ПОГЛАВЈЕ 34
Гедеон ги победил Мадијамците
Како што минувало времето, Израелците пак престанале да му служат на Јехова и почнале да им служат на лажни богови. Во текот на седум години, Мадијамците им ги краделе животните и им уништувале сѐ што имале посадено на нивите. Израелците морале да се кријат во пештери и во планини за да избегаат од Мадијамците. Тие многу го молеле Јехова да ги спаси. Затоа, Јехова испратил еден ангел кај младиот Гедеон. Ангелот му рекол: „Јехова те избра тебе за да го спасиш народот“. Гедеон прашал: „Како можам јас да го спасам народот? Па, јас сум никој и ништо!“
Гедеон сакал да се увери дека Јехова го избрал него. Затоа на земјата ставил едно руно, односно овча кожа, и му рекол на Јехова: „Ако утре сабајле руното е мокро а земјата сува, ќе знам дека сакаш јас да го спасам Израел“. Следното утро руното било толку мокро што се цедело вода од него, а земјата била сува! Но, Гедеон побарал уште нешто. Тој му рекол на Јехова следното утро руното да биде суво, а земјата мокра. Така и било. Ова го уверило Гедеон дека Јехова го избрал токму него. Затоа ги собрал војниците за да се борат со Мадијамците.
Јехова му кажал на Гедеон: „Ќе им помогнам на Израелците да победат. Сепак, бидејќи имаш многу војници со себе, можеби ќе помислите дека самите вие сте победиле. Затоа, на сите што се плашат кажи им да си одат дома“. Тогаш, 22.000 војници си заминале, а 10.000 останале. Јехова рекол: „Сѐ уште има многу војници. Однеси ги кај потокот и кажи им да пијат вода. Земи ги со себе оние кои додека пијат, внимателно гледаат наоколу да не им се приближи некој непријател“. Само 300 војници останале внимателни додека пиеле вода. Јехова ѝ ветил на оваа мала војска дека ќе ѝ даде победа над мадијамската војска која броела 135.000 луѓе.
Во текот на таа ноќ, Јехова му кажал на Гедеон: „Сега нападни ги Мадијамците!“ Така Гедеон им дал на своите луѓе рогови и големи ќупови во кои имало запалени факли. Потоа им рекол: „Гледајте што правам јас, и вие правете го истото“. Гедеон дувнал во рогот, го скршил ќупот, го кренал факелот и извикал на сет глас: „Мечот на Јехова и на Гедеон!“ Веднаш потоа, сите 300 луѓе го направиле истото. Мадијамците многу се исплашиле и почнале да бегаат на сите страни. Толку многу се збуниле што почнале да се убиваат еден со друг. Јехова и овојпат им помогнал на Израелците да ги победат своите непријатели.
„Да биде очигледно дека нашата сила, која ја надминува нормалната, потекнува од Бог, а не од нас“ (2. Коринќаните 4:7)