Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 118

Препирка околу тоа кој бил најголем

Препирка околу тоа кој бил најголем

МАТЕЈ 26:31-35; МАРКО 14:27-31; ЛУКА 22:24-38; ЈОВАН 13:31-38

  • ИСУС ДАЛ СОВЕТ ЗА ИСТАКНУВАЊЕТО

  • ПРОРЕКОЛ ДЕКА ПЕТАР ЌЕ СЕ ОДРЕЧЕ ОД НЕГО

  • ВИСТИНСКИТЕ УЧЕНИЦИ ЌЕ СЕ ПОЗНАВААТ ПО ЉУБОВТА

Во текот на својата последна вечер со апостолите, Исус им дал прекрасна поука за понизноста така што им ги измил нозете. Зошто било потребно тоа? Поради една слабост што ја покажале. Иако верно му служеле на Бог, сѐ уште им било важно кој бил најголем меѓу нив (Марко 9:33, 34; 10:35-37). Таа вечер, нивната слабост повторно дошла до израз.

Меѓу апостолите настанала „препирка околу тоа кој од нив би можел да биде најголем“ (Лука 22:24). Колку мора да го разжалостило Исус тоа што повторно се расправале за истата работа! Што направил?

Исус не ги искритикувал за нивниот став и однесување, туку стрпливо им објаснил: „Царевите господарат над народите, и оние што владеат над народите се нарекуваат добротвори. Но вие не бидете такви!.. Зашто, кој е поголем, оној што е на трпезата или оној што послужува?“ Потоа ги потсетил на примерот што самиот тој им го дал, велејќи им: „А јас сум во вашата средина како оној што послужува“ (Лука 22:25-27).

И покрај своите мани, апостолите останале со Исус во повеќе тешки ситуации. Затоа тој им рекол: „Јас склучувам со вас сојуз за царство, како што мојот Татко со мене склучи сојуз“ (Лука 22:29). Сојузот што Исус го склучил со своите верни ученици им овозможил да бидат во Царството и да царуваат на небото заедно со него.

Но, иако апостолите добиле таква прекрасна можност, тие сѐ уште биле телесни и несовршени луѓе. Исус им рекол: „Сатана побара да ве просее како пченица“, која се распрснува насекаде додека се сее (Лука 22:31). Освен тоа, Исус им рекол: „Сите вие оваа ноќ ќе се поколебате во верата поради она што ќе ми се случи, бидејќи е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот, и овците од стадото ќе се разбегаат‘“ (Матеј 26:31; Захарија 13:7).

Петар самоуверено рекол: „Дури и сите други да се поколебаат во верата поради она што ќе ти се случи, јас нема никогаш да се поколебам!“ (Матеј 26:33). Исус му рекол дека таа ноќ, уште пред петелот да запее двапати, тој ќе се одрече од него. Но, потоа додал: „Сесрдно се молев за тебе, твојата вера да не ослаби. А ти, штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа“ (Лука 22:32). Но, Петар упорно тврдел: „Дури и да мора да умрам со тебе, нема да се одречам од тебе!“ (Матеј 26:35). Истото го рекле и другите апостоли.

Тогаш Исус им објаснил: „Уште малку сум со вас. Ќе ме барате, но како што им реков на Евреите: ‚Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете‘, сега тоа ви го велам и вам“. Освен тоа, им рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:33-35).

Кога слушнал дека Исус ќе бил уште малку со нив, Петар прашал: „Господару, каде одиш?“ Исус му одговорил: „Таму каде што јас одам, ти не можеш да појдеш сега, но ќе појдеш подоцна“. Петар збунето му рекол: „Господару, зошто не можам да појдам по тебе сега? Својот живот ќе го дадам за тебе!“ (Јован 13:36, 37).

Тогаш Исус ги потсетил апостолите на проповедничкото патување низ Галилеја, на кое ги пратил без ќесе за пари и патна торба (Матеј 10:5, 9, 10). Потоа ги прашал: „Дали нешто ви недостасуваше?“ Тие одговориле: „Не!“ Но, што требало да прават во иднина? Исус им рекол: „Кој има ќесе за пари, нека го земе! Исто така и торба! И кој нема меч, нека ја продаде својата облека и нека си купи! Зашто, ви велам дека мора да се изврши на мене она што е напишано: ‚Беше вброен меѓу беззаконици‘. Зашто, се извршува она што се однесува на мене“ (Лука 22:35-37).

Исус, всушност, сакал да им каже дека ќе биде прикован на столб заедно со беззаконици, односно злосторници. Потоа и неговите следбеници ги очекувало жестоко прогонство. Бидејќи мислеле дека се спремни за такво нешто, апостолите рекле: „Господару, еве овде има два меча!“ А Исус им рекол: „Доволни се“ (Лука 22:38). Тие мечеви наскоро му послужиле на Исус за да им даде уште една важна поука.