Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 83

Исус нахранил илјадници луѓе

Исус нахранил илјадници луѓе

Кратко пред Пасхата во 32 год. од н.е., апостолите се вратиле од патувањето на кое биле за да проповедаат. Бидејќи Исус видел дека се уморни, се качил со нив на чамец, и заедно тргнале кон Витсаида за да се одморат. Но, кога се приближиле до брегот, Исус видел дека илјадници луѓе дошле таму и го чекаат. Иако сакал да биде насамо со апостолите, тој бил љубезен со луѓето. Ги излекувал сите што биле болни и почнал да ги поучува. Цел ден им зборувал за Божјето Царство. Кога денот бил при крај, апостолите дошле кај Исус и му рекле: „Луѓето сигурно се гладни. Ќе им кажеш ли да одат да си купат нешто за јадење?“

Исус одговорил: „Не мора да одат. Дајте им вие нешто да јадат“. Апостолите го прашале: „Сакаш да одиме и да им купиме леб?“ Филип, еден од апостолите, рекол: „Ама дури и да имаме многу пари, пак не можеме да купиме доволно леб за сите“.

Исус ги прашал: „Колку храна имаме?“ Андреј одговорил: „Имаме пет леба и две мали риби. Ама што е тоа за целиот овој народ?“ Исус рекол: „Донесете ми ги лебовите и рибите“. Потоа им рекол на луѓето да седнат на тревата во групи од по 50 и од по 100 души. Исус ги зел лебовите и рибите, погледнал кон небото и се помолил. Потоа им ја подавал храната на апостолите, а тие им ја делеле на луѓето. Така убаво се најале сите 5.000 мажи, како и жените и децата. На крајот апостолите ја собрале храната што останала за ништо да не се фрли. Наполниле 12 кошници со храна. Тоа навистина било големо чудо, нели?

Луѓето биле толку воодушевени што сакале да го постават Исус за цар. Но, Исус знаел дека уште не било дојдено времето што Јехова го одредил за да стане цар. Затоа им рекол на луѓето да си одат, а апостолите ги пратил да одат од другата страна на Галилејското Море. Откако апостолите се качиле на чамецот, Исус отишол сам на планината. Зошто? Бидејќи сакал да одвои време за да му се моли на својот Татко. Колку и да бил зафатен, Исус секогаш наоѓал време за да се моли.

„Немојте да работите за храна што пропаѓа, туку за храна што останува за вечен живот, која ќе ви ја даде Синот човечки“ (Јован 6:27)