Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДОДАТОК

Како да се однесуваме со исклучените

Како да се однесуваме со исклучените

Длабока е болката кога некој роднина или близок пријател е исклучен од собранието затоа што не се кае за гревот што го направил. Од тоа како ќе реагираме на библиските совети во врска со ова ќе се види колку го сакаме Бог и дали верно се придржуваме за начинот на кој тој ги организира работите. * Да разгледаме некои прашања што се поврзани со оваа тема.

Како треба да се однесуваме со исклучените? Библијата вели: „Престанете да се дружите со секој што се нарекува брат, а е блудник, или алчен, или идолопоклоник, или зборува погрдно, или е пијаница, или изнудувач — со таков дури и да не јадете“ (1. Коринќаните 5:11). Во врска со секој што „не останува во Христовото учење“, во Библијата читаме: „Не примајте го во својот дом, ниту поздравувајте го. Зашто, кој го поздравува, тој учествува во неговите зли дела“ (2. Јованово 9-11). Не се дружиме со него и не зборуваме за духовни работи со него. Во Нашата служба за Царството од август 2002, на 3. страница, пишуваше: „Само ако поздравиш некого може да биде првиот чекор што води до разговор и можеби дури и до пријателство. Би сакале ли да го преземеме тој прв чекор со исклучено лице?“

Мораме ли потполно да го избегнуваме исклучениот? Да, и тоа од неколку причини. Прво, така покажуваме дека сме му лојални на Бог и на неговата Реч. Ние не сме му послушни на Јехова само тогаш кога тоа нам ни одговара, туку и тогаш кога ни е тешко да послушаме. Љубовта кон Бог нѐ тера да им бидеме послушни на сите негови заповеди, признавајќи дека тој е праведен и полн со љубов и дека неговите закони се за наше добро (Исаија 48:17; 1. Јованово 5:3). Второ, кога не се дружиме со оној што непокајнички греши, ќе се заштитиме и себеси и целото собрание да не бидеме расипани духовно и морално и ќе придонесеме собранието да остане на добар глас (1. Коринќаните 5:6, 7). Трето, ако цврсто се држиме за библиските начела, можеби дури и ќе му помогнеме на исклучениот. Со тоа што ќе ја поддржуваме одлуката на правниот одбор, може да допреме до срцето на исклучениот кој дотогаш не ги прифаќал обидите на старешините да му помогнат. Кога повеќе нема да може да се дружи со блиските, би можел да „се вразуми“, да сфати колку многу згрешил и да направи сѐ што е потребно за да му се врати на Јехова (Лука 15:17).

Што ако е исклучен некој член на семејството? Во таков случај, тесната врска меѓу членовите на семејството може да биде вистински испит за лојалноста. Како треба да се однесуваме со исклучен член на семејството? Бидејќи не можеме да ја опфатиме секоја можна ситуација, сега подетално ќе разгледаме две најчести ситуации.

Во некои случаи, исклучениот сѐ уште живее во истиот дом со потесното семејство. Со тоа што е исклучен не се раскинуваат семејните врски, и секојдневните семејни активности продолжуваат. Сепак, со своето однесување, тој самиот избрал да ја раскине врската што постоела меѓу него и семејството кога имале иста цел да му служат на Бог. Затоа, ако сакаме да му покажеме на Јехова дека сме му верни, нема повеќе да му дозволиме на исклучениот член на семејството да учествува во нашите активности поврзани со службата за Бог. На пример, ако исклучениот е присутен, нема да учествува кога семејството ја одржува Семејната вечер. Меѓутоа, ако станува збор за малолетно дете, родителите сѐ уште имаат одговорност да го поучуваат и да го воспитуваат. Според тоа, родителите може да ја проучуваат Библијата со него * (Изреки 6:20-22; 29:17).

Во други случаи, исклучениот не живее со своето потесно семејство. Иако во ретки прилики ќе треба да се видат поради некои семејни работи, таквите контакти треба да бидат сведени на минимум. Верните христијани во семејството не треба да бараат изговори за да се гледаат со исклучениот што не живее со нив. Напротив, од лојалност кон Јехова и кон неговата организација, тие се придржуваат за упатствата за исклучување што се дадени во Библијата. Со тоа што ќе останат лојални, ќе му покажат на исклучениот дека му го мислат најдоброто, и може да му помогнат да ја прифати дисциплинската мерка што му е дадена * (Евреите 12:11).

^ пас. 1 Библиските начела во врска со исклучувањето важат и во однос на оние што самите се одвоиле од собранието.

^ пас. 2 Нешто повеќе во врска со исклучени малолетни деца што живеат дома можеш да прочиташ во Стражарска кула од 1 октомври 2001, страници 16, 17, и Стражарска кула од 1 април 1989, страница 31.

^ пас. 3 Нешто повеќе во врска со тоа како да се однесуваме со исклучените членови на семејството можеш да дознаеш од библиските совети што се разработени во Стражарска кула од 1 септември 1988, страници 7-12, и во Нашата служба за Царството од август 2002, страници 3-4.