ДВАЕСЕТ И ОСМО ПОГЛАВЈЕ
„Сѐ до крајот на земјата“
Јеховините сведоци продолжуваат да го вршат истото дело што го почнале следбениците на Исус Христос во првиот век од нашата ера
1. Какви сличности има меѓу првите христијани и Јеховините сведоци денес?
ТИЕ ревносно сведочеле. Срцето ги поттикнувало да ја прифатат помошта и водството од светиот дух. Прогонството не успеало да ги запре. И, Божјиот благослов не изостанал. Сето ова може да се каже за првите христијани. Но, истото може да се каже и за Јеховините сведоци денес.
2, 3. Што е особено впечатливо за книгата Дела?
2 Без сомнение, извештаите од библиската книга Дела на апостолите, која е преполна со возбудливи настани, многу те охрабрија и ти ја зајакнаа верата! Таа е навистина посебна книга бидејќи го содржи единствениот вдахновен запис за историјата на првите христијани.
3 Во книгата Дела се спомнати по име 95 лица од 32 земји, 54 градови и 9 острови. Тоа е приказна која остава без здив — приказна за обични луѓе, за вообразени верски фанатици, за суетни политичари и за насилни прогонители. Но, пред сѐ, тоа е приказна за твоите браќа и сестри од првиот век, кои не само што се бореле да излезат на крај со вообичаените животни проблеми туку и давале сѐ од себе да ја проповедаат добрата вест со ревност и со жар.
4. Зошто постои посебна врска меѓу нас и лица како што биле апостол Павле, Тавита и други верни сведоци од старо време?
4 Речиси 2.000 години нѐ делат од времето кога живееле ревносните апостоли Петар и Павле, саканиот лекар Лука, дарежливиот Варнава, храбриот Стефан, добродушната Тавита, гостољубивата Лидија и многу други верни сведоци. Сепак, меѓу нив и нас постои една посебна врска. Зошто? Затоа што ја вршиме истата задача — им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос (Мат. 28:19, 20). За нас е навистина огромна чест што имаме удел во истото дело!
5. Каде почнале првите следбеници на Исус да ја извршуваат задачата што им ја дал?
5 Размисли за задачата што им ја дал Исус на своите следбеници. Тој рекол: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Значи, најпрво светиот дух им дал сила на учениците да сведочат „во Ерусалим“ (Дела 1:1 — 8:3). Потоа, под водството на духот, тие сведочеле „во цела Јудеја и Самарија“ (Дела 8:4 — 13:3). И најпосле, почнале да ја проповедаат добрата вест „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 13:4 — 28:31).
6, 7. За разлика од нашите соверници во првиот век, што сѐ имаме ние денес на располагање за службата на проповедање?
6 Твоите соверници од првиот век ја немале целата Библија за да сведочат читајќи од неа. Евангелието според Матеј било напишано околу 41 год. од н.е. Некои од посланијата на Павле биле напишани пред Лука да ја заврши книгата Дела, околу 61 год. од н.е. Но, првите христијани немале ниту личен примерок од целото Свето писмо, ниту пак имале различни публикации што можеле да им ги дадат на заинтересираните лица. Пред да станат ученици на Исус, еврејските христијани слушале кога Хебрејските списи се читале во синагогата (2. Кор. 3:14-16). Но, дури и тие морале многу да внимаваат и добро да слушаат, затоа што веројатно морале да ги цитираат стиховите напамет.
7 Денес, повеќето од нас имаат своја Библија и најразлични библиски публикации. Ние им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос со тоа што ја објавуваме добрата вест на многу јазици во 240 земји.
Помош и водство од светиот дух
8, 9. а) Што можеле да прават учениците на Исус благодарение на светиот дух? б) Што издава верниот роб со помош на светиот дух?
8 Кога им дал задача на своите ученици да сведочат, Исус им рекол: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас“. Под водство на Божјиот дух, односно силата со која се служи Бог, следбениците на Исус на крајот требало да сведочат низ целиот свет. Светиот дух им помогнал на Петар и на Павле да лекуваат болни, да истеруваат демони, па дури и да воскреснуваат мртви! Но, имало една друга, уште поважна причина зошто добиле сила од светиот дух. Со негова помош, апостолите и останатите ученици можеле да им помогнат на другите луѓе добро да ги запознаат Бог и Христос и да добијат можност да живеат вечно (Јован 17:3).
9 На Педесетница 33 год. од н.е., учениците на Исус почнале „да зборуваат на разни јазици“, како што им давал духот да зборуваат. Така можеле да им сведочат на другите за „величествените Божји дела“ (Дела 2:1-4, 11). Денес, ние не зборуваме со чудо на разни јазици. Но, со помош на Божјиот дух, верниот роб издава библиска литература на многу јазици. На пример, секој месец се печатат милиони примероци на Стражарска кула и на Разбудете се!, а на нашата интернет-страница jw.org има библиски публикации и видеоклипови на повеќе од 1.000 јазици. Сето ова ни помага да ги објавуваме „величествените Божји дела“ на луѓе од сите народи, племиња и јазици (Отк. 7:9).
