Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА 7

Како да ги воспитувате децата

Како да ги воспитувате децата

„Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца“ (5. Мојсеева 6:6, 7)

Кога Јехова го основал семејството, на родителите им дал задача да се грижат за своите деца (Колошаните 3:20). Како родител, ти си должен да го поучиш твоето дете да го засака Јехова и да му помогнеш да стане зрела и одговорна личност (2. Тимотеј 1:5; 3:15). Освен тоа, мора да дознаеш што се крие во срцето на твојот син или ќерка. Се разбира, многу е важно и каков пример гледаат во тебе. Ако Божјата Реч е во твоето срце, ќе можеш добро да ги поучиш за неа и твоите деца (Псалм 40:8).

1. ОЛЕСНИ ИМ НА ТВОИТЕ ДЕЦА ДА РАЗГОВАРААТ СО ТЕБЕ

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: ‚Биди брз на слушање, а бавен на зборување‘ (Јаков 1:19). Твоите деца треба да се чувствуваат слободни да ти се обратат. Треба да знаат дека секогаш ќе бидеш спремен да ги сослушаш ако имаат потреба да разговараат со тебе. Потруди се да има пријатна атмосфера за да можат полесно да се искажат (Јаков 3:18). Ако мислат дека ќе бидеш строг или дека веднаш ќе ги осудиш, веројатно нема целосно да ти се отворат. Биди стрплив со нив и често покажувај им дека ги сакаш (Матеј 3:17; 1. Коринќаните 8:1).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Биди им на располагање на децата кога сакаат да зборуваат со тебе.

  • Разговарај со твоите деца често, а не само кога ќе се појават проблеми.

2. ОБИДИ СЕ ДА РАЗБЕРЕШ ШТО САКААТ ДА КАЖАТ

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Кој ги согледува работите разборито, наоѓа добро“ (Изреки 16:20). Понекогаш ќе треба да читаш меѓу редови за да сфатиш што сакаат да кажат твоите деца. За младите е својствено да ги преувеличуваат работите или да кажат нешто што не го мислат. „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (Изреки 18:13). Немој брзо да се лутиш (Изреки 19:11).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Што и да кажат твоите деца, биди решен да не ги прекинуваш и да не избувнеш.

  • Пробај да се сетиш како се чувствуваше ти и што ти беше важно тебе кога беше на нивни години.

3. БИДЕТЕ СЛОЖНИ ПРЕД ДЕЦАТА

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Слушај ја, сине мој, поуката на татко ти и не оставај ги упатствата на мајка ти“ (Изреки 1:8). Значи, Јехова им дал на двајцата родители авторитет над децата. Треба да ги научите вашите деца да ве почитуваат и да ве слушаат (Ефешаните 6:1-3). Децата можат лесно да забележат ако нивните родители не се „потполно обединети со ист ум“ (1. Коринќаните 1:10). Ако не се согласуваш со твојот брачен другар, немој да го покажуваш тоа пред децата затоа што така може да се намали нивната почит кон вас како родители.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Разговарајте и договорете се како ќе ги воспитувате вашите деца.

  • Ако во однос на воспитувањето на децата имаш поинаков став од твојот сопружник, пробај да сфатиш како гледа тој на работите.

4. ИМАЈТЕ ДОБАР ПЛАН

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди“ (Изреки 22:6). Вашите деца нема да се воспитаат сами од себе. Мора добро да испланирате како ќе ги воспитувате, вклучувајќи го и тоа како ќе ги дисциплинирате (Псалм 127:4; Изреки 29:17). Да ги дисциплинирате децата не значи само да ги казните, туку да им помогнете да разберат од кои причини постојат одредени правила (Изреки 28:7). Исто така, поучете ги да ја сакаат Божјата Реч и да ги согледаат начелата што ги содржи таа (Псалм 1:2). Тоа ќе им помогне нивната совест во иднина исправно да реагира (Евреите 5:14).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Помогни им на твоите деца Бог да им стане реална личност, некој во кого ќе можат да имаат доверба.

  • Научи ги како да се заштитат од сѐ што може да ги расипе во морален поглед, како што се опасностите кои се кријат на Интернет и на социјалните мрежи. Поучи ги како да се заштитат од сексуални напасници.

„Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди“