Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 65

Естира го спасила својот народ

Естира го спасила својот народ

Естира била Израелка која живеела во персискиот град Суза. Многу години пред таа да се роди, Навуходоносор ги заробил нејзините роднини и ги извел од Ерусалим. Додека Естира растела, за неа се грижел нејзиниот братучед Мардохеј, кој му бил слуга на персискиот цар Ахасвер.

Цар Ахасвер сакал да си избере нова царица. Неговите слуги му ги донеле најубавите девојки од целото царство, меѓу кои била и Естира. Од сите нив, царот ја избрал Естира за царица. Мардохеј ѝ рекол на Естира никому да не кажува дека е Еврејка.

Еден горд човек по име Аман бил поставен над сите кнезови. Тој сакал сите луѓе да му се поклонуваат нему. Но, Мардохеј не сакал да му се поклони. Аман бил толку лут што сакал да го убие. Кога Аман дознал дека Мардохеј е Евреин, направил план да ги убие сите Евреи во земјата. Тој му рекол на царот: „Евреите се многу опасни. Мора да се заштитиме од нив“. Ахасвер одговорил: „Прави што мислиш дека е најдобро“. Потоа го овластил да донесе закон. Аман донел еден закон според кој на 13-тиот ден од месецот адар требало да бидат убиени сите Евреи. Јехова гледал сѐ што се случува.

Естира не знаела дека бил донесен таков закон. Затоа Мардохеј ѝ испратил копија од законот и ѝ рекол: „Оди кај царот и зборувај со него“. Естира му рекла: „Секој што ќе отиде кај царот неповикан, ќе биде убиен. А мене царот не ме повикал цели 30 дена! Ама добро, ќе одам. Ако го испружи кон мене својот жезол, ќе останам жива. Ако не, ќе умрам“.

Естира се појавила пред царот. Кога ја видел, тој го испружил кон неа својот жезол. Естира му се приближила, и тој ја прашал: „Што можам да направам за тебе, Естира?“ Таа му одговорила: „Сакам да ве поканам тебе и Аман на гозба“. Додека биле на гозбата, Естира ги поканила на уште една гозба. На втората гозба, царот повторно ја прашал: „Што можам да направам за тебе?“ Таа рекла: „Еден човек сака да нѐ убие мене и мојот народ. Те молам спаси нѐ“. Царот ја прашал: „Кој е тој човек?“ Естира одговорила: „Овој лош Аман!“ Ахасвер толку се налутил што наредил Аман веднаш да биде убиен.

Но, законот што го донел Аман не можел никој да го поништи, дури ни царот. Затоа царот го поставил Мардохеј над кнезовите и го овластил да донесе нов закон. Мардохеј донел закон според кој Евреите можеле да се бранат кога ќе бидат нападнати. На 13-тиот ден од месецот адар, Евреите ги победиле своите непријатели. Оттогаш натаму, тие секоја година ја славеле оваа победа.

„Поради мене, ќе ве изведуваат пред управители и цареви за сведоштво за нив и за другите народи“ (Матеј 10:18)