Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 98

Најразлични луѓе станале христијани

Најразлични луѓе станале христијани

Апостолите ја послушале заповедта на Исус да им ја пренесат добрата вест на луѓето по целата Земја. Во 47 год. од н.е., браќата од Антиохија ги испратиле Павле и Варнава на проповедничко патување. Со голема желба да проповедаат, тие патувале низ цела Мала Азија. Некои од местата што ги посетиле биле Дерва, Листра и Иконија.

Павле и Варнава им проповедале на сите луѓе — богати и сиромашни, млади и стари. Многумина ја прифатиле вистината за Христос. Кога Павле и Варнава му проповедале на Сергиј Павле, управителот на Кипар, еден гатач се обидел да ги спречи. Павле му рекол: „Јехова ќе те казни“. Во истиот миг, гатачот ослепел. Кога го видел тоа, управителот станал следбеник на Исус.

Павле и Варнава проповедале насекаде — од куќа до куќа, на пазарите, на патиштата и во синагогите. Кога излекувале еден сакат човек во Листра, луѓето што го виделе тоа чудо помислиле дека тие се богови, и сакале да им принесат жртви. Но, Павле и Варнава не им го дозволиле тоа, туку им рекле: „Треба да му служите на Бог! Ние сме само луѓе“. Тогаш дошле некои Евреи и го свртеле народот против Павле. Луѓето го каменувале Павле, го одвлечкале надвор од градот и го оставиле таму мислејќи дека е мртов. Но, тој бил жив! Браќата веднаш дошле да му помогнат и го однеле во градот. Подоцна, Павле се вратил во Антиохија.

Во 49 год. од н.е., Павле отишол на уште едно патување. Откако се вратил во Мала Азија да ги види браќата, ја објавил добрата вест уште подалеку — во Европа. Тој отишол во Атина, Ефес, Филипи, Солун и во други места. На ова патување, на Павле му се придружиле Сила, Лука и едно момче по име Тимотеј. Тие основале собранија и потоа ги зајакнале. Павле останал во Коринт една и пол година и ги храбрел браќата таму. Тој проповедал, поучувал и напишал писма до некои собранија. Во исто време, работел и како изработувач на шатори. Подоцна, Павле се вратил во Антиохија.

Во 52 год. од н.е., Павле отишол на трето патување. Тргнал од Мала Азија, и патувал на север сѐ до Филипи, а потоа се спуштил во Коринт. Павле останал неколку години во Ефес, и таму поучувал, лекувал и му помагал на собранието. Освен тоа, секој ден држел говори во едно училиште. Многу луѓе го слушале и направиле промени во својот живот. На крајот, откако ја проповедал добрата вест во многу земји, Павле се вратил во Ерусалим.

„Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Матеј 28:19)