ПОГЛАВЈЕ 15
Јехова не го заборавил Јосиф
Додека Јосиф бил во затвор, фараонот — царот на Египет — сонувал нешто што никој не можел да му објасни што значи. Еден негов слуга му кажал дека Јосиф може да му ги објасни неговите сонови. Фараонот веднаш наредил да му го доведат Јосиф.
Фараонот го прашал: „Можеш ли да ми објасниш што значат соновите?“ Јосиф одговорил: „Во следните седум години, во Египет ќе има многу храна. Но потоа, седум години ќе има голем глад. Одбери еден мудар човек кој ќе собере многу храна за луѓето да не умрат од глад“. Тогаш фараонот рекол: „Ти биди тој човек! Те поставувам за втор најмоќен човек во Египет“. Од каде знаел Јосиф што значат соновите на фараонот? Јехова му помогнал да ги разбере.
Следните седум години, Јосиф собирал храна. А потоа, по целата Земја настанал глад, токму како што рекол Јосиф. Од секаде доаѓале луѓе за да купат храна од Јосиф. Кога татко му, Јаков, слушнал дека во Египет има храна, испратил десет свои синови за да купат храна за нивното семејство.
Кога синовите на Јаков отишле кај Јосиф, тој веднаш ги препознал. Но, тие не го препознале него. Браќата му се поклониле, токму како што сонувал Јосиф кога бил помлад. Јосиф сакал да дознае дали неговите браќа сѐ уште се лоши. Затоа им рекол: „Вие сте шпиони. Сакате да откриете каде е незаштитена нашата земја“. Тие одговориле: „Не е така. Ние сме 12 браќа од Ханаан. Еден од нашите браќа умре, а најмалиот е со нашиот татко“.
Тогаш Јосиф им рекол: „Донесете го најмалиот брат, па тогаш ќе ви верувам“. Така тие се вратиле дома кај татко им.Кога семејството повторно останало без храна, Јаков пак ги пратил своите синови да одат во Египет. Овојпат тие го зеле и Венијамин, нивниот најмал брат. За да ги испита своите браќа, Јосиф наредил да ја стават неговата сребрена чаша во вреќата со жито на Венијамин, а потоа ги обвинил своите браќа дека ја украле. Кога слугите на Јосиф ја нашле чашата во вреќата на Венијамин, браќата не можеле да поверуваат. Тогаш почнале го молат Јосиф да ги казни нив наместо Венијамин.
Јосиф видел дека неговите браќа се смениле. Толку бил возбуден што не можел да се воздржи. Заплакал и им рекол: „Јас сум Јосиф, вашиот брат. Жив ли е уште татко ми?“ Неговите браќа многу се изненадиле. Затоа им рекол: „Немојте да се грижите поради она што ми го направивте. Бог ме доведе овде за да ве спаси. А сега брзо, одете и донесете го татко ми овде“.
Тие се вратиле дома, му ја кажале убавата вест на татко им и сите заедно отишле во Египет. После толку многу години, Јосиф и татко му повторно биле заедно.
„Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Матеј 6:15)