ПОГЛАВЈЕ 21
Божјето Царство ги победува своите непријатели
1, 2. а) Кои докази покажуваат дека нашиот Цар владее од 1914 год.? б) Што ќе разгледаме во ова поглавје?
НАШАТА вера несомнено се зајакна додека разгледувавме колку многу постигнало Божјето Царство иако се соочило со противење од страна на бројни непријатели (Пс. 110:2). Нашиот Цар собрал војска од спремни проповедници. Тој ги пречистил своите следбеници и во духовен и во морален поглед. Освен тоа, иако противниците на Царството со сите сили се обидувале да нѐ разединат, ние денес сме обединети во едно меѓународно братство. Овие, како и многу други работи што ги разгледавме, се непобитен доказ дека од 1914 год. нашиот Цар владее среде своите непријатели.
2 Но, во блиска иднина нѐ очекуваат уште повеличествени настани. Кога ќе „дојде“, Царството ќе ,ги сотре и ќе ги уништи‘ своите непријатели (Мат. 6:10; Дан. 2:44). Но, пред тоа мора да се случат други важни настани. Кои се тие? Одговорот на ова прашање е поврзан со неколку библиски пророштва. Да разгледаме некои од нив за да видиме што ќе се случи наскоро.
Што ќе се случи пред да настапи ,ненадејното уништување‘
3. Кој е првиот настан што го очекуваме во блиска иднина?
3 Објава за мир. Во своето послание до Солуњаните, апостол Павле го опишал првиот настан што го очекуваме. (Прочитај 1. Солуњаните 5:2, 3.) Тој го спомнал „Јеховиниот ден“, кој ќе започне со нападот врз „Големиот Вавилон“ (Отк. 17:5). Но, Павле напишал дека токму пред да започне тој ден, светските водачи ќе велат „Мир и сигурност!“ Овој израз можеби се однесува само на еден проглас или, пак, на низа од неколку значајни објави за мир. Дали и верските водачи ќе имаат удел во тоа? Бидејќи се дел од светот, можно е и тие да извикуваат „Мир е!“ заедно со политичките водачи (Ерем. 6:14; 23:16, 17; Отк. 17:1, 2). Оваа објава за мир и сигурност ќе биде знак дека Јеховиниот ден само што не започнал. Непријателите на Божјето Царство „нема да побегнат“.
4. Зошто може да бидеме среќни што го разбираме значењето на пророштвото во врска со објавата за мир и сигурност кое го дал Павле?
4 Зошто може да бидеме среќни што го разбираме значењето на ова пророштво? Павле рекол: „Не сте во темнина, па тој ден да ве затече како што би затекол крадци“ (1. Сол. 5:3, 4). За разлика од другите луѓе, ние сфаќаме каде ќе водат денешните настани. Како точно ќе се исполни ова пророштво за мир и сигурност? Мора да чекаме и да видиме што ќе се случува на светската сцена. Затоа е важно „да бдееме и да бидеме трезвени“ (1. Сол. 5:6; Соф. 3:8).
Почнува големата неволја
5. Што ќе го означи почетокот на ,големата неволја‘?
5 Напад врз религијата. Сети се дека Павле напишал: „Кога ќе зборуваат: ,Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување“. Исто како што веднаш по блесокот на молњата се слуша грмење, така и веднаш по објавата „Мир и сигурност!“ ќе следи ,ненадејно уништување‘. Што ќе биде уништено? Најпрво „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија, кое исто така е наречено „блудницата“ (Отк. 17:5, 6, 15). Ова уништување на црквите на христијанскиот свет и на сите други лажни религии ќе го означи почетокот на ,големата неволја‘ (Мат. 24:21; 2. Сол. 2:8). За многумина ова ќе биде вистинско изненадување. Зошто? Затоа што, сѐ до тој миг, „блудницата“ ќе се смета себеси за „царица“ која никогаш ,нема да види тага‘. Но, многу ќе се изненади кога наеднаш ќе сфати дека била премногу самоуверена. Толку брзо ќе биде збришана од лицето на Земјата што ќе изгледа како тоа да се случило „во еден ден“ (Отк. 18:7, 8).
6. Кој ќе го изврши нападот врз „Големиот Вавилон“?
