Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 81: Доверба во Божјата помош

Приказна 81: Доверба во Божјата помош

РЕЧИСИ 50.000 луѓе долго патувале од Вавилон до Ерусалим. Но, кога пристигнале, виделе дека Ерусалим бил само една голема урнатина. Никој не живеел таму. Израелците морале одново да изградат сѐ.

Една од првите работи што ги изградиле бил еден жртвеник. Тој бил место каде што можеле да принесат животниски жртви, односно да му дадат дар на Јехова. Неколку месеци подоцна, Израелците почнале да го градат храмот. Но, непријателите кои живееле во околните земји не сакале Израелците да го изградат. Затоа се обиделе да ги заплашат за да ги прекинат. На крајот, овие непријатели го натерале новиот цар на Персија да издаде закон со кој ќе ја спречи градежната работа.

Поминале 17 години откако Израелците се вратиле од Вавилон. Јехова ги испратил своите пророци Агеј и Захарија да му кажат на народот дека треба повторно да започне со изградбата. Народот имал доверба дека Бог ќе му помогне и ги слушал пророците. Тие повторно почнале да градат, и покрај тоа што законот велел дека не смеат.

Затоа, еден персиски управител, по име Татанај, дошол и ги прашал Израелците кој им дозволил да го градат храмот. Израелците му рекле дека, кога биле во Вавилон, царот Кир им рекол: 'Одете во Ерусалим и изградете го храмот на Јехова, вашиот Бог‘.

Татанај испратил писмо до Вавилон и прашал дали е вистина дека Кир, пред да умре, го рекол тоа. Наскоро стигнало писмо од новиот цар на Персија. Тој потврдил дека Кир навистина го рекол тоа. Затоа царот напишал: 'Дозволи им на Израелците да го градат храмот на својот Бог. А тебе ти заповедам да им помогнеш‘. За околу четири години храмот бил завршен, и Израелците биле многу среќни.

Поминале уште многу години — скоро 48 години откако храмот бил завршен. Народот во Ерусалим бил сиромашен, а градот и Божјиот храм не изгледале многу убаво. Во Вавилон, Израелецот Езра дознал дека Божјиот храм треба да се поправи. Затоа, знаеш ли што направил?

Езра отишол да го посети Артаксеркс, царот на Персија, а тој добар цар му дал на Езра многу подароци за да ги однесе во Ерусалим. Езра ги замолил Израелците во Вавилон да му помогнат да ги однесе овие подароци до Ерусалим. Околу 6.000 луѓе рекле дека ќе одат. Тие требало да однесат многу сребро, злато и други скапоцени работи.

Езра бил загрижен бидејќи по патот имало лоши луѓе. Овие луѓе би можеле да им го земат среброто и златото и да ги убијат. Затоа Езра го повикал народот да се собере, како што можеш да видиш на сликата. Потоа му се помолиле на Јехова да ги заштити на нивниот долг пат до Ерусалим.

Езра и народот се молат

Јехова навистина ги заштитил. И по четири месеци патување, тие безбедно пристигнале во Ерусалим. Зарем ова не покажува дека Јехова може да ги заштити оние што имаат доверба во неговата помош?

Езра, поглавја 2-8.



Прашања

  • Колку луѓе долго патувале од Вавилон до Ерусалим, но што нашле кога стигнале?
  • Што почнале да градат Израелците откако пристигнале, но што направиле нивните непријатели?
  • Кои биле Агеј и Захарија, и што му кажале тие на народот?
  • Зошто Татанај испратил писмо до Вавилон, и каков одговор добил?
  • Што направил Езра кога дознал дека е потребно да се поправи Божјиот храм?
  • За што се молел Езра на сликата, како била услишена неговата молитва, и што учиме ние од тоа?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Езра 3:1-13.

    Ако некогаш се најдеме во место каде што нема собрание на Божјиот народ, што треба да продолжиме да правиме? (Езра 3:3, 6; Дела 17:16, 17; Евр. 13:15).

  • Прочитај Езра 4:1-7.

    Каков пример му оставил Зоровавел на Јеховиниот народ во врска со меѓуверството? (2. Мој. 34:12; 1. Кор. 15:33; 2. Кор. 6:14-17).

  • Прочитај Езра 5:1-5, 17 и 6:1-22.

    Зошто противниците не можеле да ја спречат изградбата на храмот? (Езра 5:5; Иса. 54:17).

    Како постапката на еврејските старешини ги поттикнува христијанските старешини да бараат водство од Јехова кога ќе се соочат со противници? (Езра 6:14; Пс. 32:8; Рим. 8:31; Јак. 1:5).

  • Прочитај Езра 8:21-23, 28-36.

    Пред да одлучиме нешто во животот, што ќе направиме ако се угледаме на Езра? (Езра 8:23; Пс. 127:1; Изр. 10:22; Јак. 4:13-15).