10. Што се прави од 1989 год. во поглед на преведувањето на Библијата?
10 Од 1989 год., верниот роб прави посебни напори за да може Светото писмо — превод Нов свет да излезе на многу јазици. Ова издание на Библијата веќе е преведено на повеќе од 200 јазици и од него досега се испечатени десетици милиони примероци. Само Бог и неговиот дух се заслужни за успехот на таквите напори.
11. Што се прави во поглед на преведувањето на нашите публикации?
11 Преведувањето го извршуваат илјадници доброволци во преку 150 земји. Сето ова не треба да нѐ изненади бидејќи не постои друга организација на Земјата која добива водство од светиот дух за да сведочи темелно низ целиот свет за Јехова Бог, за месијанскиот Цар и за воспоставеното небесно Царство! (Дела 28:23).
12. Што им помогнало на Павле и на другите христијани да им сведочат на луѓето?
12 Кога Павле им сведочел на Евреите и на не-Евреите во писидиска Антиохија, сите кои исправно гледале на вечниот живот станале верници (Дела 13:48). На крајот од книгата Дела, Лука пишува дека Павле проповедал за „Божјето царство... со сета слобода и без никакви пречки“ (Дела 28:31). Каде сведочел овој апостол? Во самиот Рим — престолнината на една светска сила! Сеедно дали преку говори или на друг начин, првите следбеници на Исус сведочеле добивајќи помош и водство од светиот дух.
Истрајни, и покрај прогонството
13. Зошто треба да се молиме кога се соочуваме со прогонство?
13 Кога првите ученици на Исус се соочиле со прогонство, тие го молеле Јехова за смелост. Каков бил резултатот? Се исполниле со свет дух и биле зајакнати за да можат смело да ја зборуваат Божјата Реч (Дела 4:18-31). И ние се молиме за мудрост и сила за да продолжиме да сведочиме, и покрај прогонството (Јак. 1:2-8). Благодарение на тоа што Бог нѐ благословува и ни помага преку својот свет дух, и понатаму проповедаме за Царството. Ништо не може да го спречи нашето сведочење — ниту жестокото противење ниту немилосрдното прогонство. Кога сме прогонувани, навистина треба да се молиме за свет дух, за мудрост и за храброст за да продолжиме да ја објавуваме добрата вест (Лука 11:13).
14, 15. а) Што се случило како резултат на неволјата која настанала поради Стефан? б) Како многу луѓе во Сибир ја запознале вистината во нашево време?
14 Стефан смело сведочел пред да го убијат непријателите (Дела 6:5; 7:54-60). Во големото прогонство кое започнало тогаш, сите ученици, освен апостолите, се распрснале по Јудеја и Самарија. Но, тоа не ги спречило да сведочат. Филип отишол во Самарија за да „го проповеда Христос“, и тоа дало извонредни резултати! (Дела 8:1-8, 14, 15, 25). Освен тоа, читаме: „Оние што ги распрсна неволјата, која настана поради Стефан, стигнаа дури до Феникија, Кипар и Антиохија, но не ја проповедаа речта никому, освен на Евреите. Но меѓу нив беа некои луѓе од Кипар и од Киринија, кои дојдоа во Антиохија и почнаа да разговараат со луѓето што зборуваа грчки, објавувајќи ја добрата вест за Господарот Исус“ (Дела 11:19, 20). Всушност, во тоа време прогонството придонело да се рашири пораката за Царството.
15 Во нашево време, нешто слично доживеаја и браќата во поранешниот Советски Сојуз. Особено во 1950-ите, илјадници Сведоци беа протерани во Сибир. Бидејќи властите ги раселија во разни места, добрата вест без престан се ширеше на тоа огромно подрачје. Немаше шанси толку многу Сведоци да најдат пари за да патуваат, во некои случаи дури и до 10.000 километри, за да ја објават добрата вест! Сепак, самите власти ги испратија до другиот крај на земјата. Еден брат вели: „На крајот, владата им помогна на илјадници искрени лица во Сибир да ја запознаат вистината“.
Голем благослов од Јехова
16, 17. Какви докази има во книгата Дела дека Јехова го благословил делото на сведочење?
16 Нема никаков сомнеж дека Јехова ги благословувал првите христијани. Павле и другите саделе и залевале, но Бог давал да расте (1. Кор. 3:5, 6). Во книгата Дела има докази за таквиот пораст, кој бил резултат на благословот што го излеал Јехова врз делото на сведочење. На пример, во неа се вели: „Божјата реч сѐ повеќе растеше и бројот на учениците во Ерусалим многу се умножуваше“ (Дела 6:7). Како што делото на проповедање се ширело, „за собранието низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија“ настапило време на мир во кое се изградувало. Освен тоа, собранието одело „во стравот од Јехова и во утехата на светиот дух“ и постојано растело (Дела 9:31).
