Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 82: Мардохеј и Естира

Приказна 82: Мардохеј и Естира

ДА СЕ ВРАТИМЕ неколку години пред Езра да оди во Ерусалим. Мардохеј и Естира биле најважните Израелци во Персиското Царство. Естира била царица, а нејзиниот братучед Мардохеј бил првиот човек по царот. Да видиме како дошло до тоа.

Родителите на Естира умреле кога таа уште била многу малечка, па затоа ја исчувал Мардохеј. Ахасвер, царот на Персија, имал палата во градот Суза, а Мардохеј бил еден од неговите слуги. Еден ден, жена му на царот, Астина, не го послушала, па затоа царот избрал нова жена за царица. Знаеш ли која ја избрал? Убавата млада Естира.

Аман му е лут на Мардохеј

Го гледаш ли овој горд човек пред кого се поклонуваат луѓето? Тоа е Аман. Тој бил многу важен човек во Персија. Аман сакал да му се поклони и Мардохеј, кого го гледаш овде како седи. Но, Мардохеј не сакал да го стори тоа. Тој сметал дека не е исправно да му се поклонува на таков лош човек. Ова многу го налутило Аман, па еве што направил.

Аман му кажал на царот лаги за Израелците. 'Тие се лош народ кој не ги слуша твоите закони‘, рекол тој. 'Треба да бидат убиени.‘ Ахасвер не знаел дека неговата жена Естира била Израелка. Затоа го послушал Аман и издал еден закон според кој во еден одреден ден сите Израелци требало да бидат убиени.

Кога Мардохеј дознал за законот, многу се вознемирил. Ѝ испратил порака на Естира: 'Мораш да му кажеш на царот, и моли го да нѐ спаси‘. Да се оди кај царот без покана било против законот на Персија. Но Естира отишла без да биде поканета. Царот ја подал кон неа својата златна палка, што значи дека немало да биде убиена. Естира ги поканила царот и Аман на една голема гозба. Таму царот ја прашал Естира каква услуга бара таа од него. Естира рекла дека ќе му каже ако тој и Аман дојдат и на другата гозба следниот ден.

На таа гозба Естира му рекла на царот: 'Мојот народ и јас треба да бидеме убиени‘. Царот се налутил. 'Кој се осмелил да стори такво нешто?‘ — прашал тој.

'Човекот, непријателот, е овој лош Аман!‘ — рекла Естира.

Царицата Естира го обвинува Аман

Царот навистина се налутил кога го чул тоа. Тој заповедал Аман да биде убиен. Потоа, царот го поставил Мардохеј за втор најмоќен човек во царството — на првото место бил самиот тој. Мардохеј потоа се погрижил да биде издаден нов закон кој им дозволил на Израелците да се борат за своите животи на денот на кој требало да бидат убиени. Поради тоа што Мардохеј станал толку важен човек, многу луѓе им помогнале на Израелците да се спасат од своите непријатели.

Библиската книга Естира.



Прашања

  • Кои биле Мардохеј и Естира?
  • Зошто царот Ахасвер сакал да има нова жена, и која ја избрал?
  • Кој бил Аман, и што го налутило толку многу?
  • Каков закон бил издаден, и што направила Естира откако добила порака од Мардохеј?
  • Што му се случило на Аман, а што на Мардохеј?
  • Како Израелците биле спасени од своите непријатели?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Естира 2:12-18.

    Како покажала Естира колку е важно да се има 'мирен и благ дух‘? (Ест. 2:15; 1. Пет. 3:1-5).

  • Прочитај Естира 4:1-17.

    Исто како што Естира имала можност да направи нешто во корист на обожавањето на вистинскиот Бог, каква можност сме добиле ние за да покажеме дека сме му оддадени и лојални на Јехова? (Ест. 4:13, 14; Мат. 5:14-16; 24:14).

  • Прочитај Естира 7:1-6.

    Како многумина од Божјиот народ денес на сличен начин како Естира се изложиле на опасноста да бидат прогонувани? (Ест. 7:4; Мат. 10:16-22; 1. Пет. 2:12).