6 Кој ќе го изврши нападот врз „Големиот Вавилон“? Еден симболичен „ѕвер“ со „десет рогови“. Книгата Откровение покажува дека ѕверот ги претставува Обединетите нации, а десетте рогови ги претставуваат сите денешни политички сили кои го поддржуваат тој „црвен ѕвер“ (Отк. 17:3, 5, 11, 12). Колку разорен ќе биде нивниот напад? Земјите-членки на Обединетите нации ќе го опљачкаат богатството на оваа блудница, а неа ќе ја опустошат и потполно „ќе ја изгорат“. (Прочитај Откровение 17:16.) a
7. Како се исполниле зборовите на Исус запишани во Матеј 24:21, 22 во првиот век од н.е., и како ќе се исполнат во иднина?
7 Деновите ќе бидат скратени. Нашиот Цар, Исус, открил што ќе се случи во овој дел од големата неволја. Тој рекол: „Заради избраните, ќе се скратат тие дни“. (Прочитај Матеј 24:21, 22.) Овие зборови на Исус се исполниле во мали размери во 66 год. од н.е., кога Јехова ,го скратил‘, односно го прекинал нападот на римската војска врз Ерусалим (Мар. 13:20). Поради тоа, христијаните во Ерусалим и Јудеја успеале да побегнат и да се спасат. Тогаш, што ќе се случи во текот на претстојната голема неволја која ќе го зафати целиот свет? Преку нашиот Цар, Јехова ќе ,го скрати‘ нападот на Обединетите нации врз религијата, и нема да дозволи вистинската религија да биде уништена заедно со лажната. Значи, иако целокупната лажна религија ќе биде срамнета со земја, единствената вистинска религија ќе опстои (Пс. 96:5). Да видиме сега кои настани ќе се случуваат откако ќе заврши оваа фаза од големата неволја.
Настани што ќе водат до Армагедон
8, 9. За какви необични појави веројатно зборувал Исус, и како луѓето ќе реагираат на сето она што ќе го видат?
8 Пророштвото што Исус го дал за последните денови покажува дека ќе се случат неколку значајни настани пред да започне Армагедон. Првите два настана кои ќе ги разгледаме се проречени во евангелијата според Матеј, Марко и Лука. (Прочитај Матеј 24:29-31; Мар. 13:23-27; Лука 21:25-28).
9 Натприродни појави на небото. Исус прорекол: „Сонцето ќе потемни, месечината повеќе нема да свети, ѕвездите ќе паднат од небото“. Без сомнение, во тоа време луѓето веќе нема да ги сметаат верските водачи за извори на духовна светлина кои би можеле да им пружат водство. Но, дали со овие зборови Исус сакал да каже дека ќе има и натприродни појави на небото? Веројатно да (Иса. 13:9-11; Јоил 2:1, 30, 31). Како ќе реагираат луѓето на сето она што ќе го видат? Исус рекол дека „ќе ги обземе мака и чувство на немоќ“ затоа што нема да гледаат никаков излез (Лука 21:25; Соф. 1:17). Да, сите непријатели на Божјето Царство — од ,цареви до робови‘ — „ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“. Иако во очај ќе бараат засолниште, никаде нема да најдат место каде што ќе можат да се скријат од гневот на нашиот Цар (Лука 21:26; 23:30; Отк. 6:15-17).
10. а) Каква пресуда ќе изрече Исус? б) Како ќе реагираат на неа поданиците на Божјето Царство, а како ќе реагираат противниците?
10 Исус изрекува пресуда и ги дели луѓето на „овци“ и „јарци“. Сите непријатели на Божјето Царство ќе мора да бидат сведоци на еден настан кој ќе ги фрли во уште поголем очај. Исус рекол: „Ќе го видат Синот човечки како доаѓа во облаците со голема сила и слава“ (Мар. 13:26). Кога тој ќе ја покаже својата моќ на овој натприроден начин, тоа ќе биде знак дека дошол да им изрече пресуда на луѓето. Во еден друг дел од истото пророштво за последните денови, односно во споредбата за овците и јарците, Исус дал повеќе детали за тоа судење. (Прочитај Матеј 25:31-33, 46.) Верните поданици на Божјето Царство ќе бидат прогласени за „овци“, и ќе можат да ги ,подигнат главите‘ знаејќи дека ,нивното избавување се приближува‘ (Лука 21:28). Но, противниците на Царството ќе бидат прогласени за „јарци“, и „ќе заплачат“ бидејќи ќе сфатат дека ги очекува „вечна смрт“ (Мат. 24:30; Отк. 1:7).