17 Во сириска Антиохија, и Евреите и оние што зборувале грчки ја чуле вистината од храбри сведоци. Извештајот вели: „Јеховината рака беше со нив и многу луѓе станаа верници и се преобратија кон Господарот“ (Дела 11:21). Во врска со натамошниот напредок во тој град, читаме: „Јеховината реч сѐ повеќе растеше и се ширеше“ (Дела 12:24). А кога сведочењето на Павле и на другите било во полн ек меѓу не-Евреите, Јеховината реч силно растела и преовладувала (Дела 19:20).
18, 19. а) Од каде знаеме дека „Јеховината рака“ е со нас? б) Наведи пример за тоа дека Јехова му помага на својот народ.
18 Без сомнение, и денес „Јеховината рака“ е со нас. Затоа, толку многу луѓе стануваат верници и се крштаваат во знак дека му го заветувале својот живот на Бог. Освен тоа, само со Божја помош и благослов можеме да го издржиме непопустливото противење — а понекогаш и жестокото прогонство — и успешно да продолжиме да проповедаме, исто како што било случај со Павле и со другите христијани во првиот век (Дела 14:19-21). Јехова Бог секогаш ни помага. Со своите вечни раце, тој постојано нѐ поддржува во сите наши неволји (5. Мој. 33:27). И, да не заборавиме дека, поради своето големо име, Јехова никогаш нема да го напушти својот народ (1. Сам. 12:22; Пс. 94:14).
19 Ова го потврдува и следниов пример: За време на Втората светска војна, брат Харалд Абт не престанувал да сведочи, па затоа нацистите го испратиле во концентрациониот логор Заксенхаузен. Во мај 1942 год., полицајците од Гестапо дошле во неговата куќа, ја уапсиле жена му, Елза, и ја одзеле нивната ќеркичка. Сестра Абт била преместувана од еден логор во друг. „Од годините што ги поминав во германските концентрациони логори научив една незаборавна лекција“, вели таа. „Сфатив колку многу може да те зајакне Јеховиниот дух кога минуваш низ тешки испити. Пред да ме уапсат, го прочитав писмото од една сестра, во кое пишуваше дека во тешки искушенија Јеховиниот дух ни дава мир. Си помислив дека малку претерува. Но, кога и самата се соочив со испити, сфатив дека она што го напишала е точно. Навистина е така. Тешко е да си го замислиш тоа ако не си доживеал такво нешто. Сепак, јас го почувствував на своја кожа.“
Продолжи темелно да сведочиш!
20. Што правел Павле додека бил во куќен притвор, и како може ова да охрабри некои од нашите браќа и сестри?
20 На крајот од книгата Дела, Лука пишува дека Павле ревносно го проповедал Божјето Царство (Дела 28:31). Бидејќи бил во куќен притвор, не можел слободно да сведочи од куќа до куќа во Рим. Сепак, продолжил да им сведочи на сите што доаѓале кај него. Денес, некои наши драги браќа и сестри не можат да излегуваат од дома, можеби затоа што се врзани за кревет, или пак се сместени во домови за стари или хендикепирани лица поради поодмината старост, болест или немоќ. Но, во нив и понатаму пламти силна љубов кон Јехова, и тие горат од желба да сведочат. Се молиме за овие браќа и сестри и можеме да бараме од нашиот небесен Татко да им помогне да сретнат луѓе кои копнеат да дознаат нешто за него и за неговата прекрасна намера.
21. Зошто треба да проповедаме со чувство на итност?
21 Повеќето од нас можат да проповедаат од куќа до куќа и да учествуваат во други гранки од делото на поучување. Затоа, да даваме сѐ од себе за да ја исполниме својата задача како објавители на Царството и, заедно со другите, да сведочиме „сѐ до крајот на земјата“. Мора да сфатиме дека токму сега е време да проповедаме, бидејќи „знакот“ на Христовата присутност се исполнува пред наши очи (Мат. 24:3-14). Нема време за губење! Ова е навистина добра причина да бидеме „зафатени во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58).
22. На што треба да бидеме решени додека го чекаме Јеховиниот ден?
22 Додека очекуваме „да дојде големиот и страшен Јеховин ден“, да бидеме цврсто решени и понатаму смело и верно да сведочиме (Јоил 2:31). Сѐ уште можеме да најдеме голем број луѓе како Веријците, кои многу горливо ја примиле речта (Дела 17:10, 11). Затоа, да сведочиме сѐ додека — така да се каже — не ги слушнеме зборовите: „Одлично, добар и верен робу!“ (Мат. 25:23). Ако уште денес ревносно им помагаме на луѓето да станат Христови ученици и ако секогаш сме му верни на Јехова, сигурно ќе се радуваме во сета вечност што сме ја имале таа огромна чест да сведочиме темелно за Божјето Царство!