ЛЕКЦИЈА 10
Како може да ти користат состаноците на Јеховините сведоци?
Дали си бил на некој состанок на Јеховините сведоци? Можеби сакаш да одиш, но чувствуваш трема бидејќи не знаеш како изгледаат тие состаноци. Можеби се прашуваш: „Што точно се прави на тие состаноци? Зошто се тие важни? Зошто треба да присуствувам на нив?“ Во оваа лекција ќе дознаеш како состаноците на Јеховините сведоци можат да ти користат тебе лично и како можат да ти помогнат да се зближиш со Бог.
1. Која е најважната причина зошто одржуваме состаноци?
Еден библиски писател рекол: „Ќе те фалам [Јехова] среде насобраното мноштво“ (Псалм 22:22). Токму ова е главната причина зошто Јеховините сведоци одржуваат состаноци. Низ целиот свет, Јеховините сведоци се состануваат секоја седмица за да го слават Бог, да пеат фалбени песни и да се молат, и тоа им причинува огромна радост. Освен тоа, неколку пати годишно тие одржуваат и поголеми собири.
2. Што ќе научиш на нашите состаноци?
На нашите состаноци се поучуваме од Божјата Реч, Библијата. Тоа го правиме по примерот на Божјите слуги од минатото, кои се собирале за да го читаат Божјиот закон и да го разјаснуваат прочитаното. (Прочитај Неемија 8:8.) На нашите состаноци ќе научиш многу за Јехова и за неговите прекрасни особини. Ќе дознаеш колку многу тој те сака, и тоа ќе те поттикне да стануваш сѐ поблизок со него. Исто така, ќе дознаеш како можеш да имаш среќен и исполнет живот (Исаија 48:17, 18).
3. Како ќе ти користи тоа што на состаноците ќе се запознаеш со други луѓе?
Јехова нѐ поттикнува „да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци“ (Евреите 10:24, 25). На нашите состаноци ќе запознаеш луѓе кои вистински се сакаат еден со друг и, исто како тебе, сакаат да учат повеќе за Бог. Од нив ќе чуеш библиски мисли кои сигурно ќе те охрабрат. (Прочитај Римјаните 1:11, 12.) Исто така, ќе имаш прилика да разговараш со различни луѓе од кои ќе чуеш како Библијата им помогнала успешно да се справат со животните проблеми. Ова се само некои причини зошто Јехова сака редовно да одиме на состаноците!
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Во овој дел ќе дознаеш како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци, и зошто вреди да вложиме труд да присуствуваме на нив.
4. Состаноците на Јеховините сведоци
Во првиот век, христијаните редовно се состанувале за да го обожаваат Јехова (Римјаните 16:3-5). Прочитај Колошаните 3:16, а потоа разговарајте за ова прашање:
-
Како изгледале состаноците на првите христијани?
И денес, Јеховините сведоци редовно се собираат во своите сали за состаноци за да го слават Јехова. Ако сакаш да дознаеш како изгледаат нивните состаноци, пушти го ВИДЕОКЛИПОТ. Потоа, разгледајте ја сликата на која е прикажан еден наш состанок и разговарајте за следниве прашања:
-
Какви сличности забележуваш помеѓу состаноците на Јеховините сведоци и она што е запишано во Колошаните 3:16?
-
Дали во видеоклипот или на сликата забележа нешто друго што ти се допаѓа?
Прочитај 2. Коринќаните 9:7, а потоа разговарајте за ова прашање:
-
Зошто состаноците на Јеховините сведоци се бесплатни?
Заедно со оној со кој ја проучуваш Библијата видете за што ќе се зборува на некој од наредните состаноци.
-
Кој дел од состанокот мислиш дека ќе биде најкорисен и најинтересен за тебе?
Дали си знаел?
На jw.org можеш да дознаеш каде и кога се одржуваат нашите состаноци во кој и да било дел од светот.
-
А) На нашите состаноци има говори, прикази и видеоклипови. Секој состанок започнува и завршува со песна и молитва
-
Б) Во некои делови од програмата присутните може да коментираат
-
В) Секој може да присуствува — млади и стари, мажи и жени, како и семејства со деца
-
Г) На нашите состаноци влезот е бесплатен и не се изнудуваат прилози
5. Треба да вложиме труд за да присуствуваме на состаноците
Да го разгледаме примерот на семејството на Исус. Секоја година, за да присуствуваат на Пасхата, тие требало да пешачат од Назарет до Ерусалим околу 100 километри низ планински предел. Прочитај Лука 2:39-42, а потоа разговарајте за овие прашања:
-
Што мислиш, дали нивното патување до Ерусалим било лесно?
-
Кои работи може да те спречат да присуствуваш на состаноците и што би можел да направиш во врска со тоа?
-
Што мислиш, дали вреди да одиш на состаноците? Зошто?
Библијата вели дека е многу важно да одиме на состаноците за да го обожаваме Јехова заедно со другите. Прочитај Евреите 10:24, 25, а потоа разговарајте за ова прашање:
-
Зошто треба редовно да одиме на состаноците?
НЕКОИ ВЕЛАТ: „Не мора да одиш на состаноци. Можеш и сам да ја проучуваш Библијата дома“.
-
Од кој библиски пример или стих од Библијата може да дознаеме што мисли Јехова за оваа работа?
ШТО НАУЧИ:
Тоа што ќе присуствуваш на состаноците ќе ти помогне да научиш повеќе за Јехова, да си го зацврстиш пријателството со него и да го славиш заедно со другите.
Како би одговорил?
-
Зошто Јехова нѐ поттикнува да одиме на состаноците?
-
Што ќе научиш на состаноците на Јеховините сведоци?
-
Што мислиш, дали состаноците може да ти користат и на некој друг начин?
ИСТРАЖУВАЈ
Што ако ти е непријатно да дојдеш на состанок? Дознај како еден човек кој се чувствувал така, ги засакал состаноците.
Никогаш нема да заборавиме како ни изразија добредојде (4:16)
Дознај зошто му се допаднале состаноците на еден млад човек и што направил за да може редовно да присуствува на нив.
Дознај што мислат други за состаноците.
„Зошто да одам на состаноците во салата на Јеховините сведоци?“ (Статија на интернет)
Дознај како му се променил животот на еден насилен човек откако присуствувал на еден состанок на Јеховините сведоци.
„Никаде не одев без пиштол“ (Стражарска кула од 1 јули 2014)