11. Што треба да имаме на ум додека ги разгледуваме настаните кои ни претстојат?
11 Откако Исус ќе ја изрече својата пресуда над „сите народи“, пред самиот почеток на војната Армагедон ќе се случат уште неколку значајни настани (Мат. 25:32). Ќе разгледаме два од нив: нападот на Гог и собирањето на помазаниците. Притоа, добро е да имаме на ум дека Божјата Реч не открива кога точно ќе се случат тие. Всушност, можно е едниот донекаде да се поклопи со другиот.
12. Како Сатана ќе ја поведе својата последна битка против Царството?
12 Сеопшт напад врз Божјиот народ. Гог од Магог ќе ги нападне преостанатите помазаници и нивните придружници од ,другите овци‘. (Прочитај Езекиел 38:2, 11.) Овој напад против Божјето Царство ќе биде последната битка на Сатана во војната што ја води против остатокот од помазаници откако бил исфрлен од небото (Отк. 12:7-9, 17). Особено од времето кога помазаниците почнале да се собираат во пречистеното христијанско собрание, Сатана упорно се обидувал да им ја уништи духовната благосостојба и добриот однос со Јехова, но безуспешно (Мат. 13:30). Меѓутоа, откако целокупната лажна религија ќе биде уништена, Божјите слуги навидум ќе изгледаат како лесен плен, како народ што ,живее без ѕидови, резиња и врати‘. Тогаш Сатана ќе заклучи дека тоа е вистински момент да ги нападне. Тој ќе ги подбуцне човечките влади да извршат сеопшт напад врз поданиците на Царството.
13. Како Јехова ќе го заштити својот народ?
13 Езекиел опишал што ќе се случи. Во врска со Гог, тој прорекол: „Ќе дојдеш од своето место, од крајниот север, ти и многу народи со тебе, сѐ сами коњаници, големо мноштво — огромна војска. Ќе го нападнеш... мојот народ, како облаци кога ја покриваат земјата“ (Езек. 38:15, 16). Како ќе реагира Јехова на тој навидум незапирлив напад на Сатана? „Гневот ќе ми пламне од носниците“, вели Бог. „Ќе повикам меч против него“ (Езек. 38:18, 21; прочитај Захарија 2:8). Јехова ќе се вмеша во тој судир за да ги заштити своите слуги на Земјата. Со тоа ќе започне Армагедон.
14, 15. Кој друг настан ќе се случи во одреден момент откако Сатана ќе тргне во конечен напад против Божјиот народ?
14 Пред да видиме на кој начин Јехова ќе го одбрани својот народ за време на Армагедон, накратко ќе разгледаме еден друг значаен настан. Тој ќе се одигра откако Сатана ќе го започне својот завршен напад врз Божјиот народ, но пред Јехова да се вмеша започнувајќи ја војната Армагедон. Како што видовме во пасус 11, овој втор настан е собирањето на преостанатите помазаници.
15 Собирање на помазаниците. И Матеј и Марко запишале што рекол Исус за собирањето на ,избраните‘ — христијаните помазани со дух — додека ја опишувал низата настани што ќе се случуваат пред да избувне војната Армагедон. (Види во пасус 7.) Зборувајќи за себеси како за Цар, Исус прорекол: „Тогаш тој ќе ги испрати ангелите и ќе ги собере своите избрани од четирите страни на светот, од крајот на земјата до крајот на небото“ (Мар. 13:27; Мат. 24:31). На кое собирање мислел Исус? Тој не зборувал за конечното запечатување на остатокот од помазани христијани, кое ќе се изврши непосредно пред да започне големата неволја (Отк. 7:1-3). Напротив, Исус се осврнал на еден настан што ќе се случи во текот на претстојната голема неволја. Очигледно, во одреден момент откако Сатана ќе тргне во конечен напад врз Божјиот народ, помазаниците кои сѐ уште се на Земјата ќе бидат собрани на небото.
16. Каква улога ќе имаат воскреснатите помазаници во војната Армагедон?
