ДЕЛ 25
Совети за верата, исправното постапување и љубовта
Јаков, Петар, Јован и Јуда пишуваат посланија за да ги охрабрат соверниците
ЈАКОВ и Јуда му биле полубраќа на Исус, а Петар и Јован биле негови апостоли. Овие четворица напишале седум посланија кои се дел од Христијанските грчки списи. Секое од нив го носи името на својот писател. Советите што се наоѓаат во тие посланија се вдахновени од Бог и нивната цел е да им помогнат на христијаните да му останат верни на Јехова и на неговото Царство.
Да се покажува вера со дела. Не е доволно само да тврдиме дека имаме вера. Вистинската вера нѐ поттикнува на дела. Јаков напишал: „Верата без дела е мртва“ (Јаков 2:26). Кога христијаните му остануваат верни на Бог во искушенија, кај нив се гради истрајност. За да успеат во тоа, треба да бараат мудрост од Бог, уверени дека тој ќе им ја даде. Бог се радува кога сме истрајни (Јаков 1:2-6, 12). Ако останеме верни и непорочни, тој ќе нѐ награди. Јаков рекол: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8).
Еден христијанин мора да има силна вера за да ги издржи искушенијата и да се спротивстави на неморалните влијанија. Затоа што живееле меѓу расипани луѓе, Јуда ги поттикнал соверниците ‚силно да се борат за својата вера‘ (Јуда 3).
Да се постапува според Божјите мерила. Јехова очекува од своите слуги да бидат свети, односно чисти во секој поглед. Петар напишал: „Бидете свети во сѐ што правите, бидејќи е напишано: ‚Бидете свети, зашто јас [Јехова] сум свет‘“ (1. Петрово 1:15, 16). Христијаните имаат пример кој треба да го следат. Петар рекол: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Иако христијаните можеби страдаат затоа што се држат за Божјите мерила, тие имаат „чиста совест“ (1. Петрово 3:16, 17). Петар ги поттикнал христијаните да живеат на таков начин што од нивното однесување и дела ќе се види дека му се оддадени на Бог додека го очекуваат неговиот ден на суд и ветениот нов свет во кој „ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:11-13).
„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8)
Да се покажува љубов. „Бог е љубов“, напишал Јован. Овој апостол нагласил дека Бог покажал голема љубов со тоа што го испратил Исус како „жртва... за нашите гревови“. Како треба ова да влијае врз христијаните? Јован објаснил: „Сакани, ако Бог така нѐ сакаше нас, тогаш и ние сме должни да се сакаме еден со друг“ (1. Јованово 4:8-11). Можеме да покажеме таква љубов со тоа што ќе им укажуваме гостопримство на нашите соверници (3. Јованово 5-8).
Меѓутоа, како можат слугите на Јехова да му покажат дека го сакаат? Јован го дал следниов одговор: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3; 2. Јованово 6). Оние што ги слушаат Божјите заповеди можат да бидат сигурни дека Бог ги сака и можат ‚да се надеваат на вечниот живот‘ (Јуда 21).
Се темели на Јаков, 1. Петрово, 2. Петрово, 1. Јованово, 2. Јованово, 3. Јованово и Јуда.