Приказна 110: Тимотеј — новиот помошник на Павле
МЛАДИОТ човек што го гледаш овде со апостол Павле е Тимотеј. Тимотеј живеел со своето семејство во Листра. Мајка му се викала Евника, а баба му Лоида.
Тоа му била на Павле трета посета во Листра. Околу една година пред тоа, Павле и Варнава за првпат биле таму за да проповедаат. Овој пат Павле се вратил повторно со својот пријател Сила.
Знаеш ли што му рекол Павле на Тимотеј? 'Би сакал ли да ни се придружиш на Сила и мене?‘ — го прашал тој. 'Би можел да ни помогнеш да им проповедаме на луѓето во далечни места.‘
'Да‘, одговорил Тимотеј, 'би сакал да дојдам.‘ Затоа, набрзо потоа, Тимотеј го напуштил своето семејство и тргнал со Павле и Сила. Но, пред да учиме за нивното патување, ајде да дознаеме што се случувало со Павле. Поминале околу 17 години откако Исус му се појавил на патот за Дамаск.
Се сеќаваш? Павле дошол во Дамаск за да ги прогонува Исусовите ученици, но на крајот самиот станал ученик! Подоцна некои непријатели планирале да го убијат Павле бидејќи не им се допаѓало тоа што ги поучувал луѓето за Исус. Но, учениците му помогнале на Павле да избега. Тие го ставиле во една кошница и го спуштиле од другата страна на градскиот ѕид.
Потоа Павле отишол да проповеда во Антиохија. Таму Исусовите следбеници за првпат биле наречени христијани. Од Антиохија, Павле и Варнава биле испратени во далечни земји за да проповедаат и таму. Еден од градовите што ги посетиле бил Листра, домот на Тимотеј.
Околу една година подоцна, Павле се вратил во Листра по втор пат. Кога Тимотеј заминал со Павле и Сила, знаеш ли каде отишле? Погледни на картата. Од неа ќе научиме некои места.
Прво, отишле до соседната Иконија, потоа до вториот град кој се вика Антиохија. Потоа отпатувале до Троада, и потоа до Филипи, Солун и Верија. Ја гледаш ли на картата Атина? Павле проповедал и таму. Потоа, една и пол година проповедале во Коринт. На крајот, кратко застанале во Ефес. Потоа се вратиле со брод до Цезареја и отпатувале до Антиохија, каде што Павле останал.
Значи, Тимотеј поминал стотици километри, и за сето тоа време му помагал на Павле да ја проповеда добрата вест и да основа многу христијански собранија. Кога ќе пораснеш, ќе бидеш ли верен слуга на Бог како Тимотеј?
Дела 9:19-30; 11:19-26; поглавја 13-17; 18:1-22.
1. Рим; 2. Малта; 3. Верија; 4. Солун; 5. Коринт; 6. Филипи; 7. Атина; 8. Крит; 9. Троада; 10. Ефес; 11. Милет; 12. Колоси; 13. Антиохија; 14. Иконија; 15. Листра; 16. Кипар; 17. Антиохија; 18. Цезареја; 19. Јопа; 20. Дамаск; 21. Ерусалим; 22. Големото Море (Средоземно Море)
Прашања
- Кој е младиот човек на сликата, каде живеел, и како се викале мајка му и баба му?
- Што одговорил Тимотеј кога Павле го прашал дали сака да им се придружи на Сила и нему за да им проповедаат на луѓето во далечни места?
- Каде Исусовите следбеници за прв пат биле наречени христијани?
- Наброј некои градови кои Павле, Сила и Тимотеј ги посетиле откако заминале од Листра.
- Како Тимотеј му помагал на Павле, и кое прашање треба да си го постават младите денес?
Дополнителни прашања
- Прочитај Дела 9:19-30.
Како апостол Павле бил претпазлив кога се соочил со противење на добрата вест? (Дела 9:22-25, 29, 30; Мат. 10:16).
- Прочитај Дела 11:19-26.
Како извештајот запишан во Дела 11:19-21, 26 покажува дека Јеховиниот дух го води и го насочува делото на проповедање?
- Прочитај Дела 13:13-16, 42-52.
Како Дела 13:51, 52 покажува дека учениците не дозволиле противењето да ги обесхрабри? (Мат. 10:14; Дела 18:6; 1. Пет. 4:14).
- Прочитај Дела 14:1-6, 19-28.
Како изразот "му ги доверија на Јехова“ ни помага да се ослободиме од секаква непотребна загриженост додека им помагаме на новите? (Дела 14:21-23; 20:32; Јован 6:44).
- Прочитај Дела 16:1-5.
Како тоа што Тимотеј бил спремен да се обреже нагласува колку е важно да се прави 'сѐ поради добрата вест‘? (Дела 16:3; 1. Кор. 9:23; 1. Сол. 2:8).
- Прочитај Дела 18:1-11, 18-22.
Според Дела 18:9, 10, во која мера Исус лично го води делото на проповедање, и каква доверба ни влева тоа денес? (Мат. 28:20).