Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ВОДЕЊЕ БИБЛИСКИ КУРСЕВИ

ЛЕКЦИЈА 11

Едноставност

Едноставност

Начело: „Ако со јазикот не зборувате разбирливи зборови, како ќе се разбере што зборувате“ (1. Кор. 14:9)

Што направил Исус?

1. Гледај го ВИДЕОКЛИПОТ или прочитај Матеј 6:25-27. Потоа размисли за следниве прашања:

  1.   а) Каква споредба употребил Исус за да покаже дека Јехова се грижи за нас?

  2.  б) Иако знаел многу факти за птиците, на кој едноставен детаљ се концентрирал Исус? Зошто тоа било добар начин на поучување?

Што учиме од Исус?

2. Кога поучуваме на едноставен начин, луѓето ќе го запомнат она што го учат и тоа ќе допре до нивното срце.

Следи го примерот на Исус

3. Немој премногу да зборуваш. Наместо да кажеш сѐ што знаеш за одредена тема, концентрирај се на материјалот во публикацијата која ја проучувате. Откако ќе поставиш прашање, стрпливо чекај интересентот да одговори. Доколку не го знае одговорот на прашањето или каже нешто што не е во склад со библиските учења, постави му дополнителни прашања за да му помогнеш да дојде до исправен заклучок. Кога интересентот ќе ја разбере главната поента, продолжи понатаму.

4. Помогни му на интересентот да ги поврзе новите работи што ги учи со она што веќе го знае. На пример, пред да ја проучувате лекцијата за воскресението, накратко повторете за состојбата на мртвите за да видиш што веќе научил.

5. Внимателно избирај ги споредбите. Пред да користиш некоја споредба, прашај се:

  1.   а) „Дали споредбата е едноставна?“

  2.  б) „Дали интересентот лесно ќе ја разбере?“

  3.  в) „Дали таа ќе му помогне да ја запомни поуката или ќе ја запомни само споредбата?“