16 Од ова може да заклучиме дека сите помазаници ќе бидат на небото пред да започне Армагедон. Таму 144-те илјади совладетели на Христос ќе добијат власт заедно со него да ги разбијат со „железна палка“ сите непријатели на Божјето Царство (Отк. 2:26, 27). Потоа воскреснатите помазаници, заедно со моќните ангели, ќе му се придружат на непобедливиот Цар и Воин во нападот врз огромната непријателска војска која од сите страни ќе го стега обрачот околу својот плен — Јеховиниот народ (Езек. 38:15). Тој жесток судир ќе го означи почетокот на Армагедон! (Отк. 16:16).
Величествената завршница на големата неволја
17. Што ќе се случи во Армагедон со оние што Исус ги прогласил за „јарци“?
17 Извршување на пресудата. Војната Армагедон ќе биде завршница на големата неволја. Во тоа време, Исус ќе дејствува во уште една улога. Освен што е Судија на „сите народи“, тој ќе биде и Погубител на сите луѓе кои пред тоа ги прогласил за „јарци“ (Мат. 25:32, 33). Исус ќе ги ,удри народите‘ со „остар меч“. Сите оние што ги прогласил за „јарци“ — од „цареви“ до „робови“ — „ќе отидат во вечна смрт“ (Отк. 19:15, 18; Мат. 25:46).
18. а) Како ќе се смени ситуацијата во корист на „овците“? б) На кој начин Исус ќе извојува конечна победа?
18 Ситуацијата потполно ќе се сврти во корист на оние што Исус ги прогласил за „овци“! Во еден миг ќе изгледа дека ќе бидат прегазени од огромната Сатанова војска од „јарци“. Но, веќе во следниот миг тоа „големо мноштво“ од навидум беспомошни „овци“ ќе биде избавено од непријателскиот напад и ќе ја преживее „големата неволја“ (Отк. 7:9, 14). Потоа, откако ќе ги победи и ќе ги уништи сите луѓе кои му се противеле на Божјето Царство, Исус ќе ги фрли Сатана и неговите демони во „бездната“. Таму ќе останат илјада години во состојба на неделотворност слична на смрт. (Прочитај Откровение 6:2; 20:1-3.)
Како да се подготвиме за она што нѐ чека
19, 20. Што учиме од она што е запишано во Исаија 26:20 и 30:21?
19 Како може да се подготвиме за застрашувачките настани кои ни претстојат? Пред десетина години, во Стражарска кула пишуваше: „Преживувањето ќе зависи од послушноста“. Во која смисла? Одговорот се наоѓа во едно предупредување кое Јехова им го дал на еврејските изгнаници во древниот Вавилон. Тој прорекол дека Вавилон ќе биде освоен, но што требало да прави неговиот народ за да се подготви за тој напад? Јехова рекол: „Ајде, народе мој, влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Забележи дека сите глаголи во овој стих — „влези“, „затвори“, „скриј се“ — се дадени во облик на заповед. Евреите кои ги послушале тие заповеди останале во своите куќи, и така биле заштитени од освојувачката војска која ги убивала сите што се нашле на улиците. Според тоа, нивното преживување навистина зависело од послушноста кон Јеховините упатства. b
20 Што учиме од ова? Исто како Божјите слуги во минатото, и ние ќе ги преживееме претстојните настани само ако сме послушни на Јеховините упатства (Иса. 30:21). Бог ни дава такви упатства преку собранието. Затоа, сакаме уште денес од срце да бидеме послушни на водството и на советите што ги добиваме (1. Јов. 5:3). Ако го правиме тоа сега, ќе бидеме поспремни да слушаме и во иднина, и така ќе бидеме заштитени од нашиот Татко, Јехова, и од нашиот Цар, Исус (Соф. 2:3). Благодарение на нивната моќна заштита, ќе видиме како Божјето Царство потполно ги отстранува сите свои непријатели. Тој настан ќе остане запамтен во сета вечност!
a Се чини разумно да заклучиме дека уништувањето на „Големиот Вавилон“ главно се однесува на уништувањето на верските институции, а не на масовно погубување на сите верници. Според тоа, повеќето поранешни припадници на „Големиот Вавилон“ ќе го преживеат тој напад и веројатно — барем јавно — ќе тврдат дека немаат ништо со религијата, како што укажува и Захарија 13:4-6.
b Нешто повеќе можеш да прочиташ во книгата Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво, том 1, страници 282-283.