како Бог покажал дека го одобрува тоа?

Можеме да му покажеме на Бог што чувствуваме ако го следиме примерот на Христос. А што направил Исус за да покаже дека го сакал Јехова?— „Јас секогаш го правам она што му е угодно“, објаснил Исус (Јован 8:29). Да, Исус дошол на земјата за да ја ‚врши Божјата волја‘ и да го ‚заврши неговото дело‘ (Евреите 10:7; Јован 4:34). Ајде да видиме што направил Исус пред да почне со своето дело на проповедање.

Исус отишол кај Јован Крстител на реката Јордан. Откако влегле во реката, Јован го спуштил Исус целиот под водата и потоа го извадил од неа. Дали знаеш зошто Јован го крстил Исус?—

Каде можеме да зборуваме со другите за Божјето Царство?

Исус побарал од Јован да го крсти. Но, од каде знаеме дека Бог сакал Исус да се крсти?— Знаеме од тоа што кога излегол од водата, Исус го чул Божјиот глас од небото како вели: „Ти си мојот Син, љубениот; јас те одобрив“. Бог дури го испратил својот свет дух во облик на гулаб да слезе врз Исус. Така, со тоа што се крстил, Исус покажал дека сака да му служи на Јехова сѐ дури е жив, да, засекогаш (Марко 1:9-11).

Сега ти сѐ уште си дете. Но, што ќе направиш кога ќе бидеш поголем?— Дали ќе бидеш како Исус и ќе се крстиш?— Треба да го правиш истото тоа што го правел тој, зашто Библијата вели дека тој ти оставил ‚пример за тесно да ги следиш неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21). Тогаш кога ќе се крстиш, ќе покажеш дека навистина сакаш да живееш под владата на Божјето Царство. Но, не е доволно некој само да се крсти.

Треба да бидеме послушни на сите работи за кои поучувал Исус. Исус рекол дека ‚не треба да бидеме дел од светот‘. Дали ќе му бидеме послушни ако се мешаме во работите на светот? Исус и неговите апостоли не се мешале во тие работи (Јован 17:14). Што правеле наместо тоа?— Тие им зборувале на другите луѓе за Божјето Царство. Тоа им било најголемата работа во животот. Можеме ли и ние да го правиме тоа?— Да, и ние ќе го правиме тоа ако навистина го мислиме она што го кажуваме кога молиме да дојде Божјето Царство.

Те молам, погледни ги и другиве стихови кои кажуваат што можеме да правиме за да покажеме дека сакаме да дојде Божјето Царство: Матеј 6:24-33; 24:14; 1. Јованово 2:15-17 и 5:3.